Почитувана Редакцијо.
Ќе ве замолам да ми ги испратите Excel табелите за пресметките на калемите за свртниците за самоградба на звучници. Исто така, ќе ве молам да ми објасните како можам да дојдам до целиот серијал за самоградба на звучници.
Сакам да вградам во стари и оригинални кутии SONY (многу добро сочувани) 150 W бас-звучник и високотонец. Досега филтрирањето на фреквенциите одеше преку електролитски кондензатор. Сега сакам да вградам нови звучници и би сакал да си составам сопствена свртница.
Понатаму, ќе ве замолам да ми кажете каде или како можам да ја проверам импедансата, како и реалната музичка снага на излезот од засилувачот.
Со почит,
Иван Ѓорѓиевски, преку e-mail.

Како прво, доколку ги немате, треба да ги набавите соодветните броеви на ЕМИТЕР каде е објавен серијалот "Како до квалитетни зучници" (ЕМИТЕР од 1/07 до 7-8/07). Истите можете да ги набавите преку Редакцијата на ЕМИТЕР или во ЕиП Електроника – кај МНТ. Во овие броеви има детални упаства како да ги измерите параметрите на драјверите кои сакате да ги вградите.
Потоа треба да го пресметате внатрешниот волумен на кутијата која сакате да ја употребите и, доколку звучната кутија е од типот "бас-рефлекс", треба да ги измерите габаритите (должина, пречник) на портот (портовите). Сите овие параметри внесете ги во програмот WinIsd. На овој начин ќе добиете симулација на однесувањето на "вашиот" драјвер во соодветната кутија. Постои веројатност "вашиот" драјвер воопшто да не е наменет за кутија каква што е вашата SONY. Тогаш ќе треба да ја менувате кутијата или да го менувате драјверот.
Дискутабилно е прашањето за употреба на "стара" кутија кога цената на изработка на нова не е висока, тука можете да побарате помош и од професионален столар, па цената на истата да не надмине 20 - 30 евра по примерок (за кутии од 20 до 30 литри). Друга работа е ако сакате да поминете евтино и да инвестирате само 20 - 30 евра за целиот проект. Тогаш не се измачувајте со мерења и пресметки! Едноставно "накалемете" пар "петпарашки" драјвери во постоечката кутија и свиркајте си! Како свират, така нека свират! Само едно треба да имате на ум, колку пари – толку музика! Друга работа е тоа што вашата кутија е најверојатно од седумдесеттите или осумдесеттите години од минатиот век, период кога индустријата многу малку се грижеше за основните принципи од акустиката, па изработуваше звучни кутии кои немаа добра заптивност, кутии кои не беа направени од аморфен материјал, принципот на компактност исто така не беше застапен! Потоа, не се водело грижа за поларната карактеристика, па се изработувале плитки но широки кутии, не се водело грижа за појавата на стојни бранови и други принципи на акустиката објаснети во 6. и 7. продолжение на серијалот. Доколку имате таква кутија и располагате со (или сте наумиле да набавите) пар квалитетни драјвери, ви препорачувам да изработите кутија според упатствата дадени во моите пишувања, бидејќи цената на кутијата ќе биде минорна во однос на цената на драјверите, а напредокот во квалитет ќе биде очигледен (увослушен).
Дури тогаш кога ќе го решите проблемот со драјверите и кутијата, можеме да пристапите кон пресметка на свртницата. Детални упатства за изборот и пресметка на свртницата можете да најдете во горенаведениот серијал. И тука нема да можете да искористите многу компоненти од старата свртница, најверојатно од истата ќе ви биде од полза само печатената плочка!?
Во однос на вториот дел од прашањето постои една дубиоза. Прво, иако излезната импеданса на засилувачот претставува битен показател за квалитетот на истиот, производителите многу ретко ја специфицираат истата. Излезната импеданса на засилувачите е многу мала и е од редот на наколку десетици милиома, овој податок како и фактот дека не постои "стандардна" процедура за мерење на истата, го прават практично невозможно нејзиното прецизно мерење во аматерски услови.
Сепак, јас сум на мнение дека вие не баравте процедура за мерење на излезната импеданса, туку баравте начин да проверите какви звучници (со колкава импеданса) може да погонува вашиот засилувач. Обично тој податок го назначуваат производителите и тоа во вид на предупредување (минимум 4 ома, минимум 8 ома итн.). Тоа предупредување треба да го прочитате на овој начин: "Поради можност од трајно оштетување на засилувачот, не е препорачливо да се приклучат звучници со помала импеданса од наведената". Сепак, можно е на излез од засилувач на кој пишува "минимум 8 ома" да приклучите 4-омски звучници, но во таков случај не смеете да го пуштате засилувачот "до даска", бидејќи тогаш ќе барате од него да даде поголема моќност од онаа која е во состојба да ја даде (P=U²/R, помала импеданса на звучниците значи поголема моќност при ист напон U). Имајте на ум, најбитни показатели за тоа колку еден засилувач е "блиску" до прегорување се: степенот на нелинеарни изобличувања и моменталната температура на излезните транзистори. За долг живот на засилувачот треба двата параметра да ги одржувате на што е можно пониско ниво.
На крај, има повеќе методи за мерење на моќноста на засилувачите и тоа не е едноставна процедура која би можела да се напише во неколку реда. Аудиофилите обично не ја мерат оваа големина, туку ја проценуваат според големината на мрежниот трансформатор, вредноста на филтерските електролити, големина на ладилните тела и според напонот на напојување на засилувачот. Ако, сепак, сакате да ја измерите излезната моќност (и некои други карактеристики) на својот засилувач, тогаш опис на соодветните мерни процедури за тоа ќе најдете во ЕМИТЕР 10/97.
Емилијан Иљоски


Почитувани,
Ме интересира во кои броеви на ЕМИТЕР имате пишувано за самоградба на антени со кружно зрачење и за вертикални дипол антени. Исто така, ме интересира и колку треба да биде долг кабелот од ФМ-предавателот, од ЕМИТЕР бр.12/05, до антената?
Мислам дека до сега немате објавено проект на предавател со PLL-кодер, па ако може би сакал да објавите и таков проект.
Поздрав,
Даниел Јовановски

За антени со кружно зрачење е пишувано во повеќе броеви на ЕМИТЕР. Напис за дипол антена е објавен во Емитер 3/2000, додека пак во Емитер 5-6/2К и Емитер 7-8/2003 се објавени написи за ГП-антена.
Што се однесува до должината на антенскиот кабел, со зголемување на должината се зголемуваат и губитоците низ антенскиот кабел. Фреквенцијата на која се емитира и квалитетот, односно карактеристиките на антенскиот кабел за таа фреквенција исто така се клучни фактори што може да влијаат на употребената должина. Значи, поквалитетен кабел ќе ви овозможи поголеми должини. Опширен текст за антенските кабли со сите неопходни формули и графици можете да најдете во брошурата "Кабелска телевизија".
Како и да е, доколку употребите надворешна антена којашто ќе биде поставена на некој столб, секако дека до неа ќе мора да поставите подолг антенски кабел. Но, кога станува збор за предаватели, многу е битно импедансното приспособување, односно присутноста на т.н. стојни бранови во кабелот. Тоа многу влијае на снагата којашто ќе стигне до антената. Проектите "Вештачка антена" (Емитер 4/2К) и "SWR Метар" (Емитер 3/2К) можат да ви дадат повеќе информации за импедансното приспособување и стојните бранови.
Во прилог ви доставуваме список со објавени написи во сите досегашни броеви на ЕМИТЕР, кој ќе ви помогне да лоцирате повеќе написи од ваш интерес.
Во план ни е и подготовка на проект за ФМ-предавател со ПЛЛ синтетизатор на фреквенцијата.
Добре Блажевски


Здраво Емитер.
Ги прочитав трите статии за самоградба на сончеви колектори и систем за греење на вода, па тоа ме поттикна да изградам таков систем за мојот дом. Затоа ме интересира какви резултати има добиено авторот при користење на неговиот систем и ако може тоа да се спореди со податоци од некој фабрички модел.
Исто така, ме интересираат резултатите од еколошката куќа во Кадино за која пишувавте во минатата година. Тогаш најавивте дека наскоро ќе дадете комплетен извештај за енергетската ефикасност на таа куќа, но до сега таков напис не објавивте.
Се надевам дека не барам премногу и дека наскоро ќе прочитам нешто повеќе за работиве што ги спомнав.
Однапред ви благодарам.
Гоце Поповски.

1. Соларните колектори за загревање санитарна вода, прикажани во ЕМИТЕР како проект за самоградба, тешко дека ќе можат да се споредат со некој фабрички модел, од проста причина што немам фабрички модели за споредба, а и од досегашното искуство можам да кажам дека речиси сите фабрички податоци се "пренадуени". Споредба со фабрички колектори "кај комшиите" не можам да направам, но ви ги давам податоците кои нешто покажуваат во првото тромесечје од нивното користење, па проценете сами.
Во табелата се дадени вкупниот број на киловати електрична енергија потрошени поединечно во секој од трите месеци, што само по себе и не е некој показател затоа што потрошувачката е релативна во однос на различното користење електрична енергија од различни апарати, но морам да напоменам барем три работи кои одат во прилог на заштеда на електрична енергија со користењето сончеви колектори во мојот случај.
Користење на климатизер во 2006/2007 год. во споредбените месеци, но во 2007 год. климатизерот работеше навистина ТУРБО. Ако во 2006 год. загревањето санитарна вода беше во кодекс на заштеда и со еден бојлер од 80 литри се тушираше четиричлено семејство само по потреба, оваа година единствен проблем беше како да се навикнеме на секојдневно туширање барем три до четири пати дневно. Напоменувам дека некаде во месец јуни беше поврзан уште еден бојлер од 80 литри на истиот систем колектори, а се наоѓаше кат подолу. Потрошената електрична енергија е заедничка за двата ката, а разликата е евидентна кога и двата бојлери се загреваат од колекторите.
Ако ги прочитете старите броеви на ЕМИТЕР во кои се опишуваат соларните колектори во три продолженија, ќе забележите разлика во препорачаната површина на колектори за потребите на едно четиричлено семејство и површината на колекторите кои се прикажани како самоградба во последниве броеви на ЕМИТЕР и која изнесува само 1,92 метри квадратни вкупна површина, а се загреваат вкупно 160 литри вода, за потребите на 4+2 члено семејство, што би требало да кажува за ефикасноста на ваквите колектори.
Споредете ги овие податоци со некој ваш познат кој има вградено фабрички колектори, па одлучете се за готови колектори или самоградба по теркот на овие објавени во ЕМИТЕР, но не заборавете, никој не може да го спореди задоволството за нешто што произлегло од вашите раце, секако со помош на Вашиот ЕМИТЕР.
Драган Јовановски

2. Првата еко-куќа во Македонија во целост ги исполни очекувањата, предвидени уште при нејзиното проектирање. Во текот на 12 месеци непрекината работа, системите за производство на енергија од сонце и ветер (фотонапонски панели, ветерна турбина и колекторски систем) произведоа 16 600 KWh електрична и топлинска енергија.
Загревањето на куќата, пред и по главната грејна сезона, целосно се потпираше на топлата вода добиена од сончевите колектори и струјата од ветерната турбина. Во зимскиот период оваа топла вода, предгреана од сонцето и ветерот, се догреваше со камин на дрва со топловоден изменувач. За целата грејна сезона беа потрошени околу 4 кубни метри дрва, а беше загреван простор од 150 метри квадратни , со што се покажа дека добрата термичка изолација на објектот, во комбинација со нискотемпературно подно греење, е вистинска добитна комбинација.
Ова е само накратко. Системот за загревање на куќата, како што ветивме, подробно ќе биде објаснет во некој од наредните броеви на ЕМИТЕР.
Звонко Марковски