Во рамките на Министерството за енергетика е формирана работна група за Чебрен, која без нови физибилити студии треба да донесе одлука за изградба на пумпно-акумулационата хидроелектрана (ПАХЕ) „Чебрен“. При тоа групата нема да разгледува други решенија, иако последниве години значително се намалиле цените на фотонапонските (ФЕЦ) и ветерните (ВЕЦ) електрични централи.
Ќе направиме еден обид за приближно определување на цените на неколку варијанти и алтернативи за Чебрен, со цел да направиме компарацијата. Од една страна ќе ја земеме предложената ПАХЕ Голем Чебрен, како централа која истовремено може да се користи за складирање на енергијата, но и производство на електрична енергија од протокот на Црна Река, а од друга страна ќе разгледаме една чисто пумпно-реверзибилна централа за складирање на енергијата со резервоар од базенски тип високо на планина, со додаток на ФЕЦ и ВЕЦ за надоместување на енергијата од протокот на Црна Река.
На крајот ќе разгледаме и варијанта за чисто акумулациона и чисто проточна ХЕ на Црна Река, без можност за складирање на енергијата.
Појдовните податоци за пресметката на Голем Чебрен се следните:
• годишно производство на ПАХЕ „Голем Чебрен“ (нето пад: 175 m) од протокот на Црна Река: 250 GWh/год.
• Инсталиран капацитет: 333 MW.
Доколку разгледуваме варијанта со базенска (резервоарска) акумулација за чисто реверзибилна ХЕ, инсталираната моќност ќе ја усвоиме исто така на ниво 333 MW. Во овој случај, заради надоместување на енергијата од протокот на Црна Река (250 GWh/год.) ќе додадеме една ФЕЦ со инсталиран капацитет од 100 MW и годишно производство од 125 GWh и една ВЕЦ со инсталиран капацитет од 71 MW и годишно производство од 125 GWh. Овие ФЕЦ и ВЕЦ би го надоместиле годишното производство од протокот на вода на Црна Река, а освен тоа взаемно би се надополнувале во лето и зима.
Единечните цени, стандардната девијација на единечната цена и интервалите на доверба на единечната цена, во милиони евра по 1 MW инсталиран капацитет се дадени во табела 1. Прибирањето на цените е извршено со помош на вештачката интелигенција. Цените се прилично високи, западни, но кај нас веројатно би граделе странски компании, па и цените веројатно би биле слични.
Забелешка: акумулационите и проточните ХЕЦ на Црна Река се без реверзибилно дејство. P = 135 MW, E = 405 GWh/год.
Земајќи ги предвид моќностите на централите во разни варијанти, со нивно комбинирање во табела 2 се прикажани цените, стандардните девијации и интервалите на доверба за цените (со 95% сигурност) во милиони евра.
Забелешка: акумулационите и проточните ХЕЦ на Црна Река се без реверзибилно дејство. P = 135 MW, E = 405 GWh/год.
Најдиректна споредба имаме во варијантите 1 и 3, помеѓу предложената ПАХЕ Голем Чебрен и мала РХЕ со додадок на ФЕЦ и ВЕЦ. Како што гледаме, разликата помеѓу 1165 и 1186 милиони евра е мала и статистички не е значајна, поради широките интервали на доверба. Додека не се изградат, неизвесно е која варијанта би била поевтина.
Интересно е што варијантата бр. 3 (РХЕ+ФЕЦ+ВЕЦ) има потесен интервал на доверба од варијантата 1 (ПАХЕ Голем Чебрен), бидејќи случајните варијации во цената кај РХЕ, ФЕЦ и ВЕЦ се меѓусебно независни и делумно се поништуваат. Математички зборувајќи, варијансата на збирот на трите цени еднаква е на збирот на варијансите на трите поединечни цени. Средната цена пак е еднаква на збирот на средните цени на трите централи.
Заклучуваме дека нема да згрешиме доколку се одлучиме било за предложената ПАХЕ Голем Чебрен, било за варијантата РХЕ+ФЕЦ+ВЕЦ. Најголема причина против Голем Чебрен е доготрајната и тешка изградба во гранитните карпи на Мариово, додека варијантата со три централи е побрза и полесна за изградба, иако треба да се градат три помали, наместо една голема централа.
Варијантата 2 претставува изградба на чисто пумпно-реверзибилна ХЕ со мала резервоарска акумулација (базен) високо на планина. Сосема логично и очекувано, таа би била поевтина од ПАХЕ Голем Чебрен, но мора да се има предвид дека таа нуди единствено складирање на енергијата. Но имајќи предвид дека во Македонија веќе постои вишок на ФЕЦ, оваа варијанта би била поевтина за изградба и добивање на тоа што најмногу ни треба, а тоа е складирање на енергијата.
Да ги разгледаме и варијантите 4 и 5, а тоа се каскадни ХЕЦ на Црна Река, без работа во реверзибилен режим, односно без можност за складирање на енергијата. Во минималистичката варијанта бр. 5 цената би изнесувала само 137...403 милиони евра, што приближно одговара на цената изнесена од Зоран Заев во 2017 година (220 милиони евра). Сепак, ова решение е најнеповолно, бидејќи водата би се трошела како што дотекува, евентуално со мала акумулација за вечерните часови, но без можност за акумулација за зима.
Од друга страна, варијантата бр. 4, со каскадни акумулации по целиот тек на Црна Река од Тиквешко Езеро до с. Скочивир (предлогот на француската компанија ЕДФ) не само што би го искористила целиот пад на Црна Река од 310 m, туку и цената не би била превисока, односно би изнесувала 204...470 милиони евра. Како за земја без пари, ова не е лоша варијанта, иако не ни го решава проблемот со складирање на енергијата.
Иако акумулационите хидроцентрали не нудат можност за складирање на енергијата од ФЕЦ и ВЕЦ, доколку водата во акумулациите се штеди и чува за потрошувачка навечер, особено во зима, таа би имала сличен ефект како ПАХЕ, односно би го балансирала генерирањето и потрошувачката (понудата и побарувачката) на електрична енергија во часовите на врвна потрошувачка. Во оваа варијанта би морале да изградиме доволно фотонапонски и ветерни централи, но тие се 2-3 пати поевтини од ХЕЦ.
Ниската цена во варијантите 4 и 5 доаѓа поради пониската цена на помалите турбо-генераторските агрегати од вкупно 135 MW (и тоа на целиот расположлив пад на Црна Река), што е речиси три пати помала од инсталираната моќност кај ПАХЕ Голем Чебрен од 333 MW. Иако би го жртвувале складирањето на енергијата од ФЕЦ и ВЕЦ, годишното производство на електрична енергија од трите каскадни ХЕЦ „Галиште“, „Чебрен“ и „Скочивир“ би изнесувало околу 405 GWh. Иако прилично би помогнале во балансирањето на обновливите извори на енергија, тоа не би било доволно, поради што Македонија сепак би требало да гради и реверзибилна ХЕЦ од резервоарски тип над некоја од постоечките хидроакумулации.