Перпетуум мобиле не е невозможно!

Почитувана редакцијо.
Ги прочитав прилозите во вашето и наше списание бр. 11/09 и како и обично бев задоволен од нив. Но!
Во прилогот "ПЕРПЕТУУМ МОБИЛЕ" 2 дел бев непријатно изненаден од написот на господинот Томе Скендеровски, кој претпоставувам, припаѓа на светот на науката, а ваму ни сервира една догма, односно догматско гледање на работите. Вели: "Тоа е утопија кула од карти и секогаш завршува со разочарување". Зачудува тоа што тоа свое тврдење го темели на магла, односно без ниту еден аргумент притоа. Едноставно не може и точка. Зошто? Затоа што јас така велам.
Па господа "технички писмени" сетете се, ако малку од малку го пратите историскиот развој на технолошкиот напредок, колку такви како вас го повторувале тој збор, а потоа останувале со отворена уста. Се надевам тоа не ќе му се случи и на авторот на тој напис. Во неговиот напис наведува некои примери кои се толку застарени и докажани. Па зарем само тие примери постојат во светот. Зарем не може да претпостави дека во светот армија иноватори, пронаоѓачи, инженери и научници ослободени од догми работат на проблемот, и кога и да е истиот ќе се реши. Во науката не постои збор не може, само што перпетуум мобилето бара многу повеќе размислување и работа и еден ден ќе биде решен и тој проблем. Зборот не може и точка, веројатно го прочитал некаде со оглед дека не изнесол никаков аргумент во прилог на тоа тврдење, а науката тврди само со докажани аргументи.
Денес во дваесет и првиот век и покрај сите достигнувања, човекот има откриено едвај неколку проценти од сето она што треба да биде откриено допрва. Сè уште има многу за откривање, меѓу другото и тоа фамозно "ПЕРПЕТУУМ МОБИЛЕ", кое и јас искрено не би го нарекол така туку "МОНОМОБИЛЕ", односно самодвижечко наместо постојано движечко, кое бара постојан материјал, а знаеме дека секој материјал се троши.
Добро би било, господинот Скендеровки и сите како него, во своето тврдење "не може" да изнесат барем еден аргумент зошто не може, тогаш и јас ќе им се придружам во хорот догматичари и заедно ќе викаме и повторуваме насекаде дека не може и за Перпетуум мобиле и за други, засега, невозможни, поточно "Невозможни", откритија.
Со почит,
Вани Николов, Скопје

Претпоставувам дека не сте го прочитале првиот дел од темата за Перпетуум-мобиле (во ЕМИТЕР 10/2009), бидејќи тогаш сигурно не ќе напишавте дека моето тврдење "го темелам на магла". Кога внимателно ќе го прочитате првиот дел од темата во која накратко се осврнувам за некои општи разгледи на перпетуум-мобилето, ќе забележите дека имам јасно нагласено каде и како ќе го најдете одговорот за неможноста на мисијата наречена перпетуум-мобиле, т.е. ќе ги најдете аргументите на кој го темелам моето размислување. На кратко: тоа се физичките закони, кои досега се докажани неброено многу пати, а се последица токму од начинот на кој функционираат нештата во Природата, поточно движењето. Затоа сите машини во светов, во оваа смисла, совршено добро функционираат (бидејќи тие машини се темелат токму на тие физички закони!), сите автомобили се движат и сите авиони летаат. Бидејќи Вие, претпоставувам, безгрижно се возите со автомобил, самите сте се увериле во исправноста на физичките закони, како што се најопштите закони за зачувување на енергијата, законите за термодинамика, итн – токму тие закони што овозможуваат автомобилот да се движи истовремено докажуваат дека перпетуум-мобилето е невозможно да се направи! Со други зборови: перпетуум-мобилето не е работа која постои ама науката сè уште не ја открила, туку науката веќе открила и докажала дека перпетуум-мобиле не постои и не може да постои.
И воопшто, "кројката" на Природата е таква да е овозможено ("загарантирано") движењето во неа, поточно: токму движењето ја направило Природата онаква каква е денеска и како ние ја гледаме. А движењето постои затоа што постојат и отпорите кон тоа движење затоа што токму тие отпори тоа го овозможуваат (дијалектичка спротивност! – консултирајте: Георг Вилхем Фридрих Хегел: "Феноменологија на духот" и "Наука за логиката"). Едноставно, за перпетуум-мобиле во Природата нема место затоа што тогаш, наспроти сите очекувања, сè ќе застане.
Секако, може да се изведе и индиректен (ако сакате и директен) математички доказ за неможноста за постоење на перпетуум-мобиле. Тоа би изгледало како што следува: за да постои перпетуум-мобиле потребна е апсолутна крутост на деловите кои меѓусебно налегаат, за притоа отпорите (од тркалање) да се елиминираат (анулираат). Во тој случај површинскиот притисок би бил бесконечен што е невозможно. Потоа, во тој случај фактички би немало налегнување на едното врз другото тело, па би немало ни допир, нити би се создал коефициент на триење (што е карактеристика на допирот), а следствено на тоа не би имало нити сила на триење (пример: тркало на подлога или на друго тркало) што би бил услов за движење. Значи, тркалата никако не можат да се завртат иако на едното од нив е приложен момент. Секако, ова е еден од безбројните примери на кој јасно се гледа "хаваријата" во размислувањето за некакво перпетуум-мобиле. Затоа констатацијата дека перпетуум-мобилето е утопија и кула од карти е точна, па колку таа констатација да не Ви се допаѓа.
Немам намера непотребно да се повторувам со моите размислувања на оваа тема па затоа би Ве упатил на првиот дел од мојот напис објавен во ЕМИТЕР 10/2009 со наслов "Перпетуум-мобиле: Дали, во денешно време, е навистина вечна инспирација?" и литературата која ја посочив погоре во овој одговор.
Томе Скендеровски