Рубрика: Архитектура и градежништво
Фотосинтетски ‘жив материјал’ што може да се користи во градежништвото
Објавено на 06.07.2025 - 21:30

Материјалот е направен од гел исполнет со сино-зелени алги (односно цијанобактерии) кои користат сончева светлина, вода и јаглерод диоксид за да растат, слично како што тоа го прават растенијата. Но, овој материјал прави повеќе од просто растење.

Со помош на додадени хранливи материи, тој може да го претвори јаглерод диоксидот и во цврсти минерали, како варовник, што го зајакнува материјалот и којшто трајно го ‘заробува’ јаглеродот. Научниците го направија овој жив материјал користејќи хидрогел за 3Д-печатење, кој е порозен (полн со мали дупки), така што светлината и воздухот можат да стигнат до бактериите во внатрешноста.

Додека бактериите фотосинтетизираат, тие прво складираат јаглерод во своите клетки. Подоцна, со поддршка од некои минерали, тие почнуваат да градат цврст скелет во гелот, којшто ја прави структурата посилна со текот на времето – како бетон што расте и се лекува сам.

Во тестовите, материјалот континуирано апсорбирал CO2 во текот на повеќе од една година, складирајќи околу 26 милиграми на грам, што е поефикасно од многу други природни методи. Истражувањата се сè уште во почетна фаза, но идните верзии би можеле да се користат како премаз на зградите, помагајќи им на градовите за пасивно да го заробат CO2.

На архитектонски саем во Венеција, тимот прикажа дизајни во облик на стебло кои би можеле секоја година да апсорбираат CO2 колку 20-годишен бор. Во моментов, тимот сфаќа како да продолжи да го храни материјалот со хранливите материи што му се потребни, како што се калциум и магнезиум, откако ќе се нанесат на вистински структури. Тие исто така истражуваат начини да ги направат алгите внатре уште подобри во апсорпцијата на јаглерод.

Повеќе за целото истражување може да прочитате во Nature

Клучни зборови: