После долгиот мрак во Македонската електроника, при крајот на минатата година како да блесна ѕвезда-водилка за сите нас електроничарите. Еден силен импулс на гордост нѐ облеа сите нас кога за прв пат слушнавме за "неверојатниот" засилувач на колегите од "АЦ-ДЦ". Навистина, големо остварување е да се даде придонес во модерната електроника, особено ако се припаѓа на држава која воопшто нема електронска индустрија. Особено ако се знае дека сме ја надминале по инвентивност милионската армија на инженери по електроника низ светот, која несомнено претставува водечка иновативна сила на денешнината.
Со особен интерес го прочитав написот за линеарниот MOSFET засилувач од 1000W RMS на 1Ω во јануарскиот број на Емитер и на мое големо разочарување наидов на неколку нелогичности кои не би требале да се провлекуваат во вакви, би можел слободно да кажам, капитални проекти.
1) Навистина не ми е позната намерата на конструкторот да го истакнува својството на минијатурност на уредот, кога за негово погонување се користи напојување од околу 1500 W што во превод значи некои добри 30 Kg материјал?!? Спонтано тоа ме потсетува на анегдодата за рачните часовници од бившиот Советски Сојуз: тие беа мали, елегантни, убаво прилегаа на раката, дизајнот им беше како на Cartier... Но, истите користеа автомобилска акумулаторска батерија од 45Ah! Но, шега настрана, тоа што јас лично не сум љубител на адаптери, тоа си е моја работа. Факт е дека во комерцијалната електроника тие масовно се користат. Во индустриската, односно професионалната електроника апсолутно тоа не е случај, тука се бара поголем степен на компактност и доверливост.
2) Би сакал од конструкторот да ја слушнам научната потпора на декларираната моќност. Имено, за да добиеме 1000W RMS на 1Ω, е потребна ефективна вредност на напонот на потрошувачот од 31,6 Vrms без разлика дали во решението се користи струен или напонски засилувач. И да ги занемарине сите губитоци во елементите (целобрановиот исправувач, кондензаторот C и MOSFET-ите), и да го занемариме фактот дека теоретски максималниот коефициент на полезно дејство кај засилувачите од класата AB изнесува 74,6%, напонот на секундарот на трансформаторот треба да изнесува барем 2 x 31,6 V, за да добиеме 1000W RMS на 1Ω! Во конкретниот случај истиот напон е 2x25V, што значи дека идеализираниот максимум со тој напон е 625W на 1Ω!
Зошто се потребни 2 x 31,6V често прашуваат неупатените во проблематиката? Тоа се должи на фактот дека, во конкретниот случај, едниот крај на оптоварувањето (Ropt) може да биде врзано час за едната половина на напојувањето, час на другата половина на напојувањето. Но, никогаш не може да биде врзано на двете напојувања истовремено, бидејќи истото е секогаш врзано со едниот свој крај на средната точка на напојувањето: точката GND (погледни сл.1 и сл.2, стр 83 и 84 од Емитер 01/08). Да се разбереме, класата AB на засилувачи е позната уште од далечните 30-тите години од минатиот век и овие работи ги разјаснил Loy Barton во својата книга "High Output Power from Relatively Small Tubes" издадена во 1931 година. Тука тој го пресметал и теоретски можниот степен на полезно дејство во оваа класа.
3) Би сакал од конструкторот да слушнам зошто ги употребил токму тие вредности на кондензатори C (види табела 1 – стр. 83, Емитер 01/08) кога едноставна пресметка покажува дека, за факторот на брановитост на напонот на напојување да биде помал од 20%, се потребни најмалку 5 (и со букви: пет) пати поголеми вредности?!? Да не зборуваме за тоа дека и 20% е веќе многу голема вредност на брановитост за класата кон која претендира уредот.
4) Би сакал од конструкторот да слушнам зошто се одлучил за решение кое предвидува паралелно поврзување на звучници за да се добие бараната моќност, кога знаеме дека тонските инженери и операторите на звук "како од чума" избегнуваат да поврзат звучници паралелно поради ефектот наречен “swishing”, кој драстично ја деградира звучната слика?!? Токму за да се избегне овој ефект, во последните десетина години, во електроакустиката масовно се користи една дијаметрално спроивна концепција која дозволува на секој звучник поединечно да му се донесе точно определена амплитуда, групно доцнење, фазно поместување и фреквентен опсег. Впрочем, и дигиталното процесуирање на звучните сигнали дозволува истото да се изведе со голем степен на автоматика и минуциозна прецизност.
5) Би сакал од конструкторот да слушнам повеќе за неговиот таинствен "Heksa Cool MOSFET" од третата генерација, навистина "cool" елемент употребен во реализацијата на проектот 1000W на 1Ω.
Поради недостаток на простор во ова писмо се изоставени многу пресметки, формули и објаснувања. Затоа, за теоријата и праксата во врска со оваа проблематика поопширно ќе пишувам во една серија написи која ја подготвувам за наредните броеви на Емитер.
Мислам дека гореизнесените факти и приод кон проблематиката ќе им бидат од полза на многу млади конструктори во нашата средина. За тоа што копјата се кршат преку грбот на нашите ценети колеги од "АЦ-ДЦ", искрено жалам! Сепак, мораме да ги негуваме, штитиме нашите иноватори како капка вода на дланка, бидејќи ги имаме толку малку!
Иљоски Емилијан
Навистина ни е драга заинтересираноста на читателите за нашиот нов иновативен производ и патент "AC-DC Audio Power Module 1000W/1Ω" како и нивните прашања поврзани со производот. Се радуваме што инициравме размислувања и прашања, дали е возможно некој во Македонија да работи производи од висока технологија а, притоа да дава насоки на развојот дури и на големите мултинационални аудио компании со милиони годишно произведени аудиозасилувачки системи и уреди.
Иако бранувањата околу промоцијата на Аудио засилувачот 1000W/1Ω се уште не стивнаа, пред сѐ од страна на аудио вљубениците, како и голем број на патентни странски застапници, стручниот тим на АЦ ДЦ (во кој членуваат најразлични профили од аудиофили, електронски дизајнери, хардвер дизајнери, аудио-професионалци, професори, магистри) за неполни два месеца ќе промовира нов производ "AC DC Audio Power Module 5000W/0,2Ω!" за кој сметаме дека навистина ќе претставува светски "бестселер" и кој за сигурно не би можел да помине незабележано во светски рамки во оваа област.
Како фирма се стремиме кон најстрогите критериуми за квалитетот на производство ISO9001:2000 така што се надеваме дека производот ќе остане во Македонија.
Имено, новиот аудиомодул го користи истиот претходно промовиран патент и е со исти димензии 10 cm X 10 cm X 10 cm, а е моќен 5000W. Навистина неверојатно, зарем не?
Навистина ни е мило што првата промоција на овој производ ќе биде во списанието "ЕМИТЕР" како најрелевантно од оваа област кај нас, а преку "ЕМИТЕР" ќе биде и понудена продажба на овие уникатни уреди по пристапни цени, иако крајната цел за нас се познатите светски аудио компании.
После овој вовед еве одговор на поставените прашања:
1. Во врска со димензиите на уредот 10 cm x10 cm x10 cm би напомнал дека редуцираноста на димензијата на уредот во однос на моќноста од 1000W е 1:4; што е придобивка на промовираниот патент, додека пак придобивката во однос на моќноста на уредот од 5000W би била 1:12 до 1:16. Исправувачкиот дел, кој во однос на декларираната моќност е голем (класично торусно трафо со кондензатори), може да се замени со "Switching напојување" што е тренд во PA Power аудиозасилувачката технологија (заради намалувањето на димензиите), па така би добиле уред во однос 1:3 до 4 во однос на денешните познати PA аудиозасилувачки системи. Импозантно зарем не?
2. Навистина ни е мило што ни го поставивте ова прашање бидејќи во одговорот е содржана и суштината на објаснувањето на нашиот патент во однос на дисипацијата, како и квалитетот на уредот во однос на ниските омажи кои ги поддржува. Притоа ја прикажавме апликацијта со излезниот напон на напојување од 25VAC при што максимално се нагласени карактеристиките (предностите) на нашиот уред во однос снага-дисипација и можноста за излезно оптоварување помало од 0,5 Ω! при паралелно поврзување на повеќе од 16 звучници во паралела, а уредот да е ладен (дури ни кулер не е потребен). Зголемувањето на напонот на напојување на уредот до 35 VAC и редуцирање на бројот на звучниците го зголемува дисипативното оптоварување на уредот при што при максимални оптоварувања може да подржи моќност од 1800 до 2000W.
Прашањето за степенот на искористливист во АБ класата од 74,6% (поточно 78,5% по новите анализи - http://en.wikipedia.org/), што е односот на топлинската и енегија и икористената излезна енегија, е во основа нашиот патент при што димензиите и мерењата на засилувачот го потврдуваат тоа.
3. Во нашата табела јасно е кажано дека се работи за минимални препорачани вредности.
4. Изразот: “Switching” или “phasing” потекнува од мало фазно отстапување кое слушателот го слуша кога звукот пристигнува од повеке извори. Во нашиот случај, кога сите звучници се на еден засилувач тој проблем е помалку изразен, одошто во системите со повеќе засилувачи. Практика на неповрзувањето на звучниците во паралела се должи на проблемот на непостоење на моќни аудиозасилувачи кои би ги анулирале негативните појави односно влијанието на природата на звучникот (R, C, L) врз изворот. Доколку би се мултиплицирал проблемот на повеќе од 10 звучника врзани во паралела ниеден класично конструиран аудиозасилувач не би го поддржал тоа без изобличување. Мислам дека ова прашање ја доловува сликата колку е комплексен проблемот што го решава нашиот засилувачки систем со одлични слушни и мерни карактеристики.
5. Повеќе информации за третата генерација на Heksa Cool MOSFET-ови можете да најдете на web страната: www.irf.com
Како пристап на презентирањето на нашите Аудио иновативни уреди 1000W и 5000W го одбравме пристапот на практично презентирање, при што повеќето од горенаведените прашања би биле однапред одговорени.
"АЦ-ДЦ"
Како и многу други, така и мене од пред многу години ме интересираше појавата на летачките чинии. Сознанијата за нив ги добивав од електронските и пишаните медиуми, со разни слики, во разни форми: округли, долгнавести, вакви и такви светлосни ефекти и други збунувачки карактеристики, па некој ги видел, па некој видел дури и "луѓе" во нив со некој вид скафандри, меѓутоа НИЕДЕН конкретен и материјален доказ за тоа нема.
Како директор на одделението за машини во "Славија" на повик од партнер на "Славија" од Германија во почетокот на 1980 година отидовме во една соседна земја на Германија и по пат ми кажа дека одиме на полигонот каде што се тестираат три мали модели на летачката чинија, како и да го видиме нивното производство. Партнерот ми кажа дека тој го снабдува производителот со потребен репроматеријал главно за телото на чинијата и моторот, додека електрониката, стојниот трап и уредот за движење горе-долу, лево-десно, цик-цак, итн. е од нивно производство. За време на престојот со најмалиот модел се изведуваа "летања" на чинијата во разни правци и под разни услови. Ова беше прва посета и прво запознавање.
Втората посета се случи во април 1980 год. заедно со тогашниот Републички секретар за индустрија, енергетика и рударство, инж. Љубомир Коруновски, со изразена желба лично да се увери во постоењето на летачка чинија, како и по барање од Сојузниот секретаријат за индустрија од Белград тој лично да оди и да им достави информации од таа посета. Исто и овој пат ги видовме речиси сите можности на малите типови на чинии.
Третата посета беше по молба на Сојузниот секретаријат за индустрија од Белград ако може да им се овозможи на тројца експерти за аеронаутика лично да се уверат што е тоа летачка линија, со сите технички карактеристики. Ова беше овозможено на крајот на април 1980 год. За време на овој престој на полигонот и конкретно беа покажани разни можности на летање, на лебдење во воздух, со и без товар, така што тие беа фрапирани од разните можности за примена во цивилни и воени цели.
Веќе по речиси еден месец од последната посета, производителот ми достави писмо во кое на произведувачот се согласува да ја дели технологијата за производство на летачката чинија со назив ТУРБОПЛАН, да работиме на неговиот развој и да ја произведеме првата летачка чинија за превоз на стока и луѓе.
Од оригиналниот проспект кој го добив при првата посета во табела 1 ги давам техничките податоци на спомнатите летачки чинии.
По 10 поминати години, во 1990 год. при посета во Германија поради набавка на машини за ковање на металните пари во "Сувенир" од Самоков, заедно со ген. директор инж. Илија Поп Стефанија, маш.инж. Ристо Дишев, свративме кај нашиот партнер (кој го снабдуваше со репроматеријал и произведувачот на летачките чинии), па директорот Илија Поп Стефанија го праша партнерот: "Што стана со летачката чинија"? Тој одговори: "Е, г. Поп Стефанија, еднаш дојде Салџиевски, втор пат со еден Министер и трет пат со тројца инженери од Белград, за овие 10 години летачката чинија е развиена ДО НЕВИДЕНИ РАЗМЕРИ. Знаете не се жалат пари ако таа се употребува и за воени цели и целиот проект е сега во рацете на една друга голема европска земја. Жалам што веднаш не реагиравте".
И понатаму редовно има вести за летачки чинии. На пример, во "Дневник" од 25.2.1998 г. од новинарот Менде Петковски имаше статија "Летачко фиќо половина час кружело над Битола", а во "Утрински весник" од 28.2.2003 статија со наслов "Четворица Србјани виделе мистериозни суштества со заштитни кациги". Во "Дневник", пак, од 9 Мај 2006 г. беше објавено "строго чуван извештај на британската одбрана тврди дека НИТУ ИМА ЛЕТАЧКИ ЧИНИИ, НИТУ ИМА МАЛИ ЗЕЛЕНИ". Поттикнат од ова на 11 мај 2006 год. до "Дневник" пишав дека ПОСТОЈАТ ЛЕТАЧКИ ЧИНИИ уште од 1979/1980 год. под името "УФО 1979". Кога ја видов сликата на НЛО снимена од 4-цата Србјани ја споредив со сликата од оригиналниот проспект – излезе точно како оригиналната слика на TURBO-PLAN.
Како заклучок може да се каже:
Летачката чинија е производ на една европска поголема држава и претставува варијанта на хеликоптер со кружно концентрично хоризонтално неподвижно крило. Малите модели кои биле снимени на територијата на Република Македонија: Битола, Кичево, Источна Македонија или околу јужната граница, веројатно се од некој полигони во Северна Грција. Малите модели НЕМААТ голем долет и се наведуваат од цивилни или воени лица во различни цели.
дип.ек. Ванчо Салџиевски