Преправки на автоматот за училишно ѕвонче

Почитувани,
Го изработив автоматското училишно ѕвоно од Емитер 12/09, но проблем ќе биде со одморите. Имено, вака конципирано нема да биде функционално, бидејќи мора да се овозможат одмори од 5, 10 до 30 минути помеѓу одделни часови (што зависи од училиштето). Во разговор со неколку наставници по ОТП видов дека има потреба и желба да се направи овој уред и на часовите по ОТП, но треба да се направат наведените измени, па макар да се усложни плочката и да се додадат дополнителен бројач и транзистори. Доволни се 7 часа, бидејќи повеќето училишта во Велес работат во две смени и максимум можат да си дозволат 7 часа.
Значи, доколку авторот, г. Петар, може и сака, би го замолиле (во име на повеќе ваши читатели) да стори напор и да направи дополнителна плочка со бројач и транзистори кои би се додале на постоечката конструкција.
Инаку, јас за 1000 денари набавив компјутерче P1 на 333 MHz и го оспособив за работа само со програмата RADUGA. Оваа програма е наменета за радиостаници, за правење програма. Се прави листа на одмори (со музика, реклами и џинглови) па се остава празен (silent) простор од 2700 секунди за секој час. Музиката може да се менува секој ден, само да се запази тајмингот (времетраење на одморите). Додека трае часот, може да се изврши мануелна корекција и да се скрати часот. Не сум имал директна потреба за тоа па направив неколку плеј-листи меѓу кои има две со по 30 минутен фонд на часовите, така што може да се комбинира по потреба. Исто така програмот има и временско нагодување (самостартување) кое во зададено време самото ја активира програмата. Исто така постои систем за преклопување на музичките нумери (се бира време и начин на преклопување на нумерите). Програмата добро работи и со Win 98 и XP.
Поздрав,
Љупчо Данов

Да се нацрта нова шема и плочка со сите додатоци и можности кои ги спомнувате не е мала работа и тоа излегува од рамките на рубриката "Писма". Исто така и концепцијата на прикажаниот автомат е таква што речиси не е можно да се преправи во некое универзално решение кое ќе одговара на сите потреби, во поглед на траењето на часовите, позициите и траењата на одморите, кои се различни во различни училишта и за различни денови/ситуации. Заради овие причини уште кога тргнавме во реализација на спомнатиот проект заедно со авторот одлучивме да се прикаже една основна верзија и да се дадат упатства за секој кој ќе има потреба да може да го модифицира автоматот согласно своите потреби. Значи, ги имате сите информации да го надградите/измените колото онака како што сакате - дел од преправките можете да ги направите на постоечката плочка, а за некои дополнителни кола направете посебна плочка и поврзете ја на соодветен начин со главната.
Во план ни е да подготвиме и објавиме уште два (посложени) проекта за автоматско училишно ѕвоно, едниот со класични дигитални кола, а другиот со микроконтролер, кај кои ќе биде можно лесно да се изврши промена на траењето на часовите и одморите. Меѓутоа кога (и дали) ќе се случи реализација на овие проекти сега не би можел да ветам ништо.
Значи, за сега останува можноста да го изработите автоматското ѕвоно од бројот 12/09 со преправките кои ви се потребни или за таа намена да користите компјутер со програмата Raduga. Во овој контекст повторно ќе го спомнам она што колегата Петар Аврамовски го има кажано во својот текст: колку има смисол еден компјутер да биде "деградиран" и да работи како обичен прекинувач, а при тоа дневно да троши неколку kWh, спротивно на светските трендови и повици за рационално трошење на електричната енергија?
Слободан Таневски