Здраво ЕМИТЕР!
Списанието го следам неколку месеци и сметам дека е одлично. Имам неколку прашања и предлози до вас:
1. Во врска со 3Д-МАК очилата од бројот 7-8/98:
- Бидејќи не знам да програмирам дали можам овие очила да ги користам во готовите програми што имаат опција за нив без додатен драјвер?
- Доколку е потребен драјвер кажете ми нешто повеќе за него.
- Каде можам да го набавам степ моторот и под кое име?
2. Колкав е дометот на радио телекомандата од бројот 7-8/98?
3. Како можам од проектот "Бројач на вртежи" (1/97) да направам брзиномер за велосипед на тој начин што импулсите да ги генерира REED ампула и магнет поставени на тркалото и вилушката, како индикатор наместо LED диоди да користам аналоген инструмент со стрелка, а целиот уред да се напојува со 9-волтна батерија?
За крај моите предлози:
- Сакам да објавите проект на претворувач од 12V DC во 220V 50Hz.
- Проект на токи-воки и мал линеарен ВФ засилувач за него.
- Можете да отворите и рубрика каде читателите ќе добиваат одговори и совети за некои свои проблеми и желби од сите области на електрониката, кои верувам ќе бидат интересни и за останатите читатели.
Мартин од Скопје

1. 3Д-МАК очилата не можете да ги користите во готовите програми што имаат опција за 3D-MAX очила. За тоа ќе ви треба соодветна програма драјвер - една таква можете да добиете од редакцијата преку e-mail или на дискета. За набавка на степ моторот контактирајте со продавниците за електронски материјали.
2. На отворен простор дометот е околу 200 метри.
3. Бројачот на вртежи на автомобилскиот мотор кој е објавен во ЕМИТЕР бр. 1/97 не може да се користи за мерење на мали брзини. За мерење брзина REED релејот треба да се поврзе помеѓу +12V и изводот Plat. При мерењето на брзината интегралното коло IC1 работи како претворувач на фреквенција во напон. Импулсите што ги прима од REED релејот на пинот 1, IC1 ги претвора во еднонасочен напон кој се добива на пинот 5, со што се побудува LED индикаторот. Бидејќи фреквенцијата на влезниот сигнал е многу мала и се движи до вредност од околу 10Hz при брзина од 50km/час, нивото на излезниот DC напон ќе биде многу мало и недоволно за побуда на LED индикаторот. Единствено може да се проба овој еднонасочен напон да се засили, односно да се вметне засилувач помеѓу излезот на IC1 и влезот на IC2 и да се стави електролитски кондензатор (1-100F) на влезот од IC2. Сепак препорачуваме да не се впуштате во овие експерименти бидејќи во некој од следните броеви планираме да објавиме едноставна конструкција на брзиномер за велосипед.
4. Апликација за DC/AC претворувач имаме објавено во броевите 9/96 и 5/98, а како што забележувате, уште едно решение нудиме и во овој број. Планираме во некој од следните броеви да објавиме и проект или апликација за токи-воки. За рубрика во која читателите ќе добиваат одговори и совети за свои проблеми и желби од сите области на електрониката сме размислувале повеќе пати, но заклучокот сè уште е дека тоа не можеме да го реализираме бидејќи бара големо ангажирање на соработниците што со оглед на нивниот релативно мал број и хонорарен статус е тешко изводливо. За сега во рубриката "Писма" можеме да одговараме само на прашања кои се во врска со објавените написи во списанието.
Од Редакцијата


Во своето подолго писмо нашиот читател Дарко Петрески од Кичево меѓу другото прашува:
"... Во вториот дел на курсот за микроконтролери е речено дека вториот комплемент се добива со инверзија на цифрите и додавање на 1. На пример за бројот 1210=00001100 направена е инверзија при што е добиено 11110011, но кога е додаден 1 се добило 11110100, а не како што секој би очекувал 11110010. Дали има некоја финта, како на пример 0 пишуваме, а 1 памтиме или пак нешто друго е во прашање?..."

Познавањето на основните аритметички операции со бинарните броеви е од големо значење за понатамошна успешна експлоатација на микроконтролерите. Особено важни се операциите собирање и одземање. Без нивно одлично владеење не е можно да се сфати работата на микроконтролерот. Го поздравувам Вашето интересирање, и со задоволство ќе се обидам да помогнам.
Во случајов проблемот се состои во операцијата собирање. Нека набљудуваме еден бројчаник од километража на автомобил, кој всушност е еден декаден броен систем. Првата цифра од нашата десна страна кога сме свртени кон бројчаникот, ги покажува единиците, втората десетките, третата стотките и.т.н. Нека ја именуваме првата цифра од десно која уште се нарекува и најмалку важна како прва.
Ако првата цифра има вредност девет, следниот километар таа ќе добие вредност нула. Но вредноста на втората цифра ќе се зголеми за еден затоа што претходната цифра повторно се вратила на нултата вредност. Изразено преку пример, ако вредноста на првите две цифри била 49, наредниот километар вредноста на цифрите ќе биде 50. Ова верувам е повеќе од јасно.
Нека бројчаникот ги покажува изминатите километри во бинарниот броен систем. Во овој случај цифрите ќе се состојат од единици и нули. Нека бројот на изминати километри е 000000112 односно 310. Следниот изминат километар првата цифра ќе дојде на нултата вредност (нула) и ќе ја зголеми за еден втората цифра. Втората цифра во случајов исто така ќе дојде на нултата вредност и ќе ја зголеми за еден третата цифра. Така бројот на поминати километри ќе биде 000001002, односно 410. Во продолжението на одговорот ќе ја наведам финтата при собирањето. Горенаведеното сликовито објаснување некои читатели може да го оценат како непотребно. Меѓутоа од искуството во давање часови од оваа област, дојдов до заклучок дека е од голема корист за нашата проблематика.
Сега да ги собереме броевите 00111101 и 11110100 преку најлесниот алгоритам на собирање од аспект на бинарните броеви. Рековме дека важи:
00111101
+11110100
__________
00110001
Одиме од десно кон лево. Збирот на првите две цифри е 1. Збирот на вторите две цифри е 0. Збирот на третите цифри е 0 (цифрата доаѓа на нулта вредност) и префрламе 1 на четвртите цифри односно памтиме 1. Збирот на четвртите цифри е 1, ја додаваме памтената 1 од претходните цифри, па добиваме 0, а 1 памтиме. Збирот на петтите цифри е 0, па со памтената 1 од претходните цифри добиваме 1. Значи за петтите цифри добиваме 1 и 1 памтиме. Случајот со шестите цифри е ист, значи пак пишуваме 1 и 1 памтиме. Збирот на седмите цифри е 1, со додавање на памтената 1, добиваме 0, а 1 памтиме. Збирот на осмите цифи е 1 што собрано со памтената 1 го дава резултатот 0.
Се надевам дека одговорот беше корисен и разбирлив.
Ивица Ѓорѓиев