Како потсетник на денот кога кога ООН го основала радиото на Обединетите нации – 13 февруари 1946 година, денес во светот се одбележува Светскиот ден на радиото. Оваа година Светскиот ден на радиото е посветен на „Радиото и климатските промени“ како поддршка на радиостаниците во нивното новинарско покривање на ова прашање.
“И покрај недостигот од финансиски средства за поддршка на радиостаници, што доведе до намалување на персоналот и зголемени трошоци за добивање на проверени информации, употребата на разновидни и сигурни извори е од клучно значење во известувањето за климатските промени. Радиодифузерите мора да дадат приоритет на квалитетот и разновидноста на изворите на информации, бидејќи тие играат клучна улога во решавањето на прашањата поврзани со климата. Ова вклучува разбивање на аргументите на климатските скептици, истражување на перењето зеленило, разбирање на еколошката економија и известување за климатскиот активизам и бариерите за решенија. Уредувачката независност, суштинска за опслужување на јавниот интерес, се потпира на бесплатни информации кои се независни од корпоративни и политички влијанија”, се вели во објавата на УНЕСКО по повод Светскиот ден на радиото.
Меѓу многуте настани што се подготвуваат за одбележување на Светскиот ден на радиото, УНЕСКО ги покани радиостаниците во светот да ги искористат новите бесплатни ресурси, да го следат настанот на LinkedIn за вклучување во прославата и да ја регистрираат нивната станица за таа да се појави на мапата на УНЕСКО. На овој начин радиостаниците ќе имаат можност дирекнто да се поврзат со станица од друга локација или во друга земја. Преку овие соработки, може да разменуваат програми, гости, звучни архиви, па дури и да се оствори долгорочна врска што ќе трае долго по 13 февруари 2025 година.
Светски ден на радиото (World Radio Day – WRD) е меѓународен ден што секоја година се слави на 13 февруари.
По барањето на Шпанската радио академија на 20 септември 2010 година Извршниот одбор на УНЕСКО вклучил точка на дневниот ред за прогласување на Светски ден на радиото. Одлуката за денот на којшто тој ќе се одбележува паднала за време на својата 36-та конференција на УНЕСКО на 3 ноември 2011 година. Тогаш било решено Светскиот ден на радиото да биде потсетник на денот кога ООН го основала радиото на Обединетите нации – 13 февруари 1946 година. Одборот понатаму побарал генералниот директор на УНЕСКО да ја поднесе резолуцијата пред Генералниот секретар на Обединетите нации, за Светскиот ден на радиото да биде одобрен од Генералното собрание и да биде прифатен од целиот систем. Светскиот ден на радиото бил едногласно прогласен од сите земји-членки на УНЕСКО, а за прв пат бил прославен на 13 февруари 2012 година.
Повеќе за Денот на радиото и неколку идеи како вие да се приклучите во прославата може да најдете на страницата на УНЕСКО
По повод Светскиот ден на радиото, ние го продолжуваме нашиот проект започнат пред некоја година – Виртуелна изложба на стари радиоприемници кои ја осликуваат нашата врска со радиото. Како тоа изгледа може да погледнете во Виртуелна изложба на стари радија по повод Светскиот ден на радиото
Драги читатели, ако досега не сте испратиле фотографија, ве повикуваме да ја искористите оваа прилика во следниве неколку дена, и да ја збогатите изложбата со вашите прилози. Ако сте вољни, може да нѐ почестите и со некоја анегдота во врска со уредот чијашто слика ја приложувате. Ние со задоволство ќе ги објавиме и двете.