На технолошката конференција на IBM во фокусот не беше само вештачката интелигенција, туку и технологијата за која многумина веруваат дека би можела да ги промени правилата на технолошката трка – квантниот компјутинг.
Иако денешните компјутери ги обработуваат информациите со брзина што до вчера изгледаше незамислива, научниците интензивно развиваат системи што би можеле да го променат самото значење на зборот компјутер. Имено, за разлика од денешните машини кои податоците ги обработуваат чекор по чекор, квантните компјутери изведуваат милиони пресметки истовремено.
„Класичните суперкомпјутери повеќе нема да бидат доволни за решавање на најкомплексните проблеми од современата наука и индустрија. Иднината не е замена на постојните системи, туку поврзување на ВИ, суперкомпјутерите и квантните компјутери во единствена инфраструктура“, изјави Џеј Гамбета (Jay Gambetta), потпретседател на IBM за квантен компјутинг.

Токму во таа врска помеѓу различните технологии, IBM ја препознава новата ера на пресметување – системи способни да решаваат проблеми кои денес се практично недостижни.
„Најголемите промени би можеле да се почувствуваат во медицината и фармацијата. Квантните компјутери би можеле драматично да го забрзаат развојот на нови лекови и симулацијата на молекули, бидејќи овозможуваат пресметки што денешните системи не можат прецизно да ги изведат“, вели Кенет Мерц (Kenneth Merz), професор по компјутерска хемија и квантен компјутинг при Универзитетот на Флорида.
Квантните пресметки, како што објаснуваат експертите, би можеле да скрати години истражување на само неколку месеци – од развој на терапии до откривање на нови материјали и батерии. За таквите системи да функционираат, потребна е и нова инфраструктура. Податочните центри стануваат срце на технолошкиот свет.

Токму тука се спојуваат клучните теми – вештачката интелигенција, податоците, безбедноста и енергијата, бидејќи како што моделите растат, расте и потребата од инфраструктура што нив може да ги поддржи. Податочните центри стануваат темели на дигиталниот свет, но и стратешка придобивка – нешто што се штити подеднакво како и енергетските системи. Во ера кога алгоритмите носат одлуки, довербата во луѓето и во технологијата станува клучна.
Од американската национална лабораторија, каде што е сместен еден од најмоќните суперкомпјутери во светот, велат дека количината на податоци и сложеноста на системите за вештачка интелигенција растат толку брзо што идната компјутерска инфраструктура ќе мора да биде организирана на сосема поинаков начин.
„Иднината нема да зависи само од моќта на процесорите, туку од способноста да ги поврземе суперкомпјутерите, вештачката интелигенција и квантните системи во единствен екосистем“, изјави Сарп Орал (Sarp Oral) од американската Национална лабораторија Оук Риџ.
Експертите се согласни, државите и компаниите што ќе ја контролираат компјутерската инфраструктура на иднината, ќе го контролираат и развојот на економијата, медицината, енергетиката и безбедноста.
Повеќе на оваа тема и во
Од сервер до суверенитет: чувањето на податоци како стратешко прашање
Уште еден еко-проблем на ВИ – податочните центри произведуваат огромни количини стакленички гасови