Почитувани,
За почеток - големи пофалби за вашето списание и големата истрајност - ЕМИТЕР е единствено списание од областа на техниката кое се појави и одржа на нашиов пазар и е прв промотор на добар дел уникатни уреди, од кои дел мора да се признае се преземени од други списанија, но ова сепак е добро затоа што за најголем дел од електроничарите не се во можност да ги набавуваат странските списанија.
Целта на ова писмо е да ви го кажам моето мислење за ЕМИТЕР, кој непрестано го следам од почеток. Интересна е преобразбата, кога се одлучивте во списанието малку да го намалите бројот на написи посветени на електрониката и да воведете нови теми. Се разбира дека и за мене се интересни написите од другите теми кои ги објавувате, но морам да ви забележам на нискиот квалитет на некои написи. Се забележува и дека некои написи од одредени автори редовно се со низок квалитет. Голем дел од написите се многу површни, па ретко може да се научи нешто корисно.
По добриот квалитет на написите се одделуваат неколку автори: Владимир Филевски, Благој Ќупев, Добре Блажевски, Ѓорѓи Ефтимов.... Но често пати се забележува и кај нив дека написите им се премногу кратки за темата која ја обработуваат, претпоставувам поради недостаток на простор во списанието. Мој предлог е доколку има можност некои написи да се направат во повеќе делови, за подетално да се објасни темата за која станува збор и секако треба да ги стимулирате авторите да прават написи кои се интересни за нас и да има квалитетни написи изработени полека, со доволно време и се разбира да бидат добро платени. Моја претпоставка е дека написите се недоволно платени за некој од авторите сериозно да седне и да направи некој интересен напис кој би бил понапредна апликација со употреба на микроконтролери. Секоја чест на Блажевски и Ќупев кои во последно време се обидуваат да направат нешто на таа тема, но ова не е доволно. За секој што сака да се занимава со микроконтролери, прво му треба развојна плочка на која би ги направил првите чекори. Значи треба да се претстави добро разработена и осмислена развојна плочка за таа намена (не се сомневам дека овие автори знаат тоа да го направат!).
Кратко речено, обидете се максимално да ги искористите добрите автори кои може да направат и повеќе квалитетни написи отколку што се презентирани од нив.
Би дал кратка критика на некои написи од претходниве два броја кои според мене се лошо направени:
1. "NetBUS": Според мене исклучително лоша идеја за текст. Со ова индиректно и на тие што не знаат им се отвараат вратите да учат како да ги користат и инсталираат тројанците.
2. "Надгледување на Linux..." Секоја чест на авторот кој се обидува да напише нешто и за овој алтернативен оперативен систем. Нека продолжи така, но не на овој начин. Нека седне да направи серија од написи кои би биле во некој логички тек, од почеток кон крај. А не - сега ќе пишам за ова, па ќе паузирам некој број, па потоа за она и на крај после две години кога некој ќе ги прочита по ред текстовите, нема да знае што е почеток а што крај.
3. "Минијатурен приемник за СБ" Сè е тоа убаво, уште да знаеме каде да го набавиме ZN416?! Немојте да објавувате текстови за уреди кои содржат кола кои тешко се наоѓаат кај нас!
4. "Преглед на историскиот развој на хетероспоевите..." Ех, волку лош текст не сум прочитал мноооогуу одамна! Сите работи се така невкусно нафрлани, без некоја логичка целина, без никаков ред, и сето тоа е така нафилувано, да звучи "гледајте колку многу знам". Зборот ми беше: јас сум дипломиран електроинженер, но тешко ми беше да сфатам што сака да каже авторот.
5. "Како најлесно да го уништите својот компјутер" Посебно би го искритикувал овој напис. Како што кажа некој од читателите, овој напис би требало да оди не во хумор, туку во некое друго списание а не во ЕМИТЕР, за кој се трудите да биде "на ниво". Со вакви текстови не се гради "ниво". Иако се случува некои од работите и да бидат вистинити (пред многу години и јас работев како сервисер на компјутери), сепак пристапот на овој текст е исклучително глупав.
6. Не ми е јасна реакцијата за текстот за луѓето на Месечината - да или не! Ха, јас мислам дека и авторот и критичарот можеби се во право или грешат. И двајцата се потпираат на информации од амерички извори, кои според мене може да бидат "наштелувани". Како и да е, добар текст, кој сепак предизвикал реакција и кај други читатели - ова според мене е добро, а на крај аргументите ќе покажат кој е во право, а кој греши.
Околу лошата финансиска положба. Не знам како е, но според некои текстови од уредникот, имам впечаток дека главен проблем е малиот тираж. Но ако веќе нема тираж и не може да се направи списанието да биде 500 ден, треба да се побара алтернатива! Поглем ангажман околу спонзорствата, повеке маркетинг агенти кои би шетале по фирмите и би ги измачувале директорите за спонзорство-реклама... Или да пробате да заработите пари од други места: продажба на готови решенија, проджаба на кит комплети...
Одамна се подготвував да напишам овакво писмо, затоа што во последно време забележувам дека квалитетот на списанието постојано опаѓа, и според мене, веќе е на критично ниво. Продолжете со добрата работа и вратете ги имиџот кој ЕМИТЕР го имаше некаде 2000 година. Верувам во квалитетот на редакцијата и мислам дека таа има капацитет да го унапреди списанието и да понуди нешто повеќе од она што го има сега во него. Цената на списанието според мене е можеби малку висока (цена од 100 ден е она вистинското), иако содржината во него вреди и за 200 ден. Но треба да се земе во предвид дека првенствено сте го намениле за почетници-електроничари кои најчесто се деца финансирани од некој друг, а ретки се оние постарите - финансиски независни.
Поздрав,
Бојан Марковски, преку e-mail

Ви благодариме за пофалбите, а и за забелешките. Вашето мислење има посебна тежина и важност за нас, со оглед на тоа што сте наш читател од самиот почеток. Што се однесува до оригиналноста на написите во ЕМИТЕР, треба да напоменеме дека ЕМИТЕР е популарно списание во кое, како и во сличните странски списанија, се објавуваат (пред сè) познати работи (во случајов од електрониката) во кои авторот на написот внесол свои сознанија и искуства. Тоа значи дека ако шемата е иста или слична не значи дека целиот напис е комплетен препис. Наша политика е во ЕМИТЕР да се објавуваат авторски написи, а не целосни "преписи" од странски списанија, но сепак како редакција не сме во можност да правиме "истрага" дали некој соработник не го почитувал ова правило.
Навистина, малиот расположлив простор во списанието многу често диктира обемот на написите да не биде онолкав колкав што би сакале авторите. Но, треба да се респектира и мислењето на голем број читатели, кои бараат што поголем број проекти и апликации, без многу објаснувања ("Дајте што повеќе шеми, и не тупете многу!"), или пак, големиот број хобисти и почетници, кои воопшто не би ги разбрале деталните и стручни објаснувања. Мислиме дека најчесто успеваме да ја погодиме "златната средина". Секако, ќе се потрудиме уште повеќе да го покачиме квалитетот на написите, а како и до сега, темите за кои ќе заклучиме дека е потребно да бидат поопширно презентирани, ќе бидат изложувани на повеќе страници во 2 или повеќе продолженија.
Квалитетните и постојаните соработници имаат повисок хонорар, но сепак никој од авторите не би можел да живее само од хонорарите од ЕМИТЕР, колку и да бидат тие големи (за нашиве услови). Ниту еден соработник не е вработен во ЕМИТЕР - секој си има своја работа или ангажман на друго место, а само во слободното време ги подготвува своите написи за ЕМИТЕР. Токму затоа вашата (и мојата) желба квалитетните соработници да подготвуваат повеќе написи во секој број невозможно е да се реализира. Вистинско чудо е како сепак успеваме во секој број на ЕМИТЕР да презентираме доволен број стручни написи, кои по наше мислење, во просек се навистина добри.
А сега конкретно за спомнатите написи:
1. Долго размислувавме дали да го објавиме текстот "NetBUS" и на крај заклучивме дека евентуалните негативни последици се занемарливи во однос на позитивните придобивки. Со овој текст голем број на неискусни корисници на компјутери стекнаа многу корисни сознанија за "тројанците" (и научија да не ги пуштаат низ врата).
2. Уредништвото инсистира, секогаш кога е можно, написите за оддредена поблематика да излегуваат по одреден логички след, но сепак тоа не е возможно да се запази секогаш заради низа причини (различни соработници кои пишуваат за одредена област, месечниот ритам на објавување, следење на актуелностите итн). Иако ЕМИТЕР, заради оскудната стручна литература кај нас, многумина (па и ние) го гледаат како замена за книгите, сепак тој не може да биде тоа - списанието треба да се занимава со актуелните работи од науката и техниката, па затоа темите за подлабока едукација ќе бидат објавувани во посебни брошури. Една од планираните брошури е и Linux оперативниот систем, каде помалку упатените ќе ги стекнат сите потребни предзнаења.
3. Проектот "Среднобранов приемник" е едноставен и атрактивен, така што би требало да има многу заинтересирани хобисти за негова изработка. Кога повеќемина електроничари ќе се јават во некоја продавница за електронски делови со прашањето "Дали го имате ZN416?", тогаш сопственикот на продавницата сигурно длабоко ќе размисли како тоа му се случило тој дел да го нема во неговата продавница. Изборот на елементи во продавниците, во крајна линија, зависи како од агилноста на сопственикот уште повеќе од интересот на купувачите! Впрочем, ЕМИТЕР, со објавените електронски конструкции, е еден од главните двигатели за проширување на асортиманот во домашните продавници за електроника. Ние секогаш внимаваме на достапноста на елементите во електронските конструкции кои ги објавуваме, но ако се држевме само до она што го имаат продавниците, ќе останевме многу назад во развојот и применета на електрониката. Затоа барајте ги елементите во продавниците и бидете сигурни дека, ако моментално немаат некој елемент тој сигурно ќе се појави во наредните денови во некоја од продавниците.
4. Се сложуваме дека стилот на текстот за хетероспоевите не е сосема соодветен за поширок круг читатели - ние сме многу построги критичари од вас! Стилот е, едноставно кажано, премногу академски – што се должи и на професијата на авторката. Во иднина повеќе ќе внимаваме на поприфатливиот начин на изразување на авторите.
5. За текстот "Како најлесно да го уништите својот компјутер" имаше само две неповолни реакции (вклучувајќи ја и вашата!), но затоа многубројни поволни реакции - видете во резултатите од анкетата за најпопуларен напис во октомврискиот број! Овој текст со својот невообичаен пристап сепак претставува непретенциозно летно освежување, но во исто време е и длабоко едукативен за тоа што не треба да се прави со компјутерот.
6. За "Луѓето на Месечината - лага или подвиг?": додека авторот од "Форум" се потпирал исклучиво на некои (сомнителни) американски извори на информации, добар дел од моите извори потекнуваат и од руски извори (т.е. од поранешниот Советски Сојуз), што обезбедува балансираност, сигурност и валидност на моите информации (мене Астрономијата ми е хоби повеќе од 30 години!). Убеден сум дека аргументите што ги презентирав јасно покажуваат кој е во право, а кој греши.
Нема да верувате колку многу се трудиме околу маркетингот! Месечно нашиот маркетинг менаџер посетува по околу 50 фирми, но повеќето едноставно не се заинтересирани. Во овие фирми често работат "експерти" за маркетинг кои немаат ни најелементарни познавања од маркетингот, така што нашите логични објаснувања за неопходноста и предностите од рекламирањето во стручно списание, како што е ЕМИТЕР, наидуваат на ѕид од неразбирање.
Засега немаме намера ние да се занимаваме со продажба на готови уреди и кит комплети бидејќи тоа би барало голем ангажман од нас, а ние веќе сме преоптоварени со правењето на ЕМИТЕР. Затоа за подготовка на кит-комплети ги имаме овластено нашите бизнис партнери "КАМ-ЕЛ електроника" и "ГАЦ електроника", па така читателите-самоградители лесно можат да дојдат до саканите елементи за самоградба на некој електронски уред објавен во ЕМИТЕР.
Мислиме дека имиџот и квалитетот на ЕМИТЕР е подобар од оној во 2000 година, но сигурно дека ќе се трудиме ЕМИТЕР да го направиме уште подобар. Со овој тираж и со оваа количина реклами, цената на ЕМИТЕР, за жал, не може да биде пониска. Но, како што и сами велите, за цена од само 130 денари се добива списание кое вреди 200 денари (ако не и повеќе, би додале ние!). Уште еднаш ќе потсетиме дека еден ЕМИТЕР чини колку и едно потстрижување или 2-3 кутии цигари или пак 1-2 пијалока во кафуле, а сите знаеме дека огромно мнозинство од нашите сограѓани без проблеми ги даваат тие пари за спомнатите потреби и задоволства, но не и за ЕМИТЕР!? Значи не е проблем цената, туку свеста за потребата да се следат најновите достигнувања во науката и техниката. Инаку, ЕМИТЕР не е наменет само за електроничари-почетници туку за еден поширок круг љубители на науката и техниката. Затоа нашата читачка публика е многу разновидна - околу 1/3 се ученици и студенти, нешто повеќе од третина прават хобистите, а нешто помалку од 1/3 се професионалците кои работат во некоја научно-техничка област.
Уште еднаш ви благодариме за пофалбите и за забелешките. Воедно, ве повикуваме и вас авторски да придонесете со свои текстови во ЕМИТЕР. Кога секој десети инжењер во Македонија, еднаш во животот, би објавил во ЕМИТЕР само еден стручен напис од својата област, тогаш ЕМИТЕР секогаш ќе биде полн со атрактивни и корисни написи од сите области на науката и техниката :-)!
Владимир Филевски и Слободан Таневски


Здраво ЕМИТЕР,
Пред сè, сакам да ве пофалам за успешната работа, а потоа да ве замолам во некој од следните броеви да објавите шема на гитарски засилувач, а ако е можно и да ми посочите каде би можел да најдам шеми на гитарски засилувачи. Доколку сте во можност, би сакал да објавите и некои свртници за звучници со поголема моќност (околу 500 W).
Горан Мишевски од Кичево

На Интернет релативно лесно можат да се најдат "голи" шеми од разни гитарски засилувачи, но токму тоа не би Ви препорачал да го правите. Најдобро е да барате целосни проекти – оваа област не е толку едноставна и ќе Ви требаат детални информации. Целосен проект за гитарски засилувач ("Гитарски засилувач EGA 16 W") беше објавен во ЕМИТЕР 3-4/1996. Ако го немате овој број можете да нарачате од Редакцијата. Исто така, погледнете го проектот "Универзален аудио предзасилувач" во ЕМИТЕР 9-12/2000. На овој предзасилувач можете да приклучите кој било засилувач (во ЕМИТЕР се објавени многубројни проекти на моќни излезни засилувачи).
Не постојат некакви специјални свртници за звучници со поголема моќност! Ако свртниците треба се користат за поголема моќност, тогаш само се зголемува дебелината на жицата од калемите (индуктивитетите) на потребната вредност и се користат отпорници со поголема моќност(ако ги има). Ви препорачувам да го прочитате текстот "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/1996 и 3-4/1996.
Владимир Филевски