Рубрика: Енергетика
Нуклеарни електроцентрали, да или не?
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 11.07.2025 - 13:45

Денес на глобално ниво постојат неколку кризи. На прво место е геополитичката криза во чии рамки припаѓаат и воените жаришта: во Украина (Русија), Палестина (Израел; Иран), Сирија, во неокои земји во Африка, а има и други потенцијални места. Голема глобална криза претставува и проблемот со климатските промени кои предизвикуваат временски катастрофи со големи последици. Следна по ред е енергетската криза која порано беше повремена, а сега е речиси постојана. Во основа овие кризи произлегуваат од денешниот политички и економски поредок во светот (капитализам) каде што на прво место по важност е профитот.

Енергетската криза е предизвикана од повеќе фактори, но најмногу од климатските промени бидејќи постои меѓународен договор (Париз, 2015) според кој до 2050 година треба да има нула емисии на стакленички гасови. Нивната редукција е почната, се одвива постепено, но без посакуваниот ефект. Најголемо учество во глобалното затоплување има јаглерод-диоксидот кој се емитува при согорување на фосилните горива (нафта, јаглен, гас), а тоа е во енергетскиот сектор.

Заради тоа, има интензивни инвестиции во обновливи извори на енергија (најмногу од сонце и ветер), но потребите за електрична енергија растат со побрзо темпо од производството. Затоа, се бара решение и од други додатни извори, а во моментов многу актуелна е и нуклеарната енергија. Таа не е штетна во однос на климатските промени и многу институции и земји ја третираат како обновлив извор на енергија, но има и многу спротивставени мислења заради потенцијалните опасности што можат да се случат (има примери со хаварии во минатото) и заради нуклеарниот отпад кој е многу опасен за луѓето и трае со илјадници години.

Во 1973 година се случи првата енергетска криза со висок скок на цената на нафтата и тоа беше причина да се почне со изградба на нуклеарни електрани така што по десетина години се изградија многу со вкупен капацитет од околу 170 GW (гигавати). Според Меѓународната агенција за енергија (IEA) денес во светот има околу 400 нуклеарни реактори (активни во работа) во 32 земји со вкупен капацитет од 413 GW. Тие обезбедуваат приближно 10% од светското производство на електрична енергија. Нотирано е дека на крајот на 2024 година имало во изградба 63 нови нуклеарни реактори со капацитет од 71 GW, и тоа најмногу во Кина.

Земји со најголем број на активни нуклеарни реактори денес се: САД (94), Кина (58), Франција (57), Русија (36), Јапонија (33), Јужна Кореа (26), Индија (24), Канада (17), Украина (15) итн. Процентуалната застапеност на производството на електрична енергија од нуклеарни централи во некои поголеми земји е: САД (20%), Франција (65%), Кина (5%), Русија (18%) итн.

 

Предности на нуклеарната електрана

Нуклеарната електрана не придонесува во глобално затоплување, т.е. во климатските промени. Таа ја намалува зависноста од фосилни горива.

Погодна е за базно производство на електрична енергија, стабилност на електро-мрежата. Има многу ниски трошоци за гориво.

Дури 90% од нуклеарниот отпад (најчесто ураниум) може да се рециклира.

Електраната има многу долг век на траење (околу 40 години).

 

Недостатоци на нуклеарната електрана

Потрошеното гориво (нуклеарниот отпад) е радиоактивно и содржи многу отровни хемикалии. Безбедното отстранување и складирање е деликатно и скапо. Во случај на хаварија последиците можат да бидат катастрофални.

Јавната перцепција за нуклеарната енергија е негативна. Често се поврзува со нуклеарното оружје.

Инвестицијата за изградба на нова нуклеарна електрана е многу висока. По завршување на работниот век трошоците за демонтажа и безбедно отстранување се многу високи.

Не може брзо да реагира на промените во побарувачката на електрична енергија.

Се проценува дека од 1950 година до денес, низ целиот свет се акумулирани и дистрибуирани залихи од 250.000 тони високо радиоактивен нуклеарен отпад, од кои 90.000 тони се складирани само во САД. Треба да се знае фактот дека радиоактивниот отпад трае повеќе илјади години.

Најголемите хаварии на нуклеарни електрани се случија во Чернобил (1986 г.) и Фукушима (2011 г.) со катастрофални последици во кои има жртви и озрачени луѓе кои подоцна се разболеа од карцином и други болести. Има и други инциденти со помали последици, а веројатно има и такви сокриени од јавноста. По катастрофата во Фукушима некои земји воведоа забрана за изградба на нови нуклеарни електрани, а некои, како на пример Германија, решија постепено да ги отстранат веќе изградените.

Од друга страна, некои земји објавија планови за инвестирање во изградба на нови нуклеарни електрани. Тие се: Кина, Обединетото Кралство, Франција, САД, Полска, Индија... Нивното образложение е дека нуклеарната енергија е чиста енергија бидејќи не влијае на климатските промени и нема загадување (при правилна работа).

Иако нуклеарните катастрофи може да се избројат на прсти од една рака, тие се паметат по нивното разорно влијание и последиците што се опасни по живот. Сепак, може да се констатира дека фосилните горива, како јагленот и нафтата, претставуваат многу поголема закана бидејќи тивко убиваат милиони луѓе секоја година низ целиот свет. Останува дилемата дали се исплатува ризикот од нуклеарни катастрофи и евентуално влијание на нуклеарниот отпад?

Познато е дека денес многу се работи на развој и истражување за поголемо и побезбедно користење на нуклеарната енергија. Во тек е развој на мали нуклеарни електрани со електрична моќност помала од 300 MW. Во многу лаборатории денес се работи на користење на енергија од нуклеарна фузија каде што има извесен напредок, но се уште е далеку од комерцијално користење.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Mашински факултет - Скопје
10.7.2025

Клучни зборови: