Најнапред голем поздрав до "виновниците" заслужни за издавањето на ова списание и Ви посакувам многу успех во иднина.
Имам неколку прашања во врска со звучникот Транс 8. Што значи поимот дампирање - обложување на звучната кутија, или пак целосно исполнување на кутијата? Доколку е обложување, дали треба да се обложи и внатрешната коса преграда? Со што треба да се прицврсти облогата - со некој вид лепило (кое?) или на некој друг начин? Одговор на овие прашања не најдов во постарите броеви. Дали елементите од свртницата се поставуваат на ППК и каде во кутијата? И на крај, од Вас би побарал помош во изборот на засилувач кој се вклопува со овие звучници - дали засилувачот со 2x50 W (ЕМИТЕР 7-8/04), или 150 W засилувачот од ЕМИТЕР 10/03 ?
Ви благодарам однапред,
Александар Илиоски
Одговор на сиве овие ваши прашања можевте да најдете во старите броеви на ЕМИТЕР. Поимот дампирање значи употреба на материјал за пригушување на звукот, со кој или се обложуваат сите внатрешни страници на звучната кутија (освен предната!), или се полни целиот волумен на кутијата. Значи, поимот дампирање може да значи и обложување, и целосно исполнување - ова го пишува во ЕМИТЕР 5/95, а и во некои подоцнежни броеви. Што се однесува до начинот на дампирање на Транс 8, одговорот можете да го најдете во рубриката "Писма" во ЕМИТЕР 10/04, каде еден читател ги постави истиве прашања. Нема потреба да употребувате лепак, туку целосно исполнете го волуменот на кутијата со полиестерски материјал, кој треба да го исечете на ленти и нив вертикално да ги поставите во внатрешноста - како што и пишува во текстот за проектот Транс 8.s
Свртницата задолжително направете ја според коригираната шема објавена во рубриката "Писма и исправки" во ЕМИТЕР 5/04. Елементите од свртницата не морате да ги лемите на печатена плочка, туку можете да ги залепите со силиконски пиштол-лепак на плочка од шперплоча или некоја тврда пластика и потоа директно да ги залемите елементите меѓусебно. Плочката со свртницата можете да ја поставите каде што сакате, па дури и надвор од кутијата, со едноставно зашрафување или лепење со силиконски пиштол-лепак.
Со засилувачот од 150 W можете да постигнете за речиси 5 dB појак звук во однос на засилувачот од 50 W. Бидејќи Транс 8 е слабо ефикасен звучник (т.е. не е гласен), подобро решение е засилувачот од 150 W. Но, ако не слушате музика многу гласно, тогаш добро решение е и засилувачот од 50 W или некој засилувач помеѓу 50 и 100 W направен со ИК од STK серијата според проектот од ЕМИТЕР 6/05.
На крај, ви пожелуваме успех во изработката на проектите од ЕМИТЕР. Се надеваме дека ќе уживате во резултатите на вашиот труд.
Владимир Филевски