Сервисни шеми

Поздрав до сите во редакцијата на ЕМИТЕР!
Многу ми се допаѓа тоа што во секој број на ЕМИТЕР можат да се најдат сервисни шеми и упатства. Имам неколку прашања токму во врска со нив. Во шемата на засилувачот од активниот subwoofer Jamo SW 400E дали потенциометарот P2 е еден стерео потенциометар или се два моно? Кои се фреквенциите на оваа свртница?
Во врска со засилувачот Jamo A300: дали L1 е намотан на телото на R49? Секундарниот напон на трансформаторот е 2X50 V, но колку е другиот напон што оди на T 500 mA – дали е 12 V? Дали овој напон од 12 V се приклучува на R60?
За Jamo A300 пишува дека е потребен 400 VA трансформатор. Ако употребам 800 VA трансформатор, кондензатори од 47.000 µF и ако додадам уште излезни транзистори, ќе добијам ли поголема излезна моќност? Дали тогаш треба да се направат измени во лимитерот и на некое друго место и колкава треба да биде мирната струја?
Благодарам,
Јовица Данилоски од Ресен

Погрешно сте ја сфатиле намената на сервисните шеми во ЕМИТЕР. Тие шеми се наменети за сервисирање на конкретните уреди, а НЕ за изработка на пиратски копии на тие уреди! Дури и да направите "точна" копија на уредот, тој никогаш нема да звучи толку добро како оригиналниот фабрички уред (а и нема да има толку добри измерени карактеристики, се разбира). Причината е едноставна – производителите на тие уреди многу често употребуваат селектирани компоненти (на пример, идентични излезни транзистори), кои никогаш нема да можете да ги купите во продавница – особено не кај нас. Освен тоа, влијание на звукот има и печатената плочка – формата и траекторијата на патеките од бакарната фолија, распоредот на елементите на неа, итн. Некои уреди (на пример, засилувачот Densen) користат SMD компоненти, кои тешко дека ќе можете рачно да ги залемите (ако воопшто успеете да ги најдете некаде), а со стандардните компоненти сигурно ќе се добијат полоши карактеристики. Ако сакате сами да направите некој уред со проверени карактеристики, користете ги проектите објавени во ЕМИТЕР, за кои се објавени сите детали за нивната градба, а за евентуалните нејасни работи или проблеми на располагање секогаш стои авторот на уредот и редакцијата на ЕМИТЕР. Од друга страна, објавените сервисни шеми можат да послужат и да се научат некои "финти" од конструкторите на тие уреди :– погледнете ги шемите на засилувачите NAD и Densen. Се разбира, за да се сфатат тие "финти" потребно е многу знаење и искуство.
Прашањата кои ги поставувате излегуваат надвор од рамките на она што списанијата во светот го прават за своите читатели. Едноставно речено, вие не само што барате да направиме анализа на работа на комерцијален уред, туку барате и да направиме негова модификација! Ниту едно списание во светот нема да го направи тоа! Поточно кажано, можеби и ќе го направи, но само ако му платите 10.000 евра, или повеќе. Толку е цената за ангажирање на инженер, експерт за аудио електроника, кој ќе направи детална анализа, ќе ги направи потребните модификации, ќе изработи прототип и ќе го тестира и провери во практиката. Но, повторно ќе докажеме дека ЕМИТЕР е уникатно списание, и тоа во светски рамки – еве ги одговорите на повеќето ваши прашања.
Кога некој ќе ви го донесе Jamo SW 400E на сервисирање, визуелно лесно ќе откриете дека потенциометарот P2 е еден стерео потенциометар. Тоа истото може да се дознае и од анализа на делот од шемата каде се наоѓа P2 – тоа е најобичен филтер од втор ред. Граничната фреквенција на филтерот може да се менува од 84 Hz до 187 Hz.
Кога некој ќе ви го донесе Jamo A300 на сервисирање, визуелно лесно ќе откриете дали калемот L1 е намотан на телото на отпорникот R49, или не. Од сервисната шема се гледа дека наизменичниот напон кој доаѓа на осигурувачот T 500 mA понатаму оди на грецот D202, се филтрира и постанува еднонасочен од 12 V, што значи дека наизменичниот напон на секундарот треба да биде приближно 9-10 V. Според сервисната шема, добиениот еднонасочен напон од 12 V оди на R60, на R48 и на релејот RL1.
Ако во засилувачот Jamo A 300 ставите трансформатор од 800 VA и додадете уште излезни транзистори, нема да добиете поголема излезна моќност!!! За да се добие поголема излезна моќност, трансформаторот мора да има и повисок напон на секундарот! Се разбира дека мора да се направи измена на лимитерот, а и на многубројни други места! Кои се тие измени, колкава треба да биде мирната струја и што сè треба да направите за да добиете помоќен засилувач од Jamo A300, можете да дознаете ако на жиро сметката на редакцијата на ЕМИТЕР уплатите 10.000 евра :-).
Владимир Филевски