Здраво почитувана редакцијо на ЕМИТЕР,
Се јавувам во врска со вашиот проект "500W засилувач" објавен во ЕМИТЕР 3/98. Имено, ме интересира дали може засилувачот да се поврзе во мостна врска (bridge mode) така што амплитудата на излезниот сигнал ќе се удвои, а излезната моќност на засилувачот ќе биде 4 пати поголема.
Вакви "bridge" споеви сум сретнувал кај многу интегрирани кола, а исто така и големите засилувачи (снагатори) ја имаат оваа опција. Ве молам за одговор со конкретна електронска шема со вредности за елементите!
Однапред Ви благодарам,
Микески Зоран од Кичево

Моќноста на излезните засилувачи е повеќе прашање на престиж отколку вистинска потреба. Ова се разбира го кажувам поучен од долгогодишното искуство на полето на електрониката, проектирањето и изработката на уреди. Имено во далечната 1998 година објавивме конструкторско решение на излезен засилувач кој можеше да обезбеди до 500W во звучникот во една од варијантите дадени во текстот. Овде запревме бидејки во тој момент сметавме дека оваа излезна моќност е повеќе од доволна за кругот на пријатели и читатели на ЕМИТЕР. Неколку години подоцна, си признавам, пријатно ме изненади вашата идеја за четири пати да се зголеми моќноста токму на најмоќниот засилувач објавен на страниците на ЕМИТЕР. Изненадувањето не доаѓа од самата идеја, бидејќи решенија во кои е употребен мостен спој на два засилувачи се објавени во ЕМИТЕР во повеќе наврати, туку од помислата дека 500W не се доволни.
Да се навратиме на решението што ни го предлагате. Поврзувањето на два идентични излезни засилувачи во мостен спој ја покажува својата оправданост само во два случаи. Првиот, кога сме ограничени со напонот за напојување, како во автомобилите, уредите кои не се напојуваат од градската мрежа и батериските уреди. Кај сите овие уреди природата на делот за напојување вообичаено нè ограничува со некоја вредност на напонот, која е стандардизирана или единствено можна во дадениот случај. Вториот случај, во практиката многу поредок, е кога располагаме со готови моно блокови на излезни засилувачи кои немаат доволна моќност да ги задоволат нашите потреби. Ова најчесто се јавува доколку сме проектирале засилувачи за звучни кутии со импеданса од 4Ω а потоа се покажало дека единствениот избор се звучни кутии со импеданса од 8Ω Ова решение може да се користи само во исклучителни случаи и со голема претпазливост, бидејќи не може да добиеме моќност поголема од моќноста на излезниот дел на самите засилувачи.
Освен очигледната придобивка, четири пати поголема моќност при ист напон на напојувањето, ова решение има и неколку недостатоци. Како прв и незанемарлив недостаток на ова решение е двојното намалување на влезната импеданса на засилувачот, потоа зголемената тенденција кон самоосцилации и на крајот, како најзначаен недостаток, е фактот дека излезните делови на двата засилувачи мораат да се предвидат да издржат половина од моќноста која ќе се предава во звучникот. Последниот факт можеби за некои изгледа нереален но во праксата, рефлектиран на излезниот засилувач како извор на моќност, е многу реален и скап за конструкторите кои го превиделе. Во овој контекст би го навел и напојувањето, кое сега треба да се справи со двојно поголеми струи. Ова се рефлектира на карактеристиките на грецот, на кондензаторите, па и на сите проводници низ кои поминува излезната струја. Сето претходно кажано сметам дека е доволно да ве одврати од идејата да го удвоите вложениот материјал за да ја добиете истата моќност при помал напон на напојувањето.
Со сета почит кон нашиот читател, без разлика на мојот став објавуваме шема на поврзување на два излезни блока во мостен спој со вредности на елементите и неколку напомени. Прво секој од излезните блокови пуштајте го во работа посебно и сите нагодување направете ги одделно кај двата излезни блока, а дури потоа поврзете ги во мостен спој. Не ги заборавајте забелешките за напојувањето, кое сега треба да трпи двојно поголеми струи и не очекувајте повеќе од 1000-1500W од два 500W излезни засилувачи споени во мостен спој. Се надевам дека најдовте сè што ви е потребно во мојот одговор и бидете многу внимателни, бидејќи секоја грешка може многу да ве чини.
Коста Карпузовски


Бидејќи сè уште не ми одговоривте на некои мои прашања, ќе ви ги поставам повторно.
1. Зошто веќе не ги објавувате изгледите на ППК, туку само распоредот на елементите?
2. Кога веќе објавувате проекти со елементи кои додатно треба да се програмираат може да објавите и практичен начин како тоа да се направи заедно со софтверот и хардверот (програматорот).
3. Дали во проектот "Снимач на телефонски разговори", наместо трансформаторот со кој треба да се изврши галванско одвојување од телефонската линија, може да се искористи некое друго решение (оптички или некое друго)?
Душко Јаневски, преку e-mail

Проверката на нашето e-mail сандаче и папка со примените писма од читателите ни покажа дека последно писмо кое го имаме добиено од вас е од 21.05, но во него не поставувате никакви прашања, туку давате одговори на нашите математички загатки. Како и да е - еве одговор на прашањата што ги поставувате во ова писмо:
1. Една од главните причини за пропаѓање на стариот ЕМИТЕР беше зачестеното фотокопирање на објавените написи, особено на проектите за самоградба. Според наши сознанија, на секој продаден примерок од списанието имаше уште по најмалку 2-3 фотокопии од страна на несовесни "читатели". Таквите "читатели", од една страна ги добиваа сите детали за самоградба на соодветниот електронски уред, а од друга страна, со фотокопирањето директно придонесуваа за згаснувањето на стариот ЕМИТЕР. За тоа да не се случува и понатаму решивме цртежот на ППК да не го објавуваме, туку само распоредот на елементите. Вистинските читатели со тоа не се оштетени, бидејќи саканата ППК ќе можат да ја набават од нашиот ППК сервис по навистина поволни цени - со помош на купонот цените на нашите изработени плочки се скоро колку и на празните (ненагризени) плочки. За разлика од нив, "читателите на фотокопии" ќе мора да ја платат полната цена на саканата ППК или пак да се откажат од фотокопирањето на ЕМИТЕР, што во крајна линија, е во нивна корист - верувам дека и тие се заинтересирани ЕМИТЕР и понатаму да излегува и да објавува разни проекти за самоградба на електронски уреди, покрај многуте други статии.
2. Дилемите дали да почнеме со објавување на електронски конструкции кои ќе содржат програмирани елементи (микроконтролери, PIC-ови, EPROM-и итн) беа присутни во ЕМИТЕР одамна, токму од причините кои и вие ги наведувате. Уште пред 2-3 години имавме во план прво да објавиме брошура за PIC микроконтролерите во која, меѓу другото, ќе имаше и проект за самоградба на соодветен програматор, па дури потоа да почнеме да објавуваме проекти во кои ќе има PIC-ови. Меѓутоа заради низа причини (пред сè: презафатеноста на соработниците, лошата состојба во ЕМИТЕР и лошата состојба во државата) таа идеја до сега не успеавме да ја реализираме. Сепак, заради несомнената потреба за такви електронски конструкции (микроконтролерите се сегашност и иднина на електрониката) одлучивме да започнеме со објавување на такви шеми и проекти за самоградба, но во исто време и да понудиме веќе испрограмирани чипови (повторно по поволни услови - како и со плочките), и со тоа, до максимум да ја поедноставиме градбата на таквите конструкции. Во секој случај , за оние поамбициозните, во скоро време ќе објавиме и проект за самоградба на програматор за PIC-ови, а ќе се потрудиме да ја подготвиме и објавиме спомнатата брошура или барем серија написи за PIC микроконтролерите.
3. Прашањето за "Снимачот на телефонски разговори" го проследивме до авторот на написот, па кога од него ќе го добиеме одговорот веднаш ќе ви го испратиме.
Слободан Таневски

1. Мислам дека тоа што викате дека порано ги копирале ЕМИТЕР-ите и со тоа ги имале и шемите и упатствата не ви е издржано, бидејќи и сега можат истото да го направат, и не само со шемите туку и со купонот за нарачка на плочките. Повторно ништо не добивате, бидејќи и самите рековте дека цената на готовите плочки од вашиот сервис не е многу различна од цената на ненагризените плочки. А што ако некој сака да нарача повеќе различни плочки, а не само четири?
2. Велите немате време за да објавите проекти за програмирање на микроконтролери и EPROM-ови. А имате време да барате дозвола од странските списанија за да ги објавувате нивните проекти? Проекти со програмабилни елементи немате само во ЕМИТЕР-ите од новата серија, туку и во многу постарите (програмабилните светлосни автомати). Зар до сега не сте нашле време да објавите и програматори кои веќе ги имате чим нудите и готови програмирани елементи?
3. Незнам зошто прашањето во врска со проектот "Снимач на телефонски разговори" морате да го проследите до авторот на текстот, кога и господинот Таневски е електро инжинер и мислам дека проблемот е многу едноставен. Јас не барам авторски права за текстот, па да мора да ми одговори авторот лично.
Душко Јаневски, преку e-mail

Ме зачудува жестината со која ги коментирате моите одговори на вашето претходно писмо. Сепак, еве уште неколку појаснувања:
1. Попустот од 50% за набавка на плочки од нашиот ППК сервис го одобруваме само ако нарачката е направена со оригинален купон од последниот број на ЕМИТЕР (а фотокопијата лесно се препознава). Оваа привилегија очигледно ќе ја уживаат само нашите читатели кои го купуваат ЕМИТЕР и за нив плочките ќе чинат колку и нивната производна цена. За разлика од нив "читателите на фотокопирани ЕМИТЕР-и", ако сакаат да го прават избраниот проект, ќе треба да ја платат полната цена на плочките и така барем малку да нè обесштетат заради бесправното користење на нашиот труд.
Попустот важи само за најмногу 4 плочки, а ако некој сака да нарача повеќе, тогаш одвишокот плочки ќе треба да ги плати по полната цена, затоа што сметаме дека таквата количина ќе се користи во комерцијални цели (производство и продажба на изработените уреди), па во тој случај и ЕМИТЕР како творец на објавениот проект треба да земе барем мал дел од "колачот".
На крај само уште еднаш да напоменам дека нашиот ППК сервис постои заради помош на читателите-електроничари, а правилата за користење на попустите се заради стимулирање на продажбата и натамошното постоење на ЕМИТЕР. Корисно е да напоменам и дека ниту едно странско списание за електроника не одобрува волкав попуст за своите читатели - таму плочките ги продаваат без попусти и тоа по цена од околу 3 до 10 фунти (5-15 евра).
2. Повеќе пати до сега на страниците на списанието имам кажано дека во ЕМИТЕР никој не е вработен (дури ни јас како негов уредник и издавач) и дека написите ги подготвуваат хонорарни соработници кои тоа го прават во своето слободно време, помеѓу редовните животни обврски (студирање, работа, фамилија...). Заради тоа често пати не сме во можност да ги подготвиме сите оние написи кои ги посакуваат и читателите и ние од редакцијата. Ова особено се однесува за написите-проекти за самоградба на електронски уреди за кои е потребно соработникот да одвои најмалку неколку дена во изработка, тестирање, цртање на шемите и плочките, пишување на текстот и неминовните контроли и корекции. Баш заради тешкотиите да подготвиме одредени написи ја воспоставивме и соработката со британското списание Everyday Practical Electronics, што благодарение на поддршката од Британскиот совет и не ни одзеде многу време. Навистина не ми е јасно зошто тоа ви пречи, кога благодарение на таа соработка читателите на ЕМИТЕР добија неколку интересни проекти на електронски уреди, а се надевам дека така ќе биде и во иднина.
А како што кажав и во претходниот одговор, ние ќе се потрудиме во најскоро време да објавиме и програматор за PIC-ови со цел напредните електроничари да можат самите да ги програмираат своите PIC микроконтролери.
3. Прашањето за "Снимачот на телефонски разговори" го проследивме до авторот, не заради некакви "авторски права", туку затоа што, како секаде во светот и тука првило е да одговори оној кој е автор на спомнатото дело. Само тогаш кога авторот заради некои причини не е во можност да одговори, одговорот го подготвувам јас или некој од другите соработници. Навистина, понекогаш чекањето на одговорот може да потрае (како во овој случај), но доколку јас земам да ги одговарам сите писма што ни пристигнуваат (по неколку дневно) тогаш следниот број на ЕМИТЕР ќе го чекате три месеци :-)). Да напоменам и тоа дека во рубриката писма редовно стои дека: "... и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма...". Впрочем, таква обврска не презема ниту една редакција на ниту едно списание во светот. Сепак, бидете сигурни дека и кога нема да успееме да одговориме на некои писма предлозите, пофалбите и критиките искажани во нив задолжително ги земаме предвид при планирањето на идните содржини на ЕМИТЕР и активности на редакцијата.
Конечно еве го и одговорот на вашето прашање за "Снимачот на телефонски разговори" од Е5/98, што го подготви нашиот соработник Петар Аврамовски од Битола:
"Најдобро решение секако е галванското одвојување со трансформатор. Зошто би се барало друго решение кога скоро секое трафо од транзисторските приемници одговара за оваа намена? Секако треба де се земе предвид и дека ПТТ нормите го налагаат галванското раздвојување.
Сепак, можно е, наместо со трансформатор, да се изврши раздвојување со кондензатори. Наједноставно решение за снимањето е кондензатор од 100nF во серија со отпорник од 680 оми, право на линераниот влез за снимање на касетофонот или 100nF со 4k7 на микрофонскиот влез. Секако, овие вредности зависат и од влезните импеданси на влезовите за снимање. Оптоелектронска галванска сепарација е секако возможна, но е пресложена и неисплатлива за оваа намена."
Ете тоа би било сè за ова писмо. Се надевам дека сте задоволни и дека лутината кон ЕМИТЕР веќе ја нема - впрочем ЕМИТЕР постои за на сите нас да ни пружи убави моменти во дружењето со науката и техниката.
Слободан Таневски

Нека не ве зачудува мојата жестина бидејќи не сум ни малку жесток туку само реален. Проблемот е во тоа што секој пат кога ќе поставам јас или некој друг читател некакво прашање во врска со некои пропусти во проектите (како програмабилни елементи или некои поинтересни проекти), скоро секогаш, ако не и постојано го добиваме истиот одговор: "Многу сме зафатени, имаме и други обврски итн". Без навреда (или ако сакате навредете се), но тоа е само патетичен изговор за вашата неспособност. Доколку не сте во можност да одговорите на нашите прашања и желби тогаш не се фалете дека ЕМИТЕР постои за нас и дека цел ви е преку нашите предлози и сугестии да го унапредите и усовршите списанието бидејќи не е така. Старите изданија беа многу подобри од ова сега. Барем да објавевте некој проект кој до сега сте ги ветувале во уводникот. Или доколку стварно не можете да постигнете да одговорите на сите прашања тогаш прекинете ја рубриката писма, или одлучете се што ќе правите, дали ќе се заангажирате повеќе околу ЕМИТЕР или ќе си ги бркате другите работи. Очигледно двете не сте способни доволно добро да ги сработите.
Душко Јаневски, преку e-mail

Очигледно Вие не можете или не сакате да ја прифатите реалноста во врска со ЕМИТЕР па во тоа не би можел да Ви помогнам дури и да напишам уште 5 страници со одговори и коментари на вашите "тези". Затоа само ќе Ве потсетам дека за нашата способност или неспособност сведочат нашите досегашни 63 броја односно преку 3500 страници во кои сме објавиле преку 500 електронски конструкции за самоградба и едно чудо други статии, како и одговорените преку 2000 писма од читатели. Ова воопшто не е малку, дури и ако се спореди со сличните странски списанија кои се со поголема традиција, поголеми тиражи и се разбира неколку пати повисока цена. Сепак, на Вас останува дали тоа ќе го цените или не.
Слободан Таневски

Во тој случај што се жалите дека сте презафатени?
Душко Јаневски, преку e-mail

?????????????????
Слободан Таневски