"Сонцобран" околу Земјата

Здраво ЕМИТЕР!
Имам една идеја, па Ви пишувам за да ми кажете дали оваа идеја некогаш може да биде реалност, т. е. дали ова е можно:
Пред неколку дена додека ја следев временската прогноза, т. е. податокот за УВ-индексот, видов дека тој е многу висок, па се присетив на статиите од ЕМИТЕР: Системи од прстени (3/07) и Нанотехнологија (7-8/07), и ми "светна" една идеја, со која би можело ултравиолетовото зрачење од Сонцето на Земјата да се елиминира. Ова би се постигнало ако на Земјата се "направат" вештачки прстени (слични како оние на Сатурн, но овие на Земјава би биле потенки и пошироки, за да заштитуваат поголема површина на Земјата), така што тие би биле "изградени" од честички кои би биле многу мали за да ја рефлектираат видливата светлина, така што би ја рефлектирале само ултравиолетовата светлина (ЕМИТЕР 7-8/07, Нанотехнологија). За да се обезбеди заштита од УВ-зраците на Земјата потребни се повеќе прстени, па веројатно тие би требало да бидат на различна висина.
Во "Системи од прстени" од Е3/07 прочитав зошто не е можно планетите кои се поблиску до Сонцето да имаат природни прстени, но не е невозможно на Земјата да има вештачки прстени. Денес технологијата е на многу високо ниво, така што ништо не е невозможно, ако се обезбедат потребните финансии и ако некој сака да го направи тоа. Со заштитата од УВ-зраците на Земјата, луѓето ќе можат слободно да излегуваат надвор во попладневните часови без никаква заштита од Сонцето, ќе се намали глобалното затоплување, многу пустини би можеле да станат шуми, со што би се намалило количеството на CO<sub>2</sub> во воздухот...
Дали оваа моја идеја би била возможна, доколку би се обезбедиле потребните финансиски средства (веројатно повеќе од 50 милијарди долари)?
Поздрав,
Небојша Наумчески, Гостивар

Идејата за планетарен "сонцобран" уште многу одамна е обработена од повеќемина писатели на научно-фантастични приказни и романи (на пример, "Прстен" од Лари Нивен). Сепак, вашата идеја има оригинални елементи. Иако, во принцип, оваа идеја може да се изведе, таа нема да чини 50 милијарди долари, туку 50.000.000.000.000.000.000 милијарди долари. Многу поевтино решение е секој човек годишно да добива по 50 kg крем за сончање, заштитен фактор 30. Патем, УВ-зрачењето (само по себе) не влијае на глобалното затоплување, ниту на намалувањето на површините под шуми.
Инаку, убеден сум дека целата оваа хистерија со уплавот од УВ-зрачењето е потполно неоснована! Цели 30 000 години на луѓето не им пречело УВ-зрачењето, а сега наеднаш тоа ти било опасно! Поточно кажано, тоа УВ-зрачење било исто толку опасно пред 30 000 години, колку и сега! И што со тоа? Што им фалело на сите оние генерации на луѓе во последниве 30 000 години? Да не испоумреле сите од рак на кожата?! Точно е тоа дека во последниве триесетина години е зголемено УВ-зрачењето заради намалувањето на озонскиот слој, но кој знае какво било УВ-зрачењето (и озонскиот слој) пред 3.000 или пред 30.000 години?
Сепак, добро е што размислувате за еколошките проблеми. Можеби би било добро вашата идеја да ја разработите и да ја изложите во нашата нова рубрика ЕУРЕКА.
Владимир Филевски