Топлинска изолација на ѕид од непечена тула

Најнапред пофабли за веб-страницата и имам едно прашање за г. Петар Николовски.
Сакам да изведам термичка изолација на фасадата, но имам една дилема. Ѕидовите на куќата се од стара непечена полана тула и како фасада е користена т.н. малтерисана "трска". Дали да користам "YTONG" цигли, да изѕидам уште еден ѕид од надворешната страна, или доволно ќе биде да конструирам ѕид од "стиропор". Ве молам за предлози и сугестии.
Благодарам однапред.
Александар Тефов, Кавадарци

Системите за надворешна топлинска изолација на ѕидовите на база на стиропор или стаклена/минерална волна се многу лесни (околу 15 kg/m2) и не претставува проблем ѕидната конструкција да издржи вакво минимално оптоварување. Меѓутоа, тие бараат солидна подлога врз која стиропорот или волната ќе бидат залепени. Вашите ѕидови од т.н. "ќерпич" (непечена тула) со малтер врз трска во никој случај не претставуваат сигурна подлога за ваква изолација. Затоа, вашето размислување за дополнително ѕидање нов ѕид од надворешната страна е сосема исправно.
Од вашето писмо не може да се разбере дали објектот е приземен или има и кат и дали ѕидовите од непечена тула го носат покривот или во нивниот состав се и дрвени греди (т.н. "бондрук"), врз кои лежи покривната конструкција. Ова прашање е важно од аспект, дали новиот ѕид ќе ја преземе покривната конструкција, во кој случај тој треба да е носив, со сопствен темел и статички да е димензиониран.
Од аспект на топлинско-изолациски карактеристики на новиот ѕид, можете да употребите блок -тула со шуплини или гас-бетон (Ytong), со дебелина 20 - 25 cm. Варијантата со гас-бетон има значително подобри изолациски својства. Минималната дебелина на надворешната топлинска изолација (стиропорот) нека биде 6 cm за ѕидот од гас-бетон и 8 cm за тулата. При одлуката кој материјал ќе го употребите за ѕидање, сигурно е дека ќе ги споредите и цените за двете варијанти.
Петар Николовски