Почитувана редакцијо,
1. Денеска ја лемев плочката за електронскиот товар објавен во Емитер 12/09 и забележав дека има вишок лемни точки кај SOC2 и IC2. За што служат тие?
2. Наместо термичките прекинувачи за термичка заштита користам 2 NTC термистори и дополнителен склоп, но не знам како да ги поставам термисторите. Дали да се постават после ладилниците и топлиот воздух да поминува покрај нив или, пак, термисторите да бидат допрени на самиот ладилник на крај (од кај што е кулерот што го влече топлиот воздух).
3. Го изработив електронскиот товар, го намонтирав, го вклучив, го оставив да поработи некое време на празно и...почна нешто да мириса чудно. Го исклучив уредот од струја и барав што се загрева. Кога ги допрев отпорниците R22 и R26 се ИЗГОРЕВ!!! Дали тоа е нормално за нив или, пак, има некоја грешка кај мене???
4. Го измерив напонот на краевите на отпорниците R22 и R26 и напонот е 10V, што одговара на мокност од околу 4,5W. Ја измерив и струјата што ја троши уредот и добив 1A (без никакви дополнителни уреди, без кулери или некои такви работи), а во Емитерот пишува дека троши приближно 0,5A!? Дали е тоа нормално или има некоја кај мене или, пак, кај вас? До сега го немам искористено како што треба, поточно не е оптоваруван бидејќи не знам дали уредот работи како што треба.
Бојан Јаневски
1. На плочката нема вишок лемни точки, но има лемни точки што во оваа изведба не се користат. Две од нив се наоѓаат лево од отпорникот R5, а две непосредно над изводите 11 и 14 на интегрираното коло IC2 – овие две точки се предвидени за приклучување на осцилоскоп при тестирање на уредот.
2. На кое место треба да ги монтирате NTC-отпорниците зависи од карактеристиките на дополнителниот склоп. Ако тој реагира на исти температури како и термичките прекинувачи (околу 65°C и 95°C), тогаш NTC отпорниците монтирајте ги таму каде што треба да стојат термичките прекинувачи. Патем и јас да ве прашам нешто. Зошто ви се два NTC-отпорника ако размислувате температурата да ја следите со мерење на температурата на топлиот воздух што струи околу транзисторскиот потрошувач?
3 и 4. Некаде сте згрешиле. Дури и при максимална струја на оптоварување од 20A низ отпорниците R22 и R26 тече струја помала од 250mA. Кога струјата на оптоварување е еднаква на нула (празен од) низ овие отпорници тече струја приближно еднаква на 10mA. За да утврдите каде сте згрешиле, една по една откачувајте ги компонентите во транзисторскиот потрошувач. Бидејќи кај вас низ двата отпорника тече голема струја започнете со единствената компонента која е заедничка за двете групи транзистори - грецовиот насочувач G2. Ако низ отпорниците и понатаму тече голема струја продолжете со откачување на транзисторите - T7 и T12, потоа T6 и T11 и сè така додека на откриете каде е грешката.
Георги Ефтимов