Почитувана редакцијо,
Списанието ви е "ОК" и ви посакувам и понатаму вака да продолжите.
При изработката на проектот "Комплетен стереозасилувач со голема моќност" од ЕМИТЕР бр. 7-8/04 наидов на некои проблеми:
1. Делот околу набавката на електронските компоненти и ППК комплетно го завршив. Кутија ми направија во една работилница за лим, но се јави проблем околу набавка на трансформаторот. За трансформатор од 300W/2x26Vac ми бараат 2000 денари. Дали овој трансформатор е соодветен за засилувачот и дали можам да го искористам "DC step-ap конверторот на напон" од ЕМИТЕР бр.1/04 наместо трансформаторот за напојување на засилувачот и на кој начин?
2. Имам направено и VU-метар кој се напојува со напон од 10 до 15V и струја од околу 100 mA. На кој начин да го поврзам со напојувањето од засилувачот ?
3. Имам изработено и "Електронски термостат за контрола на вентилатор" од ЕМИТЕР бр. 5/95, кој се напојува со напон од 12V. Ме интересира исто така на кој начин да го поврзам со напојувањето на засилувачот?
4. Дали би можеле во некој од наредните броеви на ЕМИТЕР да објавите напис за "Полнач за Ni-Mh батерии", и ако имало во некој од предходните броеви, дали би можеле да ми испратите електрична шема?
5. Моја желба, а сигурен сум, и желба на поголем број на читатели е да издадете книга со електрични шеми со упатства за нивна изработка.
Александар Георгиевски,
с. Стајковци – Скопје

1. Трансформаторот кој сакате да го купите е соодветен, но е предимензиониран, бидејќи како што нагласив во проектот под поглавието "напојување", за напојување на овој засилувач потребен ви е трансформатор од 150VA/2x26Vac, но не мора стриктно да се држите на овој секундарен напон (погледнете ги дијаграмите за напојување на слика 3 за оптоварување на излезот од засилувачот од 8 оми). Ви препорачувам да се прошетате по скопските продавници за електронски компоненти во кој ќе најдете трансформатор (како што направивме и ние во нашиов проект) со напон на секундарот од 2x24Vac и струја од 5A, кој ќе го купите по цена од околу 1000 денари. Овој трансформатор има малку помал секундарен напон од предложениот, но затоа е два пати поевтин од тој кој ви се нуди. DC Степ-ап конверторот на напон не може да се користи како замена за трансформатор – тој, како што веќе е кажано во текстот, служи за добивање на повисок еднонасочен напон од некој низок еднонасочен напон.
2. и 3. Поврзувањето на напојувањето на VU-метарот и Електронскиот термостат за контрола на вентилатор ќе го направите според електричната шема дадена на слика 1. Како што се гледа од шемата таа се состои од еден интегриран стабилизатор на напон (IC=7812) за 12 V и два паралено поврзани кондензатори C1 и C2 на излезот (OUT) со масата (GND). Влезот (IN) на овој стабилизатор се поврзува на плусот од напојувањето (+), а масата (GND) со масата од напојувањето на засилувачот (погледнете ја слика 6 во ЕМИТЕР 7-8/04). Треба да обратите поголемо внимание при монтажата на овој стабилизатор во металната кутија каде што ќе го монтирате и стереозасилувачот со голема моќност. Имено, металната плочка на стабилизаторот е поврзана со плусот, па затоа тој треба да се изолира од лимената кутија, а тоа ќе го изведете со помош на изолатор (лискун или сл.), изолаторска подлошка и завртка со навртка. Помеѓу реброто и кутијата нанесете термопроводна паста за подобро одведување на топлината.
4. Полнач на за "Полнач за Ni-Mh батерии", досега не е објавен во ЕМИТЕР, но ќе се потрудиме предлогот да биде реализиран во некој од следните броеви.
5. Што се однесува до вашето прашање за книга со шеми во издание на ЕМИТЕР, може да ве известиме дека таа е веќе во подготовка и можете за некој месец да ја очекувате во продажба.
Славко Стојковски и Слободан Таневски


Почитувана Редакцијо,
Имам едно прашање: Го изработив Стерео засилувачот од ЕМИТЕР, со додавање на Лауднес контролата. Кога го пуштив прв пат, проработе, но едниот канал работи нормално, а другиот работи два пати послабо и не ги репродуцира длабоките тонови. За предзасилувач на засилувачот како и на лауднес контролите го користам ИК NE 5532, бидејќи вие нагласивте дека е поквалитетен. Исто така го додадов филтерот за ниски тонови и 150 ватниот мостен засилувач со TDA 7294, но тие си работат нормално и многу сум задоволен. Во што е проблемот?
Миодраг Голубовиќ
преку e-mail

Прашањето како што го разбрав е дека, едниот канал од Вашиот штотуку изработен "стерео засилувач со голема моќност" објавен во ЕМИТЕР бр.7-8/04, дава двапати помала излезна моќност на едниот канал. За да откриете во што е проблемот треба да направите мало тестирање, а тоа се состои во следното: Излезот од тон блендата од исправниот канал треба да го споите со влезот на излезниот засилувач кој дава на излез два пати помала излезна моќност. Ако после оваа постапка и понатаму излезната моќност е два пати помала во однос на другиот канал, тогаш проблемот е во ИК LM3886T (треба да се замени). Ако пак со оваа постапка излезот добро работи, тогаш проблемот е во "тон блендата". Прво проверете дали сите компоненти се добро залемени на соодветните места според слика 7. Ако тоа е во ред проверете да не има некои непредвидени куси врски или прекини на плочката. Ако и тоа е во ред тогаш е неисправен некој елемент во тон контролата, а тука најсомнителни се потенциометрите – ако тие се неквалитетни или стари тогаш можно е во некоја позиција лизгачот да се одвојува од отпорната лента и со тоа да ја пореметува работата на колото. Решението е да употребите поквалитетни потенциометри.
Славко Стојковски


Најнапред здраво на сите од редакцијата и голем поздрав за она што го правите со ЕМИТЕР. Списанието ви е супер, иако имам мала забелешка. Јас сум прилично млад ваш читател (21 год). За ЕМИТЕР дознав дури во втора година средно. Од тогаш навака се трудам да ги имам сите броеви, иако тешко ми оди. Кога прв пат дознав за списанието бев мало дете што го интересираа други работи, нели во средно - електро, каде децата бараа играчки во списанијата за електроника. Сега ме интересираат други работи што ги наоѓам во списанието. Единствен проблем ми се речениците од типот: "За компресиони зв. кутии прочитајте го написот во ЕМИТЕР 5/95". Да речеме дека сум јас доволно стар за да ги имам тие броеви, но што е со нашата младина? Иако ЕМИТЕР е месечно списание и немате никаква обврска кон реиздавање на броеви, сепак неговата недостапност е проблемче за читателската публика (барем на таа околу мене). Ете, толку од мојата забелешка.
Сега ќе се префрлам на она што ме мачи. Јас се нафатив на проектот Транс 8. Супер, детето ги направи кутиите и стигна до проблемот наречен дампирање. Ми се чини дека сега му се обраќам само на Филевски. Прашањето е следново: според цртежот во списанието од средината на косата преграда до крајот на отворот (од позади) има 90 mm. Кога ке одбиеме некои 8 mm од дебелината на иверката од преградата и уште 16 од задната иверица, остануваат некои 70 mm. Прочитав дека треба 700 грама од волната за дампирање. Кога ќе се скрои, се добива материјал кој е дебел (висок) 20 до 30 mm. Од двете страни кога ќе се нанесе волна, го затвараат отворот од задната страна на звучникот скоро целосно (останува само некои 10 mm). Прочитав дека треба волната да се распореди со "рамномерна густина". Што значи тоа? Да ставам повеќе материјал во поширокиот дел, а помалку во потесниот дел, па да добијам некоја своевидна рамна "цевка"? Тоа не ми изгледа логично поради тоа што косата преграда ќе стане "рамна", а ако требаше да е таква ... ќе беше таква :).
Второ прашање: не знаев дека ќе водам толкава битка со волна ... ми се расслојува, се распаѓа, се партали. Треба ли со нешто да се залепи за зидовите на кутијата? Ја исеков (волната) во парчиња долги колку самиот звучник и соодветно широки па така (не) ми оди процесот на полнење.
Добро, мислам дека поставив доволно прашања. Ах ... да .. уште нешто. Би прашал кој засилувач најдобро би се "дружел" со овие звучници.
Благодарам на вниманието и однапред благодарам на вашиот договор. Искрено ваш,
Александар Голубовски

Брошурата за звучници е во (рана) фаза на подготовка, така што и помладите читатели наскоро ќе можат да ги добијат сите потребни податоци за самоградба на звучници. А до тогаш, од редакцијата на ЕМИТЕР во секое време можат да се нарачаат стари примероци од ЕМИТЕР (или нивни фотокопии).
Поради нормалните разлики во густината на самиот материјал за дампирање (друг производител, на пример), можно е да има отстапки, па кај вас се случило материјалот да не стигне да го пополни целиот простор. Проблемите со дампирањето можат лесно да се решат - едноставно расчепкајте го малку материјалот, за да го пополни целиот простор. Најпосле, добро решение е и да додадете малку повеќе материјал за дампирање - нема ништо лошо да се случи, напротив. Оние пропишани 700 грама (по кутија) не се задолжителни, може и повеќе.
Материјалот треба рамномерно да се распореди - тоа значи дека во поширокиот дел од "цевката" треба да се стави повеќе материјал, а во потесниот помалку. Нема никаква потреба од лепење на материјалот на ѕидовите, тој самиот се држи заради еластичниот притисок на материјалот врз ѕидовите од кутијата.
Импедансата на бас-звучник вграден во трансмисиона линија е најрамна од сите типови звучни кутии, така што ваквите звучни кутии се најмал проблем за засилувачите. Едноставно приклучете каков било засилувач. Ако сакате гласна музика, ќе ви биде потребен засилувач со поголема моќност, бидејќи Trans 8 имаат мала ефикасност (тоа нема врска со трансмисионата линија). Задолжително употребете ја свртницата со дополнителниот калем за бас-звучникот, чијашто исправна шема ја објавивме во рубриката "Писма, дополнувања, исправки" во ЕМИТЕР 5/04.
Владимир Филевски


Ве молам доколку немате реален текст за рубриката ИНФОРМАТИКА да не ставате повеќе вакви боси текстови како што е "Како да го уништите сопствениот компјутер" во Е 9/04.
Затоа што и вие самите во вашето списание имате реакција на текстот од ФОРУМ "Луѓе на Месечината – лага или подвиг" каде што пишувате за изнесените невистини во врска со нивниот текст, а вие сте оние што све знаат и само ги поправаат наведените невистини. Луѓето биле на месечината и тоа е факт. Меѓутоа да се пишува како компјутерите не треба да се чистат со воздух и дека тоа доведува до оддувување на чиповите, баш би сакал да го видам тоа 8 светско чудо или како некој на своето PC, кое го работи секојдневно, има поставено адам како декор во станот.Трошките од леб во флопито се невозможна работа, освен ако имате мало дете по дома, па да ви направи некоја таква глупост, а мониторот поставен над вашиот компјутер, како да сака да каже дека десктоп куќиштата се непотребен мебел на масата. И уште многу други ситни забелешки. Ве молам бидете поозбилни или овие текстови сместете ги во некоја ХУМОР рубрика, а не вака.
Иначе сè на сè сте ок, имате добри и интересни работи во весникот и опфатени ви се голем број на теми од науката и техниката.
Поздрав !!
Леон Николов

Написот "Како да го уништите својит компјутер" на шеговит и алегоричен начин се занимава со активностите коишто ги прават многумина корисници на компјутери, несвесно придонесувајќи за оштетување, па дури и уништување на сопствениот комјутер. Сите оние кои малку повеќе се занимаваат со компјутерите, особено сервисерите, биле сведоци на случаи какви што се опишани во текстот, од користење на куќиштето како полица за сè и сешто, до јадење и пиење над тастатурата, па сè до изместување на чипови и конектори при "стручно" чистење на внатрешноста со јак компресор или јака правосмукалка. Резултатите од нашата мини анкета укажуваат дека овој напис наиде на одличен прием меѓу читателите, што значи дека повеќето правилно ја сфатиле неговата поента: "немојте да ги правите кажаниве работи за да не си го уништите компјутерот".
Слободан Таневски


Почитувани,
Иако ЕМИТЕР го следам од првиот број, досега се немам јавено со писмо. За ова мое јавување ме поттикна написот "Луѓе на Месечината – лага или подвиг" од ЕМИТЕР 9/04. Сомневањата за тоа дали луѓето стапнале на Месечината или не, не се нови. Се сеќавам дека уште во годините кога луѓето ги правеа првите чекори по Месечината во тогашните списанија имаше разни негирања. Но, и тогаш како и денес, тоа го правеа разни нестручни луѓе, сензационалисти, па дури и обични манипулатори.
Во годините кога луѓето ја освојуваа Месечината јас бев во основно училиште и со голема возбуда ги следев тогашните случувања. Исто и тогаш имаше недостиг на литература или списанија кои би ја популаризирале науката и техниката. Во тоа време излегуваше "Космоплов" кој јас со големо нетрпение го очекував да го купам, а понатаму почна да излегува "Галаксија". Кога ќе се сетам на тие денови и ќе ги споредам со денешните, можам да кажам дека скоро воопшто се нема променето односот на државата кон популаризацијата на науката и техниката. Исто и во школството и во образованието малку се популаризираше науката. Затоа со ова писмо сакам да ви изразам поддршка за вашите напори во популаризирањето на науката која не е сфатена како догма, туку онаа наука што ќе им помогнале на луѓето во натамошниот развој. Мислам дека сите соработници во ЕМИТЕР се стручни и компетентни луѓе кои имаат големи познавања од областите за кои пишуваат. Посебно би го издвоил господинот Владимир Филевски кој ме воодушевува со своето знаење, стручност и сестраност.
Затоа продолжете така со својата работа, вистина и фактите секогаш победуваат и се докажуваат во секојдневниот живот, а разните незнајковци, сензационалисти и сеачи на магла остануваат во заборав.
Ви пожелувам успех во понатамошната работа,
Ѓорѓи Сидеров

Голема благодарност за искажаните пофалби и поддршка. Се надевам дека преку ЕМИТЕР ќе се дружиме уште многу години.
Слободан Таневски