ЕМИТЕР со повеќе страници

Почитувани,
Јас сум студент и ваш редовен читател последниве неколку години, па конечно решив и да ви напишам нешто.
Како прво, јас сум многу задоволен со содржините на Емитер, а би бил уште позадоволен кога би имал повеќе страници макар и со поголема цена. Во продолжение ќе дадам некои свои коментари за последните два броја:
Кратките информации се интересни и корисни, ама треба да ги има повеќе и од повеќе области.
Серијата за 50 год. астронаутика е добар краток преглед, но за некои од мисиите би сакал да прочитам и подолги текстови (знам дека за некои од нив имаше во старите броеви).
Од фељтонот за НЛО очекував повеќе. Поминаа 4 продолженија, а сè уште нема ништо конкретно. Се кажаа многу работи од типот овој видел нешто, оној рекол нешто и сè така со по 1 или неколку реченици, но сето тоа е многу површно. Недостасува подлабока анализа на некои најинтересни НЛО случаи. Се надевам дека следните продолженија ќе бидат посодржајни, во длабочина, а не во количина на наброени НЛО случки.
Компјутерската рубрика е сè подобра и подобра - продолжете така.
Забележувам дека после ланскиот фељтон за звучните кутии објавивте само еден нацрт за изработка на звучник, а порано ги имавте почесто. Мислам дека младите имаат голем интерес за таа област (вклучувајќи се и себе), па затоа би предложил да давате такви проекти барем во секој втор или трет број.
Мобилните телефони исто така се многу интерсни, па и за нив треба да пишувате почесто.
Речиси во секој број пишувате за некој дигитален фотоапарат, ама апаратот сам за себе не е доволен. Како што во рубриките информатика, аудио/видео и електроника често пати давате практични совети за користење на разни уреди, така и овде треба да пишувате како правилно се слика, што значат и како треба да се наместат разните сетинзи кај апаратите и слично.
Електрониката мислам дека ви е добро покриена, има за секого - од почетник до професионалец. Сепак, би предложил почесто да имате проекти со микроконтролери (барем мене тоа ме интересира).
Текстовите за алтернативните погони кај автомобилите беа многу интересни, особено последниот за "откачените" погони :-))). Порано почесто прикажувавте нови модели на коли, а сега ретко тоа го правите. Убаво би било повремено да давате паралелен приказ на повеќе модели со нивните цени. Исто така, очекувам и некои текстови за практични работи, за ситни поправки, но и како да направиме баги :-))).
Физиката ви е јака рубрика. Од текстовите на Петар Лагудин научив многу нови работи, а и ова за ласерот е интересно. Уште да имаше нацрт како да го направиме самите...
Медицината и некои други рубрики (археологија, алати...) ретко ги има. Добро би било да ги има почесто.
Ова со рубриката Еурека ви е полн погодок, иако некои од научните трудови не ги разбрав. Меѓутоа, голем минус е што 1000-ватниот засилувач беше прикажан без шема и без измерени резултати. Вака излегува дека треба да веруваме во напишаното на "жими мајка", а според писмото од последниот број излегува дека не е за верување.
Толку од мене. Се надевам дека не ви одземав многу време и дека некои од моите предлози ќе бидат прифатени.
Срдечно ве поздравува
Тони Поповски, преку e-mail

Ви благодарам за деталното писмо. Вашите кометари и предлози се совпаѓаат со нашите желби и планови. Некогаш не успеваме да ги реализираме поради недостаток на простор, некогаш поради недостаток на соодветен соработник, а некои едноставно "не стигнале на ред". Како и да е, ќе се потрудиме во следните броеви да реализираме повеќе од вашите и наши желби, а во таа насока сериозно ќе ја разгледаме и опцијата за зголемување на бројот на страниците на ЕМИТЕР.
Слободан Таневски