Најнапред голем поздрав до редакцијата! Мене ме интересира нешто повеќе околу стабилизираните извори на напојување. Планирам да изградам еден "универзален" извор на напојување со можност за регулација на напон кој би го користел за напојување од уреди со мала потрошувачка до моќни аудиозасилувачи, што значи напонот би се движел во опсег од околу +/-15V до +/-70V, а струјата до 10 ампери. Јас немам доволно искуство во оваа област и не знам ни дали ваква регулација (дури и со моќен трансформатор) е воопшто можна. Доколку е ова можно и доколку веќе имате објавено некој сличен проект во претходните броеви, би бил благодарен ако ме информирате за тоа.
Многу поздрав,
Зоран Гуревски од Скопје
Стабилизиран извор со регулација за толкав напон и струја е можно да се направи, но тоа ќе ве чини многу. Проект за професионален извор со слични карактеристики имаме објавено во боревите 1, 2 и 3/99 и за него ги имаме потребните плочки и самолеплива предна маска (видете во ППК сервисот на крајот од предходниот број). Сепак, ви посочувам дека напојувањето за моќните аудиозасилувачи не мора да биде стабилизирано, што значи дека за напојување на другите уреди можете да си направите стабилизиран извор за помали напони и моќности (како тој во бројот 3/03), а за напојување на засилувачите кои ги тестирате, да користите обичен грецов насочувач со големи електролити и евентуално неколку секундарни напони на трансформаторот.
Слободан Таневски