Е, мој емитеру.
Те следам од почеток но, во овој број (3/12) го достигнавте врвот со текстот од Филевски и Тошоски за HHO лагите! По читањето на истиот се запрашав колку е мудро за едно списание од областа на унапредување на техниката и науката да дозволува дунстери за таква тема да шират магла во јавноста. Кој е тој стручњак Филевски кој од наука видел два звучника и направил едно појачалце за награда да дебатира за тема за која, ама блага врска нема? По напишаното од нивна страна се гледа дека имаат најосновно непознавање за работата на хидрогенските системи и нивната ефикасност, а се сомневам дека воопшто и знаат каков е принципот на работа. Со нивното неквалификувано изнесување на шарени лаги, токму тие се генераторите на лаги! Им советувам на тие ваши "стручњаци за сè и сешто" (а во основа за ништо) да погледаат во книгите по хемија, физика, да прочитаат информации, да погледаат дека во Јапонија на саем е изложен мотоцикл кој работи исклучиво на HHO, да разгледаат на You tube, да се распрашаат по корисници за да разберат дека HHO е висок дострел за некои што животот го свеле на лаги за тоа дека се разбираат од аудиотехники и од правење дрвени звучни кутии за лажење деца. Лесно е неаргументирано, без никакви испитувања и без користење формули и пресметки да тресат и да злоупотребуваат медиумски простор за ширење лаги!
Не ја разбрав целта на еден ваков текст, а ако не е нарачан од некои "засегнати странки" на кои хидрогенскиот систем им смета за профит, тогаш буквално нивните "стручни" коментари се на ниво на еден "МАЛИ буцко размишља". Им препорачувам, како прво, да постават таков уред, да го тестираат со премери, официјално и да ги докажат таквите тврдења, а не да лупаат глупости за лечење свои фрустрации. Треба да изнесат во јавноста со кои тестови тврдат дека искажаното во текстот е вистина? Кога го мереле системот и неговата работа? Јас го имам инсталирано и им тврдам дека ја врши својата работа како помошен уред веќе подолг период, додека тие двајца се занимаваа со ширење лаги околу нивните "звучничиња и звучни кутиички" наменети за квазиаудиофили. Значи, практично се користи, а дали штеди и каква е иднината на хидрогенот како најмоќно гориво, тие двајца квазистручњаци нека отворат книги и нека читаат. Постојат формули и пресметки, но очигледно нивниот интелект и напредок е застанат кај изработката на дрвени звучни кутии.
Очигледно Емитеров неможе да се извлече од "досадните написи" на два-тројца пискарала кои во секој број се претставуваат како наводни стручњаци за секоја област... од образование, земјоделие, трговија, електроника, HHO, бензини ..., а всушност???? се безвредни пискарала на кои ниту една колумна не треба да се зема за релевантна. Подолго време ми се чини дека тие го узурпираат просторот во ЕМИТЕР и на списанието му прават повеќе штета отколку корист, а од овој напис веќе и јас ќе престанам да го читам од причина што ЕМИТЕР е всушност генератор на лаги, едноставно – кочничар за сè што може да биде напредно. Која е целта на таквите лаги, само вие си знаете. Едно време некои слични на ЕМИТЕР и Филевци и Тошевци тврдеа и ги правеа вештери Коперник, Колумбо, Тесла. Во едно минато време постоеја слични на овој ЕМИТЕР што тврдеа дека плинот бил опасен, бил ваков-таков, а целта им била да го спречат омасовувањето. Како врв на треснатата глупост од тие двајца е споредбата на HHO системите со перпетуум мобиле?? Каква невидена техничка неписменост! Очигледно е нивното врвно познавање на работите, и фала богу што се сведени на пискарање по вакви технички незначајни списанија како овој ЕМИТЕР, кој е всушност бледа копија на еден врвен бренд – Сам свој мајстор – каде што секое тврдење се даваше со доказ со тест и премер. Само во овој ЕМИТЕР може два-тројца квазистручни и квазиинтелекти за техника да тресат глупости, но изгледа вистинските "потковани" стручни луѓе ниту ЕМИТЕР го сфаќаат сериозно, ниту гледаат некаков двигател напред во техниката. Самиот ЕМИТЕР се сведе на обичен жолт печат, каде што се објавуваат застарени проекти кои ги изработувала баба ми пред сто години, и станавте фактор за заглупавување на младите.
По сево ова, од моја страна со критикава – толку, и тврдам дека токму ЕМИТЕР е ...големиот генератор на лаги заедно со "стручњаците за секоја област" кои се обидуваат да сејат магла. Ова е последното нешто што го читам, го пишувам, а и што го купувам од ова списание!
Тото, преку ел. пошта

Почитуван г. Тото,
Поводот за Вашето жолчно писмо е написот (мој и на колегата Тошоски), во кој се разобличува лагата за делотворноста на HHO генераторот, па според секоја логика очекував да пишувате за таа тема. Но, не знам зошто, во Вашето писмо се зафаќате и за една друга, сосема различна област – аудиотехниката. Притоа, без никакви аргументи, ја доведувате во прашање мојата стручност за звучниците и засилувачите, и воопшто, моите знаења за аудиотехниката. Очигледно, не Ви е познато дека мојата стручност за аудиотехниката, а особено за звучниците и звучните кутии, веќе ја имам докажано на светско ниво – мој научен труд е објавен во зборникот на научни трудови IEEE Transactions on Consumer Electronics на Светското здружение на електроинженери IEEE (Institute of Electronics and Electrotechnical Engineers). Овој зборник на научни трудови има апсолутно највисок импакт-фактор во научниот свет во таа област. Покрај овој успех, јас имам презентирано 5 свои научни труда на годишните светски конгреси на Светското здружение на аудиоинженери AES (Audio Engineering Society), и уште еден научен труд на годишниот светски конгрес на IEEE Consumer Electronics. Камо среќа Вие во Вашата професионална (или хоби) област да постигнете половина од она што јас сум го постигнал на светско ниво од областа на аудиотехниката. Како и да е, редакцијата на ЕМИТЕР со задоволство ќе ги објави сите Ваши светски научни дострели (од Вашата област), на увид на целата македонска јавност, веднаш штом ќе ни ги доставите.
Да се вратам на темата за HHO генераторот. Во Вашето писмо се сомневате и во моите знаења во врска со темата за HHO генераторот, но петките по физика и хемија што сум ги добил во седмо одделение основно училиште, ме прават доволно квалификуван да ги соборам сите заблуди (или лаги) на оние кои ги промовираат HHO генераторите. YouTube не е сериозен извор на информации! За сериозно учење и добивање релевантни информации луѓето измислиле учебници, книги, стручни и научни списанија. Со оглед на неадекватно претераниот гнев кој блика од Вашето писмо, не можам да се ослободам од впечатокот дека Вие најверојатно имате некаков профит од продажба или од вградување на HHO генераторите. Од друга страна, јас немам никаква врска со нафтениот бизнис.
Интересно е тоа што Вие во Вашето писмо не употребивте ниту еден аргумент во корист на HHO генераторот, ниту една бројка или формула, а мене ме обвинувате дека не сум користел формули и пресметки! Е токму за тоа грешите: во текстот ја пресметав вкупната ефикасност на системот бензиски мотор – алтернатор, со бројки (14%), а исто така пресметав колку вишок енергија (неверојатни 7 пати!) би требало да даде HHO генераторот за воопшто да има некаква заштеда на бензин. Со тоа, многу лесно ја сведов суштината на HHO генераторот на едно најобично перпетуум мобиле. За оние читатели кои не го сфатија овој пристап, во подготовка е втор текст, со друг пристап кон разобличувањето на заблудите (и лагите) околу HHO генераторите.
Симптоматично, не наведувате колку литри (или проценти) бензин Ви штеди HHO генераторот вграден во Вашиот автомобил, ниту како сте дошле до заклучокот дека "ја врши својата работа", Затоа, Ве повикуваме да ја тестираме потрошувачката на бензин на Вашиот автомобил, а резултатите од тој тест ќе ги објавиме во ЕМИТЕР во првиот следен број. Повелете!
Владимир Филевски

Е мој Тото!
Драги мој Тото, се чувствувам повикан да Ви одговорам, не само во името на колегите Филевски и Тошоски, не само во името на инженерската фела, туку и во името на милионска армија научници, живи или починати кои придонесоа дефинитивно да се разбие една од најголемите заблуди на 19-тиот век: Перпетуум мобиле.
Долго време во моето битие како инженер, бев убеден дека разумот на науката, а пред сè капиталните дела на Carnot, Boyle, Mariotte, Watt, Joules, Clausius, Atkins, Levine, Hess, Fon Meyer, Kelvin, Maxwell и на цела плејада научници кои го оформија и го афирмираа првиот и вториот закон на Темодинамиката, Ентропијата и Енталпијата и со тоа конечно ги разобличија предрасудите, заблудите и небулозите врзани со Перпетуум мобиле.
Драги мој Тото, споменувате книги по физика. Дали во Вашите книги пишува нешто за законите на термодинамиката? Ако не, ви препорачувам да си земете учебник по физика за седмо одделение, и во него ќе си ги најдете горенаведените физички закони, како и придонесот на горенаведените научници со нивните основни експерименти како и со основната математика врзана за оваа проблематика. Доколку, пак, преферирате математика на нешто повисоко ниво, земете учебник по Физика I, наменет за студенти од прва година на Електротехнички факултет, каде што ќе ги најдете диференцијаните равенки односни на овие процеси.
Драги Мој Тото, ете се случува и тоа, инженери како Филевски и јас лично, како и цела плејада електроинженери од малку постарата генерација, не само што ги имаат прочитано овие закони, туку ги имаат и учено и положено! Некои од нас дури и се закитиле со чисти десетки, и тоа не само од Физика I! Туку и по Физика II, Механика I и II, Основи на машинството, Енергетски уреди, Електротермија, и што уште не врзано со оваа проблематика. И тоа, Филевски и јас сме електроничари, замислете ги другите електроинженери од енергетските насоки кои имаат по дваесетина испити врзани со оваа проблематика. Што мислите Вие, Драги мој Тото? Дали сите тие луѓе можеле да положат барем еден испит, ако не ја знаеле основата: законите на термодинамиката обработени во 7-мо (и со букви: седмо) одделение!
Драги мој Тото, бидете уверени дека науката не се совладува со следење клипчиња на You-tube, како што вистинските научни откритија не се презентираат по саеми заедно со изуми од типот на "Српска шајкача" која, ако правилно ја носите, нема да ве боли грбот! Ако навистина ве интересираат теми од науката, зошто не се обидете со медиуми кои навистина "стојат" зад популаризацијата на науката, а не се Емитер, а тоа се во прв ред ТВ каналите "Discovery" или "Via Sat History", односно "Science" или, пак, списанијата "Science", "Science et Vie", "Eureka", односно "American Laboratory" или публикациите на еминентната IEEE или многу други, за кои навистина немам место да ги наведам сите. Ете, ако не им верувате на Филета и Тошета, обидете се во сите овие медиуми да дознаете што мислат сета таа армија инженери и научници за појавата наречена: "Perprtuum mobile". Дали сите тие грешат, драги мој Тото, а само вие (и неколку Ваши истомисленици) сте во право?
Драги мој Тото, колегите Филевски и Тошоски можеби не се најпознатите светски инженери кои стојат на страната на науката и следствено против "Perprtuum mobile", можеби тие, со своите трудови, не се вистискиот избор за Нобелова награда за остварувања во физиката! Но тие стојат на вистинската страна, на страната на милионите инженери и научници кои со својот труд и дела го менуваат светот, и тоа недвосмислено на подобро!
Драги мој Тото, бидете уверени дека и Вие полека ќе застанете на страната на оние што ЗНААТ дека "Perprtuum mobile" од каков било вид е неизводлив, откога ќе почнете полека да го совладувате градивото по физика од седмо, а потоа ќе почнете полека да ги разбирате емисите и написите на таа тема во медиумите за популаризација на науката. Полека ќе разберете дека "Perprtuum mobile" се споредува според големината на заблудата со познатите средновековни творци на алхемичарско злато! Сепак разликата меѓу "Perprtuum mobile" и алхемичарското злато е огромна, токму поради фактот што модерната нуклеарна физика остава можност за "синтетизирање" на златото по пат на нуклеарна фузија, иако тоа засигурно нема да биде остварливо во некоја догледна иднина. Од друга страна, науката сепак сè уште не успеала да даде рецепт за создавање "нешто од ништо". Токму спротивното, таа, а и самиот здрав разум ни кажуваат дека "Perprtuum mobile" е неизводлив, не само во некоја подалечна иднина туку воопшто.
Драги мој Тото, убеден сум дека со Ваше научно осознавање ВЕРБАТА во непостоечкото бргу ќе ја замените со општоприфатеното ЗНАЕЊЕ, и многу бргу ќе успеете да ја разобличите големината на измамништвото врзана со вашиот HHO уред. Јас и колегите сме секогаш подготвени да Ви помогнеме во тоа, затоа ви предлагам под Ваш надзор да извршиме тестирање на "Вашиот" уред со цел уште еднаш да ја дефинираме вистината.
Драги мој Тото, убеден сум дека кога конечно ВЕРБАТА ќе ја замените со ЗНАЕЊЕ, ќе престане и потребата да се затскривате под туѓи псевдоними. Сега за сега, навистина Вие имате многу допирни точки со неповторливиот италијански комичар ТОТО. Но за разлика од вас, тој од своето "САМОБЛАМИРАЊЕ" создаде кариера! Вие, ако во блиска иднина не ја замените ВЕРБАТА со ЗНАЕЊЕ, на добар пат сте луѓето да почнат да ви се смеат – исто како на ТОТО!
Емилијан Иљоски


Ова вашево со водородов врска нема, Окта ли ви плати така да пишувате? Јас лично имам направено таков систем и функционира прекрасно, заштедува од 30% до 40 %. Вие не сте ни пробале, само ширите пропаганда за пари.
Зоран, преку ел. пошта

Почитуван г. Зоран,
Можете да бидете сигурен дека Окта не ни плаќа за нашето пишување. ЕМИТЕР главно се финансира од продажбата на списанието, а тоа значи дека нашите читатели ни се најважни, и должни сме кон нив да изнесуваме само вистинити факти. Само со таков професионален однос можеме да ги задржиме нашите досегашни читатели и да стекнеме нови. Токму затоа, под текстовите во ЕМИТЕР, авторите на статиите се потпишани со име и презиме, тие стојат зад она што го напишале со својот кредибилитет и секогаш се подготвени со аргументи да ги одбранат своите ставови.
Интересно, со ниту еден збор не се обидовте да полемизирате со аргументите и фактите објавени во нашиот напис, најверојатно затоа што немате ниту еден контрааргумент. Но затоа Вие наведувате неверојатни 40% заштеда со HHO генераторот – со тоа ги надминавте дури и најоптимистичките изјави на производителите на HHO генераторите, а познато е дека производителите (општо за сите уреди, не само за HHO генераторите) многу често претеруваат во фалењето на своите производи. Одлично, тогаш тие 40% заштеда многу лесно можат да се докажат со тестирање на Вашиот автомобил. За да не остане само на Вашите празни зборови и на ширење пропаганда за наводната делотворност на HHO генераторот, Ве покануваме да ни го донесете Вашиот автомобил на тест, а ние ветуваме дека резултатите на тестот ќе бидат објавени во следниот број на ЕМИТЕР, на заедничко задоволство.
Владимир Филевски