Перцепцијата за тоа дали сме надарени или не за математика влијае на училишните оценки и на мотивацијата за учење. А се чини и дека во многу зависи и од нашите наставници...
Математиката е еден од оние училишни предмети што или ги сакате или ги мразите: како што стареете, имате тенденција да ја сакате сè помалку, но училишниот систем во кој сме вклучени во голема мера влијае на перцепцијата што ја имаме за нашиот „математички идентитет“, односно дали сме надарени за предметот или не. Една студија спроведена во шест различни европски земји ја истражи перцепцијата што учениците ја имаат за сопствената математичка способност, обидувајќи се да разбере зошто многумина ја губат мотивацијата за учење или не успеваат да постигнат задоволителни резултати.
Во истражувањето, спроведено во периодот помеѓу 2020 и 2024 година, биле опфатени 50 училишта во Норвешка, Шведска, Естонија, Финска, Португалија и Србија, а се истражувало како мотивацијата на учениците (на возраст од 8 до 10 години) е поврзана со нивните академски перформанси и колку таа е под влијание на околината и проценките на родителите и на наставниците.
Генерално, се покажало дека во земјите кои не користеле оценки во првите години од школувањето (како што тоа е случај во Норвешка или во Шведска) интересот на учениците за математика бил независен од нивниот академски успех во предметот: „Норвешките ученици се чувствувале „надарени за математика“ не толку поради оценките што ги добиле, туку поради интересот што го имале за предметот и корисноста што ја препознавале во него“, објаснува координаторот на истражувањето Јелена Радишиќ.
Општо земено, перцепцијата за сопствената способност е во голема мера под влијание на околината и очекувањата на наставниците, родителите и на општеството. Друг детаљ што произлезе од анализата е дека, нормално, мажите сметаат дека се повеќе надарени за математика од жените.
Училиштето и наставниците можат да им помогнат на учениците да ја засакаат математиката и да се чувствуваат надарени. „Важно е да се охрабрат децата да ги користат сопствените искуства во изучувањето на предметот, да ги натераат да учествуваат и да се чувствуваат способни да го разберат“, заклучува Радишиќ.