Од револуционерни медицински откритија до лансирање на првите вселенски станици, денес се потсетуваме на неколку клучни настани што го трасираа патот на современата цивилизација...
14.5.1796 – Изведена првата вакцинација во историјата
Британскиот лекар Едвард Џенер (Edward Jenner) забележал дека луѓето кои биле во контакт со кравји сипаници не заболуваат од многу посмртоносните големи сипаници.
На 14 мај 1796 година тој ја извел првата вакцинација против големи сипаници, инјектирајќи му на осумгодишното момче Џемјс Фипс течност од лезии од кравји сипаници. Овој храбар чекор, што денес се смета за контроверзен од етички аспект, е темелот на современата имунологијаи вакцинологија. Зборот вакцина, всушност, потекнува од латинскиот збор за крава vacca
Благодарение на вакцините, големите сипаници се денес единствената човечка болест која е целосно искоренета на глобално ниво. (Н. С.)
14.5.1897 – Првиот безичен телеграфски пренос преку отворено море
Во мај 1897 година, италијанскиот физичар Гуљелмо Маркони извршил низа експерименти во Бристолскиот Канал со цел да докаже дека радиосигналите можат да патуваат преку отворено море. Главниот пробив се случил во деновите околу 13 и 14 мај. Сигналот бил испратен од островот Флат Холм до ’ртот Лавернок во Велс, на оддалеченост од околу 5 километри.

Маркони користел Морзеова азбука за да ја пренесе историската порака „ARE YOU READY“ (Дали сте подготвени?).
Настанот ја докажал практичната примена на безжичната телеграфија (радиото) во поморството. Дотогаш, научната јавност верувала дека заобленоста на Земјата трајно го ограничува дометот на радиобрановите на рамна површина. (Н. С.)
14.5.1919 – Роден е Харлан Милс, пионер на софтверското инженерство
Харлан Милс (1919 – 1996) е истакнат американски математичар и компјутерски научник, кој го револуционизира начинот на кој се пишува софтверот.
Во 50-тите и 60-тите години од минатиот век, кодирањето се сметаше за неформална, занаетчиска дејност. Милс, работејќи воглавно во IBM, прв започна да се залага за примена на строги математички принципи во програмирањето.
Творец е на методологијата Cleanroom. Инспириран од чистите соби во микроелектрониката, тој разви процес каде грешките во софтверот т.н. багови се спречуваат уште пред кодот да биде напишан, преку формални математички докази за точност. Целта беше создавање софтвер со нула багови за критичните воени и вселенски мисии.
Тој го воведува и концептот за организација на програмерите во јасно структурирани тимови каде клучните одговорности се поделени хируршки точно, со цел да се зголеми продуктивноста и квалитетот на финалниот код. (Н. С.)
14.5.1973 – Лансирана e Скајлаб, првата вселенска станица на САД
Скајлаб (Skylab) беше првиот американски чекор кон обезбедување постојано присуство на човекот во вселената и значаен проект за разбирање на тоа како човечкото тело се прилагодува на долготраен престој во бестежинска состојба.
Три астронаутски екипажи, последователно ги истражуваа ефектите на микрогравитацијата на човечкото тело, го проучуваа Сонцето и ги направија првите вселенски набудувања на ресурсите на Земјата.

Вселенската станица Скајлаб во орбита околу Земјата
Вселенската лабораторија ги користеше ресурсите на НАСА од програмата Аполо – ракетата Saturn V Moon, чијашто трета фаза беше адаптиранa на две нивоа за престој на астронаутите, едното прилагодено како живеалиште, а другото опремено како орбитална работилница; а командните и сервисни модули од вселенската програма Аполо беа користени за транспорт на екипажот и на мали количини намирници. Иако станицата претрпе технички оштетувања при самото полетување (еден од соларните панели не се отвори), екипажите успеаја да ја поправат и да спроведат стотици експерименти од областа на биологијата, астрономијата и физиката на материјали.
Скајлаб беше долга 30,2 метри, имаше пречник од 6,7 метри и маса од околу 75 000 кг. Иако имаше низа ограничувања во поглед на потрошните ресурси, слично како и советските вселенски станици од првата генерација Саљут, сепак, за разлика од нив, Скајлаб нудеше поголем комфор во поглед на просторот и можности за повеќе истражувања. Главниот научен инструмент, телескопот Аполо, содржеше голем број телескопски компоненти и други уреди за набљудување на Сонцето во широк опсег на електромагнетниот спектар, од видливата светлина до Х-зраците.
Секоја од трите мисии на Скајлаб поставуваше нов рекорд за издржливост во вселената. Иако плановите предвидуваа продолжување на векот на Скајлаб со поместување на вселенската станица во повисока орбита со една од првите вселенски мисии на спејс-шатлот, за жал зголемената сончева активност во овој период предизвика побрзо деградирање на орбитата на станицата од очекуваното. Така, На 11 јули 1979 година, Скајлаб навлезе во атмосферата по што се распадна, а остатоците од станицата се распослаа над југоисточниот дел од Индискиот Океан и над Западна Австралија. (Н. С.)
14.5.1992 – Процесорски пробив на Тексас Инструментс
На 14 мај 1992 година, компанијата Texas Instruments (TI) официјално го најави нивниот дирекетн влез на пазарот за моќни компјутерски процесори со лансирање на сопствени верзии од чипот 486. Имено, во тоа време Intel доминираше на пазарот со својот револуционерен процесор 80486. Потегот на TI бил овозможен преку соработка и лиценцирање со дизајнерската куќа Cyrix Corp.


Процесорски клонови на 486-ката произведени од Тексас Инструментс
Процесорите како што беа TI486SLC и TI486DLC беа дизајнирани да бидат пин-компатибилни со постарите матични плочи за 386, но нудеа архитектура и брзина блиски до вистинска 486-ка. Тие вклучуваа внатрешна кеш-меморија и беа оптимизирани за заштеда на енергија.
Овој настан ја започна ерата на „процесорски клонови“ и агресивна ценовна војна. Тоа им овозможи на милиони корисници да добијат поевтини, а сепак брзи лични компјутери за работа со новите оперативни системи. (Н. С.)
14.5.2009: Лансирање на телескопите Хершел и Планк
Европската вселенска агенција (ЕСА) на овој датум во 2009 година направи огромен чекор во астрофизиката со лансирањето на два софистицирани телескопи Хершел (Herschel) и Планк (Planck).

Уметнички приказ од поставувањето на телескопот Хершел во орбита
Хершел беше најголемиот инфрацрвен телескоп лансиран дотогаш, овозможувајќи ни да видиме низ прашината во вселената и да го набљудуваме формирањето на нови ѕвезди и галаксии. Опсербаторијата Планк имаше уште поамбициозна задача – да го мапира „микробрановото заднинско зрачење“, односно ехото од Биг-бенгот (Големиот прасок). Податоците од Планк помогнаа во одредување на староста на универзумот со неверојатна прецизност (околу 13,8 милијарди години). (Н. С.)
14.5.2021 – Кинескиот ровер Журонг успешно слета на Марс
Роверот беше дел од историската мисија Тјанвен 1 на Кинеската национална вселенска администрација (CNSA). Со ова достигнување, Кина стана втората земја во вселенската историја која успешно управуваше ровер на површината на Црвената планета.

Роверот Журонг на површината на Марс, снимен со камерите од лендерот
Роверот Журонг, тежок околу 240килограми, беше именуван по богот на огнот од кинеската митологија, што симболично се поврзува со кинеското име за Марс (Huoxing – Огнена ѕвезда). Беше опремен со ласер за анализа на карпи, камери за навигација, детектор на магнетно поле и радар за подземно скенирање (GPR) и имаше иновативен систем за греење. Имено, наместо радиоизотопни грејачи, Журонг користеше специјални „прозорци“ исполнети со хемикалијата n-undecane, која ја акумулира топлината во текот на денот и ја ослободува ноќе.
Роверот слета во огромниот рамничарски басен Utopia Planitia на северната хемисфера од Марс. Иако неговата примарна мисија требаше да трае 90 марсовски денови (солови), тој остана активен повеќе од 347 сола, патувајќи речиси 2 километри на површината на Црвената Планета. Неговите најзначајни откритија вклучуваат докази за древен океан и плажи, докази за подолго присуство на течна вода на Марс и присуство на влага во поновата историја.
Во мај 2022 година, Журонг влезе во планирана хибернација со цел да ја преживее суровата марсовска зима и силните песочни бури. Беше предвидено тој автоматски да се разбуди во декември 2022 година, откако температурите ќе се покачат а соларните панели ќе можат да генерираат доволно енергија. Но, како што подоцна потврдија кинеските вселенски власти, роверот не успеа повторно да се активира. Орбиталните камери на NASA покажаа дека роверот останал неподвижен, најверојатно поради преголема акумулација на марсовска прашина врз неговите соларни панели, што го оневозможило полнењето на батериите. Мисијата се смета за огромен успех бидејќи ги надмина сите првични инженерски и научни цели.
Други значајни настани
14.5.1804 – Почеток на експедицијата на Луис и Кларк: На овој ден започна историското патување на американскиот корпус на истражувачи предводен од Мериведер Луис и Вилијам Кларк, кои ја истражуваа новостекнатата територија на западна Америка до Пацификот.
14.5.1878 – Патентиран е вазелинот: Роберт Чесброу го патентира производот Vaseline. Производот, во основа газиено желе, подоцна наоѓа широка примена во козметиката и медицината.
14.5.1961 – Прв Американец во вселената: Алан Шепард стана првиот американски астронаут кој полета во вселената со мисијата Freedom 7, што беше голем момент во вселенската трка.
14.5.1987 — Интернет доменот cisco.com официјално започнува со работа: Ова е еден од најраните регистрирани комерцијални домени кои го трасираа патот на глобалното вмрежување.
14.5.2005 — Слетување со хеликоптер на врвот на Монт Еверест. Францускиот тест-пилот Дидие Делсал влезе во историјата слетувајќи го својот хеликоптер Eurocopter AS350 Écureuil на највисокиот врв на светот, каде што остана рамно 4 минути за да го потврди светскиот рекорд
14.5.2013 — Првото катапултирање на беспилотно летало од носач на авиони. За првпат во воената авијација, борбениот дрон Northrop Grumman X-47B беше успешно лансиран со катапулт од палубата на американскиот носач на авиони USS George H.W. Bush