Уред за активно потиснување на бучава

Здраво,
Имам еден интересен предлог за рубриката електроника. Предлог проект за изработка на уред кој активно ќе ја сузбива бучавата во соба, автомобил и слични простории. Постојат аудиослушалки кои се изработуваат со ваков уред при што се овозможува одстранување на бучавата од околината каде се наоѓа слушателот со што се постигнува подобра изолација од околината и поголемо уживање во музиката. Сигурен сум дека сте запознаени со овие системи така што мислам дека нема да ви претставува проблем да изработите таков уред за употреба во автомобил или во некоја просторија. Ова би било дополнување на пасивната звучна изолација. Тоа би требало да биде некој инвертор на аудио сигналот за 180 степени при што ќе се поништи изворот до одредена јачина. Овој уред треба да може да се приклучи на веќе постоечки домашен или автомобилски аудиосистем при што аудиосигналот би се емитувал преку звучниците.
Замислете кое задоволство би го доживеале вашите читатели кои ќе го изработат овој уред. Нема повеќе да ги слушаат комшиите како викаат, тропаат, автомобилите што поминуваат под прозор ќе се слушаат помалку, тие што имаат постари автомобили ќе можат да уживаат повеќе наместо да се чувствуваат како да се возеле во хеликоптер.
Се надевам дека ви се допаѓа оваа идеја и дека е доволно интересна за да ја изработите за списанието, како новитет, бидејќи мислам дека до сега немате објавено ваков или сличен проект.
Ваш редовен читател!
Христијан Гроздановски

Активното потиснување на бучавата (Active noise cancellation) доживеа вистинска ренесанса во последните 2 до 3 години со развитокот на алгоритмите за дигитално процесирање на сигнали. Сепак тоа не е волшебно стапче со помош на кое бучавата се претвора во ѕвезден прав. Со цел да ги појаснам основните начела на ова поле, напишав цел напис на ова проблематика кој можете да го најдете на стр. 38.
Општо земено, системот дава добри реултати кога се работи за потиснување на бучава во мали волумени како што се слушалки, ауспузи или вентилциски отвори, но се покажува многу комплексен и скап кога се работи за големи волумени. Така, една моја физибилити студија направена во 2008 година токму на оваа тема, а се однесува на оживувањето на "акустички мртвата" сцена на Мекедонската опера и балет (нов објект на МНТ), покажува дека за конзистентно решение кое, колку толку би ја довел во нормала акустиката на овој простор, потребни се околу 500 000 евра во опрема!
Кога се работи за простор од неколку кубни метри, како што е автомобилската кабина, Сони во 2007 промовираше таков систем со 10 звучници, од кои 6 служат само за потиснување на бучавата. Неговата промотивна цена беше 2950 US$! Но, по сè изгледа поради многу лошите критики, Сони со откажа од сериското производство. Од друга страна, Тојота најавува во своите нови модели за 2010 година да примени систем за активно потиснување на бучавата кој се шири низ вентилациската мрежа, како и нов тип на систем за обработка на издувните гасови кој ќе користи комбиниран активен / пасивен систем за пригушување на бучавата.
Како што гледате, се работи за многу актуелна проблематика на која интензивно се работи и која сè уште не е имплементирана ни од најеминентните производители. Вообичаено е новите решенија во електрониката потешко да се достапни за самоградба, не само од аспект на набавка на потребните електронски компоненти туку, исто така, и од потребата за користење на патентирани алгоритми за дигитално процесирање на сигнали.
Сепак, во дигиталната технологија работите се одвиваат многу брзо, така што, гледано во блиска иднина, овие решенија ќе бидат достапни и во проекти за самоградба. Во секој случај ќе се размислува за реализација на ваков проекти, бидете уверени дека штом ќе биде возможен за самоградба, токму вие, нашите ценети читатели, ќе бидете благовремено известени.
Емилијан Иљоски