Рубрика: Роботика
На овогодинешниот полумаратон во Kина, робот беше побрз од победникот човек
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 24.04.2026 - 14:45

На меѓународниот полумаратон E-town во Пекинг оваа година учествуваа 300 хуманоидни роботи, паралелно со луѓето тркачи. Кинеските компании кои се занимаваат со производство на хуманоидни роботи забрзано ги развиваат своите модели со постојано подобрување на атлетските и навигациските перформанси. Како доказ за технолошкиот напредок на кинеските производители е тоа што на полумаратонската трка во Пекинг оваа година роботите биле поуспешни од луѓето.

Меѓу паметните машини, роботот со име Шандијан, што во превод значи Молња, припадник на тимот Читијан Дашенг, прв поминал низ целната линија. Истовремено роботот повеќе од тројно го подобрил рекордот поставен минатата година, поминувајќи ја патеката од 21 километар за 50 минути и 26 секунди. Меѓу луѓето, кинеските спортисти Жао Хајдјие и Ванг Чијаосија постигнаа времиња од 1 час, 7 минути и 47 секунди (мажи) и 1 час, 18 минути и 6 секунди (жени), соодветно.

За роботите што учествуваа на полумаратонот, меѓу кои имаше машини со различна тежина и категории, важеа одредени правила. Најнискиот робот можеше да биде висок 75 см, а највисокиот 180 сантиметри.

Времето за кое роботот ја завршил својата задача го надминува и светскиот рекорд во полумаратон поставен од човек којшто изнесува 56 минути и 42 секунди.

На трката, повеќе од 100 тима (од кои пет беа меѓународни) претставија хуманоидни роботи. Приближно 40% од тимовите користеле автономни роботи, а 60% роботи со далечинско управување. Машините трчаа паралелно со луѓето, но на посебна патека. Оваа година неколку роботи беа значително побрзи од професионалните спортисти и остварија резултати што во просек беа подобри за 10 минути во однос на времето што го постигна победникот.

Кинеската атлетска асоцијација минатата година официјално го призна полумаратонот како настан со учество на фактори од вештачката интелигенција. Настанот го следеа новинари од целиот свет. Првиот полумаратон во светот со хуманоидни роботи  (за којшто пишувавме тука) се одржа на југоистокот на Пекинг на 19 април 2025 година. Тоа премиерно издание на трката со роботи беше исполнето со незгоди, а повеќето роботи не успеаја ни да ја завршат трката.

Тогаш, од повеќе од 20 роботи, Тијангонг 1.2 Макс (висок 1,8 метри и тежок 52 кг) прв стигна до целта за 2 часа и 40 минути, што беше повеќе од двојно подолго од времето на победникот.

Клучни зборови: