Издржливост на робустниот засилувач и примена на степ мотори

Во проектот за "50-ватен робустен засилувач" во Емитер бр. 3/10 во воведот е напишано: "....Крајно е робустен, имено тој е неограничено отпорен на краток спој и на својот излез испорачува повеќе од 50W на 4 ома....", додека при крајот на овој натпис е нагласено дека звучник со помала отпорност (импенданса) од 4 ома може сериозно да му наштети и да остави трајни последици на овој засилувач. Ова кај мене предизвика зачуденост бидејќи овие две тврдења меѓусебно се во крајна противречност.
Во написот "Не фрлајте - рециклирајте" наведени се неколку примери за искористување на делови од компјутер. Меѓутоа погонување на степ-мотор не е едноставно како кај другите мотори, па би сакал да ми помогнете околу тоа, доколку имате некое решение. Имено имам чекорен мотор од ласерски HP штампач, погонуван со помош на A3964SB, но сакам да го користам одделно од целиот склоп за моделарска дупчалка или вентилатор.
Статиите за мистерите на свеста, причините за леворакост, како и воведот во рачно електролачно заварување со обложени електроди ми се допаднаа многу, за кои не би сакал да коментирам, но би им доделил по едно "like" :)
Поздрав,
Горан Илиевски од Кичево

Прво би сакал да ви се заблагодарам за Вашиот интерес за објавените написи во Емитер и за Вашите коментари и прашања.
Точно, на почетокот во овој проект е напишано дека овој 50W аудиозасилувач крајно е робустен и неограничено отпорен на краток спој, додека на крајот е нагласено дека звучник со помала импеданса од 4Ω може да му наштети. Ова не е противречно! Сигурно забележавте дека во текстот од проектот е опишано колото за заштита од преголеми струи низ излезните транзистори T13/T14 изведено со транзисторите T11/T12 со придружните компоненти. Ова коло за активна заштита не дозволува да тече преголема струја низ излезните Дарлингтон транзистори во кус временски период, а ако пречекорувањето трае подолго време, осигурувачите F1 и F2 (кои се елементи за пасивна заштита) ќе избијат и ќе спречат оштетување на излезните транзистори. На тој начин е обезбедена трајна заштита од краток спој. Но заради отстапување во карактеристиките на компонентите и квалитетот кој го поседуваат (набавени на нашиот пазар!) можно е заштитата да реагира при нешто поголема струја, што значи дека нема да реагира ако приклучиме звучник со импенданса помала од 4Ω (може да реагира, на пример, дури на 2Ω)! Во ваков случај, долго време низ излезните транзистори ќе тече поголема струја од нормалната, тие ќе се греат повеќе и нивниот работен век ќе се намалува, па во одредена ситуација ќе прегорат. Затоа на крајот од написот препорачав, за секој случај, да не се приклучуваат звучници со импеданса помала од 4Ω!
Да додадам и ова: Многу познати светски фирми кои произведуваат интегрирани кола наменети за аудиозасилувачи даваат декларација дека истите се отпорни на краток спој итн,…но и тие во одредени услови (од моје искуство) се случува да прегорат! Нема ништо сигурно (идеално)!
Славко Стојковски

Степ моторите се наменети за остварување на прецизни движења какви што се потребни во печатачите, апаратите за копирање и слично. Таму најчесто и ги наоѓаме, па потоа размислуваме како да ги употребиме. За жал нивната пренамена не е лесна затоа што е потребна сложена електроника за побуда. Сложена - се мисли во однос на примената на моторот - вентилатор, дупчалка и слично. Тоа Вие најверојатно го знаете штом знаете за интегрираното коло A3964SB. Ние може да се нафатиме и да проектираме коло за побуда, но цената на тоа коло ќе ја надминува цената на половниот степ мотор, а ако уште го земеме предвид потрошеното време цениме дека е некорисно да се зафатиме за една ваква работа. На крај од краиштата половните степ мотори се токму заради тоа и евтини, потполно се бескорисни без подршка на сложена електроника.
Кирил Крстевски