Почитувана редакцијо,
Јас сум редовен читател на вашето списание и сметам дека поголемиот број од написите се доволно објаснети, но сепак при реализирање на некој уред се наидува и на проблеми. Конкретно, јас наидов на проблем со пуштањето во погон на радио телекомандниот предавател објавен во ЕМИТЕР бр. 7-8/98. Сметам дека ВФ техниката е покомплицирана од она што на прв поглед ни изгледа, па затоа имам и повеќе прашања во врска со овој уред:
1. Колкава е дебелината на Cu жицата за пригушниците кај предавателот?
2. Колкава е должината на предавателната антена?
3. Колкава е излезната моќност т.е. дометот на предавателот?
4. Како се подесува саканата фреквенција (ве молам објаснете на експериментален начин и со мерни уреди достапни за еден аматер)?
5. Зошто T2 кај предавателот се загрева многу (мислам дека има преголема базна струја)?
А кога сме кај желбите, верувам дека и за многу други е интересна предавателната техника, па ве молам во иднина да објавите проекти кои ќе имаат релативно поголема моќ.
За крај ве поздравувам и ви пожелувам многу успех во тоа што го работите.
Со почит,
Г. Ефремов од Штип

ВФ техниката пред сè бара добра теоретска основа како и практично искуство проследено со многу експериментирања при што се прошируваат хоризонтите во таа област. Секако дека се потребни и некои поспецифични инструменти и помагала освен неизбежниот унимер. Но, овој проект е замислен да проработи од прва, без употреба на специфични мерни инструменти и со минимум знаење.
Во текстот не беше подетално објаснето подесувањето на предавателот што за читателите кои прв пат се среќаваат со ВФ техниката можеби претставува проблем. Затоа ќе се потрудам малку поопширно да одговорам на Вашите прашања онолку колку што дозволува местото во оваа рубрика.
1. ВФ пригушниците обично се градат на отпорници од 1MΩ ½W и имаат околу 200 навивки Cul жица со Ø0,2mm, или пак на феритни стапчиња со Ø3mm при што треба да се намотаат 30-40 навивки Cul жица со Ø0,2mm.
2. Како антена може да послужи обична PVC-жица со Ø1,5 - 2mm и должина од 80 - 170cm. Напомена: кај еднаш подесениот приемник или предавател со промена на должината на антената потребно е повторно да се подесат влезните односно излезните осцилаторни кола или филтри поради промена на импедансата. Ова е потребно доколку сакаме да извадиме максимум од самиот уред.
3. Дометот од 200m не би требало да претставува никаков проблем, но со добро подесен систем предавател - приемник може да се очекува домет и до 1km.
4. Фреквенцијата е одредена со самиот кварц, додека осцилаторното коло L2-C8 се подесува на истата фреквенција. Тоа најдобро се прави со DIP-метар, уред за испитување на резонантната фреквенција на осцилаторните кола. Ова мерење се врши додека предавателот не е под напојување.
Во аматерски услови во овој конкретен случај за подесување може да се употреби VF индикатор (на сликата). Калемот L е самоносечки, изработен од PVC-жица со Ø0,75mm и има 4 навивки, диодата D е германиумска, серија AA... или слична. Како инструмент може да ни послужи унимер поставен на µA-ско подрачје. Подесувањето се прави додека предавателот е активен. Навивката L ја поставуваме над навивката L2 и го вртиме феритното јадро со завртка од немагнетен материјал (пр. бакелит, пертинакс,...), сè додека на инструментот од индикаторот не добиеме максимален отклон. Истата постапка важи и за филтерот L1-C4-C3, но овојпат го вртиме тример кондензаторот C4 па C3 додека не се добие максимален отклон.
5. Точна е вашата констатација дека се работи за преголема базна струја. Доволно е само да ги замение местата на отпорите R4 и R5, кои се погрешно специфицирани. Исто така на T1 е потребно да се постави мал ладилник во форма на ѕвезда, кој може да се набави во продавниците за електронски материјали.
Михајло Дуноски