Дали знаете дека ROM меморијата на компјутерот за навигација користен во мисиите Аполо, секако и онаа најславната Аполо 11, била буквално плетена од искусни работнички? Прочитајте повеќе во текстот во продолжение...
Компјутерот за навигација на мисијата „Аполо 11“ од 1969 година, кој ја управувал летачката траекторија до Месечината, користел посебен вид меморија наречена кончана меморија (core rope memory).
Кончаната меморија претставува форма на компјутерска read-only меморија (ROM) заснована на матрица од феритни јадра и жици. Но, таа не е измислена специфично за програмата Аполо. Претходно веќе била користена кај суперкомпјутерите UNIVAC I (Universal Automatic Computer I) и UNIVAC II, создадени од Компјутерската корпорација Екерт-Мокли (Eckert-Mauchly Computer Corporation) во 1950-тите години, како на технологија што на широко била користена во тоа време. Во 1960-тите се користи и за првите сонди што НАСА ги испраќа на Марс, а потоа вградена и во навигацискиот компјутер на Аполо – Apollo Guidance Computer (AGC), изработен од Рејтеон (Raytheon). Според денешните стандарди, овој хардвер бил исклучително скромен. Имал само околу 2 килобајти меморија што можела да се брише (RAM) и приближно 72 килобајти фиксна меморија (ROM).


Лево: Кончана меморија од навигацискиот компјутер на Аполо фото: NASA/Wikipedia Десно: Детаљ од ожичувањето на кончаната меморија од раниот (Блок I) навигациски компјутер за мисиите Аполо. Фото: Raytheon.
Во склоп на мисијата Аполо, AGC помогнал за навигацијата на леталото до Месечината и слетување на нејзината површина. Овој компјутер е еден од првите што користеле интегрирани кола. Ова овозможило уредот да биде доволно лесен и мал (со тежина од едвај триесетина килограми и габарит помал од 30 дециметри кубни) за да може да се употреби во вселенските летала. Но, малиот габарит најмногу се должи токму на кончаната меморија, техника при којашто софтверот се ‘плете’ во густо спакувана меморија.
Имено, за разлика од денешниот дигитален софтвер програмите биле физички “плетени” рачно, во лабораториите на МИТ и Рејтон. Принципот бил едноставен и се темелел на бинарна логика: ако жицата поминувала низ мал магнетен прстен тоа означувало 1, а ако минувала околу него – 0. Така се создавал траен мемориски систем што можел само да се чита, но не и да се менува.

Плетачка од вселенското доба ја „плете“ кончаната меморија за навигациските компјутери што потоа се користат во мисиите Аполо. Мемориските модули трајно ќе складираат податоци од профилот на мисијата врз кои се базираат критичните маневри во вселената. Кончаната меморија се изработува со протнување на шуплива прачка (налик на игла) што содржи парче фина жица низ јадрата во рамката на модулот. За позиционирање на соодветните јадра при операцијата на плетење рамката на модулот се движи автоматски со компјутерски контролирана машина. Навигацискиот компјутер Аполо и придружната тастатура за приказ се произведувале во фабриката на компанијата Raytheon во Волтам, Масачусетс. Описот и фотографијата се од Raytheon, се наоѓаат во Музејот на транзистори.

Жена што го плете од жици 'јажето' на кончаната меморија. Таа ја провлекува жицата низ бел кружен отвор што го означува поврзувањето на јадрото со жицата. Фото: Raytheon CN-4-20C / Smithsonian Institution WEB15435-2016.
Системот бил исклучително издржлив бидејќи кодот бил буквално исплетен од искусни работнички, иако често тие биле нарекувани „Little Old Ladies“ („женички“). Една измена на кодот можела да трае со месеци, готовата „кончеста“ меморија била речиси неуништлива и отпорна на вселенската радијација, што придонело астронаутите безбедно да ја остварат својата историска мисија.
Интересно е што овој вид на меморија поради нејзината отпорност на надворешните влијанија од типот радијациски и магнетни зрачења и ден денес наоѓа примена во воената техника, во астронаутичкиот инженеринг и во други технички полиња каде инструментите оперираат во екстремни услови.
Повеќе за компјутерите користени во мисијата Аполо 11 можете да прочитате во ЕМИТЕР 4-6/2019 во написот Компјутерските системи во Аполо 11 и во Луѓе на Месечината – подвиг или измама? (8)

Плетачка од вселенското доба ја 'плете' кончаната меморија за навигациските компјутери што потоа се користат во мисиите Аполо. Мемориските модули трајно ќе складираат податоци од профилот на мисијата врз кои се базираат критичните маневри во вселената. Кончаната меморија се изработува со протнување на шуплива прачка (налик на игла) што содржи парче фина жица низ јадрата во рамката на модулот. За позиционирање на соодветните јадра при операцијата на плетење рамката на модулот се движи автоматски со компјутерски контролирана машина. Навигацискиот компјутер Аполо и придружната тастатура за приказ се произведувале во фабриката на компанијата Raytheon во Волтам, Масачусетс. Описот и фотографијата се од Raytheon, се наоѓаат во Музејот на транзистори.