По успешната мисија на обиколка на Месечината и поставени два-три нови рекорни, Орион полека се враќа дома. Сигналот за негово следење соодветно се засилува како што леталото се доближува кон Земјата. Еве ги најновите искуства на Дејан Трајковски (Z31RQ) од спроведеното радиоаматерско следење на носечкиот сигнал којшто го емитува вселенскиот брод Орион:
Ноќта од 6 кон 7 април со нетрпение го очекував прелетувањето на орбитерот Орион околу Месечината, а особено неговото влегување и излегување од нејзината радио-сенка. За таа цел заминав во Преспа, подалеку од базни станици за мобилна телефонија и домашни Wi-Fi мрежи, и секако – со исклучен мобилен телефон, како најголем извор на пречки за слабите сигнали.
За жал, иако Месечината веќе беше изгреана во времето на радио-затемнувањето на Орион (од 40 минути по полноќ до 1 часот и 24 минути на 7 април), не можев да слушнам ништо. Причина за тоа беше малата висина на Месечината (а со тоа и на Орион) над хоризонтот, како и пречките од куќата и дрвјата што се наоѓаа директно пред антената.
Дури откако Месечината се искачи околу 13 степени над хоризонтот, започнав со прием. Претходните денови веќе научив како треба да изгледа сигналот и каде точно да го барам. По солидниот прием вечерта на 3 април од 218 000 km далечина (на половина пат до Месечината), на 5 април успеав да ги детектирам сигналите и од 370 000 km, иако беа прилично послаби.
Научив дека поради фазната модулација на сигналите (QPSK) на широк пропусен опсег од 3 MHz, тие се примаат како шум, што повеќе може да се забележи као „снег“ на „ватерфол“ екранот отколку со слух. Со насочување на антената кон Орион според астрономските таблици (ефемериди), шумот се засилува за околу 1–2 dB во однос на „ладно“ небо.

Сепак, по полноќ на 7 април, по неговото пролетување (flyby) зад Месечината на околу 413 000 km од нас, веќе не бев сигурен дали зголемениот шум доаѓа од орбитерот или од самата Месечина, бидејќи се наоѓаа во иста насока на небото. На сликата се гледа зголемувањето на радио-шумот со антена завртена кон Месечината (во долниот дел од екранот), во споредба со „ладно“ небо (погоре на екранот), но нејасно е колкав дел од шумот потекнува од Месечината, а колкав од Орион.
Токму поради природниот радио-шум на Месечината, земските станици за комуникација со Орион користат огромни, екстремно насочени антени. За разлика од мојата антена, која на 2,2 GHz има ширина на снопот од околу 11 степени, антената во Сиднеј со дијаметар од 42 m (која се користи како радио-телескоп) има ширина што се мери во аголни минути. Тоа овозможува прецизно насочување кон Орион и речиси целосно исклучување на шумот од Месечината. На тој начин се постигнува импресивен сооднос сигнал/шум и квалитетен прием на корисниот сигнал. Антената на контролната станица во Мадрид е уште поголема, со дијаметар од 70 m!
Сè на сè, искуството беше фасцинантно, а ноќите поминуваат за час кога се работи со ваква пасија. Покрај трите пробдеани ноќи во Битола и Асамати, жалам што поради други обврски и подготовки за пат нема да можам да го следам враќањето на Орион кон Земјата. Во Асамати имав навистина тивка радио-околина, без никаков радио-шум предизвикан од човекот.
Сепак, овие експерименти ми отворија ново поле на интерес – радиоастрономијата. Во иднина би сакал потемелно да ја проучам оваа проблематика, поткрепено со сопствени набљудувања и мерења. Освен шумот од Сонцето и Месечината, постојат и неколку други силни радио-извори на небото што би можел да ги примам на L, S и X-Band. Радиотехниката е огромно подрачје за експериментирање кое секогаш нуди нови предизвици.