Рубрика: Уводник
Конечно – брошура за микроконтролери на македонски јазик!
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 6/2008.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Микроконтролерите денес се застапени во речиси сите технички производи - од детските играчки до индустриските машини. Сепак за повеќето македонски електроничари микроконтролерите се енигма од која бегаат. Веруваме дека со оваа брошура (и следната "Микроконтролери 2") македонските електроничари и информатичари ќе фатат приклучок кон светските текови на ова поле, било да се занимаваат со сервисирање на електронска опрема, било со развој на сопствени електронски конструкции.

Микроконтролерите денес се застапени во речиси сите технички производи - ги има во детските играчки, телевизорите, аудио/видео уредите, во кујнските апарати, во автомобилите, во индустриските машини и каде уште не. Микроконтролерот всушност е минијатурен компјутер, сместен во едно интегрирано коло, кој со малку дополнителна електроника и соодветна програма може да извршува мноштво сложени функции. Доказ за ова, освен спомнатите уреди и машини, се и проектите со микроконтролери објавени во ЕМИТЕР - таквите електронски конструкции се со помали димензии, а со значително поголеми можности.
Но, и покрај несомнените предности, за повеќето македонски електроничари микроконтролерите се енигма од која бегаат. Причина за ова е нивното непознавање кое, пак, е последица од немањето стручна литература на македонски јазик за оваа проблематика. Токму затоа ЕМИТЕР, како докажан "рушител" на таквите бариери, презеде иницијатива за издавање на две брошури под наслов "Микроконтролери за почетници". Инаку, првичните идеи за некое вакво издание кај нас се родија уште пред десетина години, но заради презафатеност и низа други проблеми не успеавме да ги реализираме порано. Пред 2 години, по низа консултации со неколку соработници, со колегата Благој Ќупев подготвивме детален концепт и план за содржините на спомнатите две брошури. Но, веднаш потоа Благој премина на ново работно место поврзано со многу обврски и службени патувања, па на пишувањето на брошурите не можеше да се посвети. На крај, коцките се поклопија кога пред неколку месеци колегата Добре Блажевски се ослободи од обврските со своите постдипломски студии, по што се нафати да ги напише испланираните брошури и, конечно, првата од нив е веќе пред вас.
Брошурата "Микроконтролери 1" ја содржи основната теорија за микроконтролерите (Основи на дигитална електроника, што е микроконтролер, Преглед на најпознатите микроконтролери), по што следи детален опис на микроконтролерот PIC16F84(А), проект за самоградба на програматор за повеќе типови PIC микроконтролери и упатства за користење на придружниот софтвер за преснимување на готова програма во микроконтролерот. Последниот дел е наменет за проекти на неколку електронски уреди со PIC микроконтролери за кои е обезбедена и бесплатна програма за PIC-от. За успешно да се совладаат содржините на оваа брошура доволно е читателот да има само основни познавања од електрониката.
Како што може да се забележи брошурата е наменета за електроничари кои немаат искуства со микроконтролерите и кои со нејзина помош на лесен начин ќе влезат во светот на микроконтролерите, ќе се запознаат со нивните основни составни делови и начинот на работата, како и со постапката за снимање (запис) на готова програма во микроконтролерите. На тој начин секој електроничар - читател на оваа брошура во иднина ќе може успешно да го изработи секој проект во кој е вклучен микроконтролер, а за кој се нуди готова (обично бесплатна) програма, што е вообичаена пракса во ЕМИТЕР и странските списанија за електроника.
Втората брошура (која планираме да ја објавиме до крајот на годинава) ќе оди чекор напред - ќе ги упати читателите како самите да направат свој проект и своја програма за микроконтролерот со помош на опишаните софтверски алатки, програмерски примери и развојниот систем специјално дизајниран за потребите на тој курс.
Веруваме дека со овие две брошури македонските електроничари и информатичари ќе фатат приклучок кон светските текови на ова поле, било да се занимаваат со сервисирање на електронска опрема, било со развој на сопствени електронски конструкции.
На крај, сакам да искажам благодарност до сите кои беа вклучени во реализацијата на оваа брошура, како и до фирмите Логинг електроникс, Искра АТГ, ГАЦ електроника и ТР електроника, кои со своите реклами го поддржаа нејзиното издавање. Останатите електроничарски фирми ќе имаат прилика да покажат дека се грижат за развојот на електрониката во Македонија кога ќе ја издаваме следната брошура.
Заинетересираните можат да ја набават оваа брошура преку нашата е-продавница на https://emiter.mk/Content.aspx?idMenu=10&num=2


Слободан Таневски,
главен уредник

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 6/2008. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.