400W засилувач ми звучи слабо!

Изработив стереоверзија од МОСФЕТ засилувачот од ЕМИТЕР 7-8/09, има квалитетен звук но е релативно слаб и нема повеќе од 100W/4Ω (rms). За напојување користам солидно напојување со торусен трансформатор (за стереоверзија) од 400VA со DC-напон Us=±48V. Но, засилувачот е слаб и не ги исполнува карактеристиките што ги имате наведено во проектот околу моќноста.
Моќноста не сум ја измерил, ама не ми е прв засилувач и знам како изгледаат 270W /4Ω (RMS), а ова е една третина од тоа. Затоа ме интересира дали можеби има некоја грешка во шемата или нагодувањата и дали ќе се добие плус на моќност со додавање на уште еден пар на мосфет транзистори на излез?
Мацко МК преку е-пошта

Шемата на засилувачот сигурно е точна. Синусната излезна моќност на спомнатиот засилувач (со квалитетно напојување од ±50V) сигурно изнесува 270W/4Ω, во случај да се користат транзисторите 2SK1530/2SJ201, а 230W/4Ω, кога излезните транзистори се IRFP240/IRFP9240. И во двата случаја музичката (врвна, "пик") излезна моќност е 400 W.
Тоа што вашиот засилувач (субјективно) има помала моќност може да се должи на неколку фактори:
1. Малата моќност на употребениот трансформатор – вие користите трансформатор од 400 VA за стереоизведба, а потребен ви е од најмалку 600 VA (како што е наведено во проектот)! При максимална излезна моќност на засилувачот, вашиот трансформатор со моќност од 400 VA на секундарот ќе даде помал напон, а со тоа и засилувачот нема да може да ја постигне декларираната моќност. Понатаму, во филтерскиот дел во секоја гранка треба да имате кондензатори од најмалку 20000µF/63V.
2. Грешка во изработката или неисправност на некој елемент.
3. Недоволна побуда – можеби изворот на аудиосигнал има мал излезен напон?
4. Неефикасни звучници или звучници кои имаат импеданса повисока од 4 оми.
Елиминирајте ги наведените причини и пробајте повторно. Но, препорачувам овој пат тоа да не биде "од око" (т.е. "од уво"), туку со мерење. Разликата помеѓу 200W и 100W е <b>само 3 dB</b> и таа разлика не може да се забележи со слушање ако не се спроведе А-Б слушен тест (наизменично споредбено слушање на двата засилувача, со претходно <b>идентично нагодување на нивната осетливост</b>).
Што се однесува до додавање на уште еден пар на излезни транзистори, тоа нема значително да ја зголеми излезната моќност на засилувачот, ако се задржи истото оптоварување од 4 оми. Но, со додавање на уште еден пар излезни транзистори се зголемува максималната излезна струја што може да ја даде засилувачот (можност за работа со импеданси пониски од 4 оми) и се зголемува работниот век на транзисторите поради нивното помало загревање (во ваков случај низ секој транзистор ќе тече помала струја).
Славко Стојковски