Јас сум ваш редовен читател и ученик сум во ДЕТУ Михајло Пупин од Скопје. Го правам проектот од ЕМИТЕР 11/04"Адаптер за неонка на 12 V" и сакам да ви поставам неколку прашања. Ако се земе првата или втората изведба на трансформаторот која ватажа би ја добил, односно колкава ватажа на неонка ќе можам да поврзам. Дали тоа поврзување е со стартер или само на краевите на неонката и дали ќе можам транзисторот BD 933 да го заменам со дарлингтонова врска на 2N 1711 и 2N 3055, со што добивам поголемо засилување. Однапред ви благодарам и нетрпеливо го чекам вашиот одговор.
Поздрав
Милан Коцевски.

Замена со посочените транзистори е можна. Само од снагата на трансформаторот (пресекот на јадрото и дебелината на жицата во примарот и секундарот) зависи колкава неонка може да приклучите. Секако дека со неонка од поголема ватажа ќе течат поголеми струи во примарот и секундарот на трансформаторот, а со тоа и низ транзисторот. Ако транзисторот ја поднесува јачината на струјата низ примарот, може да се стави и појака неонка. Стартер не е потребен, како ни исправна неонка, т.е. неонка со непрекинато грејно влакно.
Петар Аврамовски


Почитувана редакцијо,
Како и секој конструктор така и јас имам проблеми, па барам ваша помош за да го отстранам дефектот. Мојот проблем е со засилувачот STK 4191 што го имам изработено. Ми се јавува шумење на звучниците и мислев дека е од влезниот сигнал, но не е. Проблемот е што на еден штекер за 220V имам поврзано 2-3 работи со разделник и кога е така поврзано има шум, а кога е само засилувачот сам приклучен на штекерот, си работи беспрекорно - нема ниту шум ниту изобличување. Имам торусно трафо и 2x10 000 микрофаради кондензатори а како предзасилувач го користам предзасилувачот со бас, баланс и високи од ЕМИТЕР 5-6/96 год., само имам ставено наместо TL072 NE5532. Би ви бил многу благодарен ако можете да ми помогнете да го отстранам овој дефект.
Поздрав и продолжете со вашата творечка работа.
Мики Пеливан

Иако борбата за намалување на брумот кај уредите е сложена и мачна, кај вас решението е едноставно! Вашиот случај не е осамен. Напротив, тоа е редовна појава кај уреди составени од градители аматери кои не се грижат за ожичувањето и кога ќе им се посочи на потребата од квалитетни водови, тие редовно одговараат со реченицата: "Абе ајде! Што може да направи една жичка!?!"
Според искажаното вие немате применето ниту еден основен принцип за борба против брумот! Внимателно прочитајте ја серијата написи: "200 W RMS засилувач од врвна класа", особено првото и шестото продолжение објавени во ова списание (12/05 и 6/06 соодветно) и многу лесно ќе видите што му недостасува на вашиот засилувач. Особено треба да обрнете внимание каде во уредот сте го приклучиле заземјувањето од градската мрежа, дали и каков мрежен фитер сте употребиле (види слика 1 и 2 во написот во Емитер 12/05), дали и какви "филтерски" кондензатори паралелно сте приклучиле на "вашите" "2х10 000 микрофаради" (од C21 до C24 во сл. 4 – ЕМИТЕР 12/05). За конкретната реализација јас предлагам да употребите по еден МКТ кондензатор од 3,3µF/63V и еден керамички кондензатор од 100nF/63V паралелно со секој електролитски од 10000 µF.
Втора многу битна работа која влијае врз брумот е начинот и квалитетот на изведбата на "помошното напојување" – напојувањето за двојниот операциски засилувач NE5532. Самото интегрирано коло не е проблем во однос на брумот, бидејќи е проектирано да работи во квалитетни Hi-Fi предзасилувачки степени. Јас предлагам да изработите напојување со посебен трансформатор за да ги добиете потребните ±15V (види дел од слика 15 – стр. 42 – Емитер 3/06). Ако не сакате или немате физички можности да сместите уште еден трансформатор во кутијата, можете да ги добиете посакуваните ±15V од напојувањето за STK4191 (вообичаено ±35V) со соодветни предрегулатори и стандардните стабилизатори 7815 и 7915. Предрегулатори се потребни, бидејќи напонот на напојување на STK-то често го надминува максимално дозволениот 37V за стабилизаторите од 78xx серијата. Предрегулатор лесно се изработува со еден транзистор, една зенер диода и и еден отпорник и тој треба да го намали напонот на некои 24V.
Трета, многу битна работа е самото ожичување, тука ви предлагам да го проучите и да го примените принципот детално обработен во шестото продолжение на "200W RMS засилувач од врвна класа" (Емитер 6/06), Е, ова може да биде болно! Најверојатно ќе треба да го размонтирате целото ожичување и повторно да го монтирате според дадените упатства.
Ако сè ова не ви успее, обратете се повторно за помош.
Емилијан Иљоски


Здраво Редакцијо ! Имам едно прашање во врска со 200 W DC/AC претворувачот од Е 10/98. Не ми се јасни карактеристиките на трансформаторот, каде што пишува дека примарот треба да биде 2x9 V со изводи кај 2x8, слично и за секундарот 240 V со изводи кај 220 V. Што значи ова? Дали треба примарот да има изводи за 9 V кои нема да се користат, и изводи за 8 V на кои се приклучува уредот? Во тој случај зошто се оние изводи за 9 V? Истото прашање и за секундарот. И уште нешто - дали може со претворувачов да напојувам индуктивен товар, поточно се работи за пумпа за централно греење? Голем поздрав до вас.
Мартин Јанковски

Спомнатите дополнителни изводи на трансформаторот се планирани за евентуално нагодување на вредноста на излезниот напон . Во основа тие не се неопходни па затоа за овој претворувач доволен ви е стандарден мрежен трансформатор за 230V со секундар од 2x9V, со тоа што улогата на примар и секундар во овој случај е заменета. Примарната намотка за 230V се користи како секундар, а секундарните навивки од 2x9V како примар.
Напојувањето на индуктивни товари со овој претворувач не би требало да претставува поголем проблем ако се користи доволно моќен трансформатор и доволно голем ладилник за излезните транзистори. Во вашиот случај поголем проблем претставува доверливоста на уредот. Овој уред е многу едноставен и првенствено е наменет за примена на места каде каде што не се бара висок степен на доверливост. Затоа неговата примена е ограничена, на пример, за напојување на светилки. Уредите со слична намена кои имаат висок степен на доверливост се далеку посложени и пософистицирани. Како алтернатива на споменатиот претворувач би ви препорачал да го погледнете решението кое е објавено во ЕМИТЕР 7-8/05. Тој претворувач е поквалитетен и подоверлив, а сепак не е многу посложен и поскап во споредба со проектот од ЕМИТЕР 10/98.
Дејан Трпески