Брум во засилувачот со ТДА 7295

Почитувана редакцијо,
Од претходните написи во ЕМИТЕР, изградив НФ засилувач на моќност со TDA 7295 (стерео изведба) со напон на напојување од +/-30V како што беше наведено и стерео предзасилувач со Volume/Tone контрола реализиран со TDA1524A кој се напојува од истиот мрежен трансформатор. Комплетниот склоп функционира одлично, но имам еден мал проблем. Имено, кога на влезот ќе се приклучи уред, на излезот се јавува мал брум и шум, дури и кога уредот не е вклучен т.е. нема никаков сигнал. Напоменувам дека овој несакан звук го нема доколку на влезот нема приклучен друг уред, дури и при крајна побуда на засилувачот. Дали овој проблем би се решил со употреба на универзален предзасилувач и како би го прилагодил да се напојува од истиот мрежен трансформатор?
Доколку има решение и истото е објавено во некој од броевите на ЕМИТЕР би ве замолил да ми го испратите тој број.
Александар Георгиев од Битола

Брумот односно шумот кој се јавува на излезот од засилувачот најверојатно е резултат на непожелна јамка која најчесто се затвара преку водот за заштитно заземјување на излезниот засилувач и уредот на влезот. Ова најлесно може да се констатира ако на влезот од предзасилувачот приклучите уред кој има сопствено батериско напојување независно од градската мрежа (на пр. Walkman или Discman). Ако и во овој случај на излезот постои брум тогаш проблемот е во кабелот со кој го поврзувате уредот на влезот од предзасилувачот. За потсетување, оклопот од кабелот на едниот крај треба да биде поврзан со масата на уредот, а на вториот со масата на предзасилувачот.
Ако брумот е последица на јамка која ја формираат уредите поврзани во ланецот, за негово елиминирање потребно е на некој начин таа да се прекине. Еден можен начин на прекинување на јамката е со изолирање на масата на уредот од неговата шасија односно кутија. Доколку ова е невозможно или недозволиво (на пр. кај компјутерот) пробајте го следново: Оклопот од кабелот со масата на предзасилувачот поврзете ги преку отпорник од 100 оми. На овој начин значително се зголемува отпорноста на јамката и се спречува протекување на паразитни сигнали низ неа кои на излезот генерираат несакан шум. Ако и ова не ви помогне тогаш како крајно решение препорачувам да направите еден класичен изолациски бафер предзасилувач со симетричен влез и несиметричен излез како на сликата. Со него масите на влезниот уред и предзасилувачот се речиси целосно изолирани, со што на ефикасен начин се елиминира можноста од појава на брум како резултат на несакана јамка помеѓу приклучените уреди на влезот и излезот. За напојување на ова коло потребен е стабилизиран симетричен напон од ±15V кој може да се добие со намалување и стабилизирање на напонот за напојување на излезните засилувачи.
Дејан Трпески