Рубрика: Архитектура и градежништво
Акција: сончев часовник на плоштадот Македонија
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 10/2003.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Конкурсот за уредување на централниот плоштад "Македонија" во Скопје заврши. Архитектите ги понудија своите проекти, а комисијата требаше да го одбере најдобриот. Но, комисијата одлучи да не избере само еден проект, туку реши она што ќе се гради да биде компилација на делови од три понудени проекти!? За такво решение народот одамна нашол еден многу прецизен израз: турли-тава! Тие решенија не беа објавени, па да не прејудицирам – можеби понудените проекти поединечно навистина не даваат целосно решение на плоштадот и можеби комисијата навистина била во право во обидот да се извлече максимумот. Како и да е, сигурен сум дека во усвоеното решение, сепак, не е вградено она што ние го предлагаме – симбол на Сонцето, кој извонредно ќе да ја долови суштината, душата, традицијата, историјата и културата од самото поднебје и луѓето.

Во медиумите беше објавено само дека прифатеното решение планира и изградба на голема фонтана на централниот дел од плоштадот. Немам ништо против фонтаните, но сепак мислам дека архитектите ја пропуштиле приликата на центарот од плоштадот да постават нешто што поблиску ја отсликува и Македонија и Македонецот. Лесно е да се критикува, а да не се понуди решение на проблемот? Токму затоа, преку ЕМИТЕР ја промовирам идејата: на централниот дел од плоштадот “Македонија” да се направи голем сончев часовник!

Зошто сончев часовник?

Затоа што Сонцето е врежано во генот на Македонецот! Уште од античките времиња (Филип Втори и Александар Велики) симбол на Македонија е Сонцето. На многу средновековни цркви и градби е нацртан или изгравиран симболот на Сонцето. Погледнете го нашето знаме! Да, Сонцето е наше, инаку тој симбол не би ви поттикнувал никакви чувства. Сонцето е нашата душа и традиција, а еден голем сончев часовник на плоштадот најдобро би го одбележал тоа. На фотографијата можете да видите фотомонтажа како би можел да изгледа тој голем сончев часовник. Ова е само најосновната идеја – на архитектите им оставам да ги решат деталите и украсите, додека за функционалното проектирање на сончевиот часовник јас и ЕМИТЕР секогаш ќе стоиме на располагање. Во склопот на сончевиот часовник можно е дури и да се инкорпорира и фонтана – за да не пропадне веќе изгласаното решение, а исто така можен е и богат цветен аранжман. Во повеќе градови низ Европа (и светот) има големи сончеви часовници, и секаде тие претставуваат туристичка атракција. Зошто не и кај нас? А знаете ли дека во Македонија нема ниту еден сончев часовник? Единствениот (мал) сончев часовник (ми се чини од Велес или Битола) беше пренесен во Белград пред неколку години.

 

Во државата на Сонцето нема ниту еден сончев часовник!?

Акција: Сончев часовник во секој град во Македонија!

Нема потреба од некои монументални и скапи сончеви часовници. Сончевите часовници се со многу едноставна конструкција: само една прачка и неколку линии и бројки на тлото или на ѕидот – и ништо повеќе! По градовите постојат толку многу досадни и празни ѕидови од зградите, кои многу лесно можат да се разубават со еден ѕиден сончев часовник. Понатаму, да не заборавиме дека освен украсната функција, сончевите часовници имаат и практична функција – го покажуваат времето! Во некој од следните броеви на ЕМИТЕР ќе прикажеме неколку различни конструкции на сончеви часовници. За почеток, само ќе кажам дека ѕидот на кој треба да се постави сончевиот часовник не мора да биде завртен точно на југ – важно е само да биде осветлен од Сонцето во некој период од денот, па во тој период точно ќе го мери времето. На останатите фотографии можете да видите неколку различни конструкции на ѕидни сончеви часовници. За хоризонталните сончеви часовници постојат уште повеќе различни конструкции. Само фантазијата е лимитот!

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 10/2003. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.