Преговорите на претседателот Трамп околу Украина фрлија светло на една посебна група хемиски елементи – наречени реткоземни елементи (РЗЕ) или во буквален превод "ретки земји" (rare earths).
Реткоземните елементи (сите се метали) воглавно спаѓаат во групата на лантаниди и се наоѓаат во 6. период од Периодниот систем на елементите, со атомски броеви од 57 до 71, како и одделно преодните елементи скандиум и итриум од 3. група (на сликата). Поради ова често пати во новинарските текстови за нив се користат изразите ретки метали или ретки минерали.
Реткоземни елементи се: лантан (La); цериум (Ce); празеодимиум (Pr); неодимиум (Nd); прометиум (Pm) (радиоактивен); самариум (Sm); европиум (Eu); гадолиниум (Gd); тербиум (Tb); диспрозиум (Dy); холмиум (Ho); ербиум (Er); тулиум (Tm); итербиум (Yb); лутециум (Lu) (сите претходни од 6. период); скандиум (Sc) – 3. група, 4. период; итриум ( Y ) – 3. група, 5. период
Позициите на реткоземните елементи во Периодниот систем на елементите
Поради големата важност реткоземните елементи станале предмет на геополитичка конкуренција и конфронтација. Кина, поседува најголеми резерви од околу 44 милиони тони реткоземни елементи, односно приближно 50% од откриените светски резерви, кои во 2024 година биле проценети на околу 90 милиони тони. За најскап реткоземен елемент се смета скандиумот.
Овие елементи се клучни за модерната технологија, особено во зелената енергија, електромоторите, ласерите, батериите и воената индустрија. Се користат за изработка на многу силни магнети, полуспроводички материјали, екрани, специјални автомобилски делови, во индустријата за стакло и производството на катализатори.
На пример:
• Неодимиумот (Nd) и самариумот (Sm) се користат во силните магнети за бесколекторски (brushless DC) електромотори. Без нивна примена не би била можна конструкцијата на лесни дронови;
• Гадолиниумот (Gd) се користи за медицински слики (имиџинг) во апаратите за снимање со магнетна резонанца (MRI);
• Европиумот (Eu) и тербиумот (Tb) – за дисплеи и ласери;
• Диспрозиумот (Dy) и Холмиумот (Ho) – за магнети со висока температурна издржливост.
Поважни својства на реткоземните елементи:
• Реткоземните елементи (лантанидите, заедно со Sc и Y) се стабилни и нерадиоактивни (освен Pm);
• Лантанидите имаат оксидационен број +3;
• Нетоксични се и безопасни за човекот;
• Независно од името, релативно широко се распространети во Земјината кора.
Најсилните перманентни магнети за бесколекторски електромотори, особено за дронови (rare earth magnets), најчесто се прават од легури на реткоземни метали, главно неодимиум (Nd) и самариум (Sm).
Два главни типа на реткоземни магнети се:
• Неодимиум-железо-бор (NdFeB) магнетите.
Содржат неодимиум (Nd), железо (Fe) и бор (B). Ова се најмоќните комерцијално достапни магнети со висока енергетска густина. Поради високата ефикасност и малата тежина се користат кај дронови, електромотори, хард дискови и електрични возила. Нивен недостаток е тоа што се подложни на корозија и имаат пониска температурна стабилност.
• Самариум-кобалт (SmCo) магнетите.
Содржат самариум (Sm) и кобалт (Co). Малку се послаби од NdFeB, но имаат повисока издржливост на високи температури и корозија. Погодни се за воздухопловната и за вселенската индустрија, како и за воена примена.
Во иднина се очекува побарувачката и потрошувачката на РЗЕ во светот сé повеќе да расте.