Почитувана редакцијо,
Заинтересиран сум за комуникационата техника и би сакал да објавите проекти за предавател и приемник кои би работеле на фреквенција под 80MHz. Исто така би сакал да објавите проект на бас-рефлекс звучна кутија до 30 литра.
Примете поздрави,
Александар Тефов од Кавадарци

Проектите за ФМ предавателите што ги објавивме во бројот 4/95 и ФМ приемникот од бројот 5/95 лесно може да се преправат така да работат на френквенција под 80MHz. Потребно е само да го зголемите капацитетот и/или индуктивитетот во осцилаторното коло со што ќе се добие пониска фреквенција на осцилирање (f0≈1/(2π√LC).
Во план ни е и проект за мала бас-рефлекс звучна кутија, па затоа следете го ЕМИТЕР и понатаму.
Слободан Таневски


Во своето писмо нашиот читател Горан Таневски од Прилеп меѓу другото пишува:
... Би сакал да има повеќе описи на интегрирани кола и да објавите проект на петканална миксета со минимални изобличувања...
... Дали се јавуваат изобличувања во колата за еквилизирање?...
... Дали излезните засилувачи со лампи имаат подобри карактеристики од оние со интегрирани кола?...

Желба и на редакцијата е во секој број на ЕМИТЕР да има опис на барем едно интегрирано коло, меѓутоа заради немање доволно простор и заради презафатеност на соработниците тоа не успеваме да го оствариме. Не ни останува ништо друго освен да се потрудиме во иднина да ја оствариме вашата (и наша) желба.
Проектот за петоканална миксета е во фаза на тестирање и финална доработка, па очекувајте го наскоро на страниците на ЕМИТЕР.
Што се однесува до Вашите прашања - одговор на нив можете да најдете во претходниот број на ЕМИТЕР во написот “Звукот на Hi-Fi уредите (прв дел)”, а и во овој број во написот “Засилувач”.
Слободан Таневски


Почитувана редакцијо,
Имам еден мал проблем кој не можам сам да го решам, па затоа решив да се обратам лично до ЕМИТЕР. Еве за што се работи: имам направено четири модули од линискиот предзасилувач со тонска контрола од број 9/96, па не знам како да ги склопам (сврзам) за да добијам миксета. Дали можете да ми го решите проблемот?
Вашиот најредовен читател,
Тасков Зоран од Штип

Вашиот проблем може многу лесно да се реши. Кога веќе имате четири линиски предзасилувачи за да добиете миксета Ви недостасува уште само собирачки засилувач (суматор) и четири потенциометри. Суматорот можете да го направите според шемата на слика 1, а поврзувањето според блок шемата прикажана на слика 2.
Операцискиот засилувач може да биде μA741, TL081 или TL071, а потенциометрите за регилација на јачината на секој канал треба да се со вредност 100k log. Бидејќи ове потенциометри ќе служат за регулација на јачината на секој канал посебно тогаш нема потреба од потенциометрите P2 во линиските предзасилувачи - излезот од IC.a. донесете го директно на C5 (видете ја шемата во Емитер 9/96 на стр.19). За напојување на миксерот ќе треба да направите и стабилизиран извор на симетричен напон од +/-9V - за ова погледнете го написот за напонските стабилизатори 78xx и 79xx во ЕМИТЕР 5-6/96.
Доколку сакате миксерот да биде во стерео ќе треба да направите уште еден комплетен канал според слика 2, а потенциометрите да бидат тандем со вредност 2x100k log.
Слободан Таневски