Рубрика: Телекомуникации
80 години Македонско радио (1)
Автор: Димац Митковски
Објавено на 24.12.2024 - 15:00

На 28 декември 2024 година, се навршуваат 80 години откога во далечната 1944 година, за првпат во ослободената татковина, на македонски јазик во етерот се пренеле зборовите на првиот директор на Радио Скопје, Владо Малески – Тале: “Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија...” Ваквите јубилејни годишнини се повод да се потсетиме на тие настани и да го проследиме патот на развојот до денешни дни, а младите генерации да научат нешто повеќе за своите корени. Во овој случај за развојот на Македонското Радио.

Првите почетоци, “Зборуе Радио Скопје, Зборуе Радио Скопје”

Опишувајќи го развојниот пат на радиодифузијата, а воедно и развојот на студиската техника на Радио Скопје, мора да се одбележи пуштањето на работа на 20 KW среднобранов предавател во Маџари, со бранова должина од 631,5 KHz, како тогаш најмоќен предавател на Балканот и четврта радиостаница во некогашното Кралство Југославија (по Белград, Загреб и Љубљана). Воедно, тогаш бил изграден и првиот режиско-студиски простор во приземна зграда која во почетокот имала режија од 15 m2, како и спикерна од 12 m2 и студио од 38 m2 кое што не било довршено. “Радио Скопље”, како што тогаш го нарекувале, било замислено како радио релејна станица на Радио Белград т.е. да ја прима и реемитува неговата програма. Неговото пуштање било на 27 јануари 1941 година.

Непосредно пo нападот врз Кралството Југославија од страна на Оската (6 април 1941) на 8 април 1941 година, 9-та тенковска дивизија на германската армија го зазела Скопје. Проценувајќи ја важноста на радиостаницата во идната пропагандна дејност радио-аташето (службеник на Министерството за надворешни работи на Германија), г-дин Лане (Lane) добил налог да замине за Скопје во придружба на двајца техничари и еден спикер со задача да ја провери и оспособи радиостаницата за работа. На 10 април изутрината, по изведувањето на потребните технички работи бил назначен и нејзин раководител, а тоа бил Др. Хартман (Hartmann) од пропагандната служба на Германија, претходно прекомандуван на работно место во Радио Софија.

Слика 1: 10.4.1941 – Радио Скопље преземено од Германците

Со цел да ги избегне саботажните акции, што секојдневно биле изведувани во Скопје, радио-аташето издал наредба за удвоена стражарска екипа и добро ја обезбедил зградата (слика 1). Било договорено за Радио Скопје исклучиво да биде надлежен радио-аташето при германското пратеништво во Софија. Секојдневно, преку телефонски упатства, требало да ја одредува програмата на Радио Скопје преку кое требало да се емитуваат емисии на германски јазик од Радио Софија и емисии на германското радио примани на кратки бранови.

Во рамките на предавањето на Македонија на Бугарија,требало да биде отстапено и Радио Скопје. Колку тоа било значајно за германската пропаганда зборува и податокот што веднаш по завземањето, бугарската влада требало да ѝ плати на фирмата Телефункен 250 000 рајх марки за техничко опремување на Радио Скопје.

Овие интересни податоци за работата на радиостаницата во окупациските денови се пронајдени во германските архиви и презентирани во “Гласник” на Институтот за национална историја од г-ѓа Вера Весковиќ Вангели. 

Предавателот и неговата целосна инфраструктура, како столбот и зградата, биле целосно уништени при повлекувањето на Германците од нашава земја во 1944 година. Исто така, била оштетена и радиостаницата, биле уништени и техничките средства за емитување на програмата, како и фондот на грамафонски плочи.

Во тие денови, кога ослободувањето на Скопје и на Македонија било само прашање на време, во август 1944 година Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) му дава задача на Владо Малески – Тале, да се зафати со создавање на првата македонска радиостаница во слободната татковина. За оваа цел, од борбените редови биле издвојувани техничари и новинари и испраќани во Горно Врановци заради извршување на задачата. Програмската и новинарската активност ја презел врз себе Владо Малески, а техничката страна Васко Петковски, одговорен офицер за техника при Главниот штаб на НОВ на Македонија. Борците-техничари Боро Димитровски и Владо Стојчевски, со помош и на други технички кадри, забрзано работеле на оспособување и на адаптација на запленета радиостаница. Поради недостиг на соодветни технички материјали и резервни делови, задачата се реализирала тешко и бавно.

Експериментите почнале со француска воена радиостаница на кратки бранови. Радио техничарите Крсто Ристевски, Александар Грков, Ефтим Митовски, Марко Плавевски, Перо Ристовски, Димче Петровски, Тодор Џартов и Стефан Ќосевски, оспособиле радиопредавател од 20 W. Новиот предавател успешно стартувал од куполата на Офицерскиот дом во ослободеното Скопје.

На крајот на декември се подготвувало одржувањето на Второто заседание на АСНОМ во зградата каде што и денес се наоѓа Собранието на Република Македонија. Владо Малески на Президиумот на Собранието му предложил смела идеја – Второто заседание да се пренесува директно преку радиото. Тоа било голем предизвик, но и грижа како салата од каде што требало да се врши преносот да се поврзе со кабли до самиот предавател. Недостасувале стотици метри кабли што тогаш не можеле да се најдат во Македонија. Наскоро решението било најдено – радиостаницата да се премести од Офицерскиот дом, на покривот на Собранието на Македонија и од таму да се врши преносот од заседанието. По неколкудневна работа, сè било подготвено од технички аспект.

Денот на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ бил определен – 28 декември 1944 година. Во еден дел на собраниската сала, во исчекување да почне собирот, зад микрофонот се наоѓал Владо Малески (слика 2), кој според сопственото сведочење бил мошне возбуден. Кога во салата се појавил првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, низ етерот за првпат во ослободената татковина се пренеле зборовите на македонски јазик “Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија...

Слика 2: Владо Малески, првиот директор на Радио Скопје, пред микрофонот на директниот пренос на Второто заседание на АСНОМ на 28 декември 1944 г.

Преносот бил извршен со радиопредавател од американско потекло, од фирмата “SCR”, со снага од 20 W , приспособен за таа намена. Тоа била трофејна воена радиостаница на кратки бранови, чиј опсег бил нешто зголемен (околу 49 m бранова должина, односно 6200 KHz) за да може да се слуша и на обичните радиоприемници во регионот на Скопје. Покрај радиостаницата, за цело време на преносот главен оператор бил Александар Грков, еден од пионерите на македонските радиотехничари.

Инаку, македонскиот збор во етерот за првпат е емитуван преку програмата на радиостаницата “Слободна Југославија” во далечниот Советски Сојуз, од страна на истакнатиот артист на Скопскиот театар Илија Џувалековски, кој е и прв спикер на македонски јазик преку оваа радиостаница.

Следните триесетина денови од овој историски датум, 28 декември 1944 година, биле најтешки за малубројната екипа радиотехничари кои имале за задача да оспособат предавател и студиска техника за емитување на редовна програма на македонски јазик од сопствено студио во Скопје.

Слика 3: Зградата на Радио Скопје на улица Марксова 17 – на просторот каде што денес се наоѓа Соборниот храм, која била во функција сè до земјотресот на 26 јули 1963 година.

Со помош на сонародниците од странство, со набавен и со приспособен трофеен материјал, со многу труд и умеење, првиот професионален предавател од 200 W бил поставен на тогашниот скопски аеродром, поради зачуваниот антенски систем. Редовната работа со секојдневна сопствена програма на македонски јазик од студиото во градот, Радио Скопје ја започнува на 21 (некаде стои 28) јануари 1945 година. Се започнало со читање вести за разни настани, соопштенија и прогласи, што ги издавала власта и општествено-политичките организации.

Веднаш по војната започнала доградбата и реновирањето на зградата на радиото. Се довршило и оспособило поголемото студио кое претходно не било во функција. Во постојниот простор биле оформени две студија од по 38 m2 и 45 m2 и режија од 15 m2.

Тежок проблем бил и фондот на музиката бидејќи најголемиот дел од плочите биле уништени. Токму поради тоа, освен говорните текстови што биле читани во живо и музичките изведувачи, заедно со ансамблите кои доаѓале во терминот на емитување, свиреле “во живо”.

Слика 4: Металниот диск за најавниот сигнал 'А бре Македонче', изум на техничарите и музичарите на Радио Скопје ,1945 година.

За сигнал (авизо) на новата радиостаница едногласно била избрана борбената мелодија “А бре Македонче”. За да се емитува сигналот бил конструиран метален тас на кој биле закачени 6 жици и перца коишто при движење на тасот го емитувале сигналот (слика 4). Конструираниот уред честопати се расипувал, и дури во 1958 година била снимена грамофонска фолија со сигналот.

Слика 5: Означувањето на точното време било со гонг на којшто се удирало со чеканче на крајот прекриено со филц

Означувањето на точното време било со гонг на којшто се удирало со чеканче на крајот прекриено со филц (слика 5). Најавата била: “Со ударот во гонг означивме толку и толку часот”. Тој гонг и денеска се наоѓа во просториите на радиото.

Целокупната програма на радиото во 1945 /46 година изнесувала 8,5 часа дневно, од кои 3,5 часа биле говорна програма, а во неделите 10,5 часа. Неа ја опслужувале 39 вработени новинари, музичари, техничари и друг помошен персонал.

Треба да се нагласи дека поради доброто познавање на албанскиот јазик од страна на Владо Малески, веднаш започнала и 15-минутна емисија на албански јазик. Исто така, се подготвувале и се читале вести и соопштенија и на турски јазик

Вестите од Југославија и од светот се добивале преку агенцијата Танјуг од Белград. Најпрво преку Морзеов апарат, па на слушалки ги дешифрирал Борче Борисовски и другите телеграфисти сместени на најгорниот кат на зградата на тогашната редакција на “Нова Македонија”. Тоа било бавна и мачна работа при добивањето и објавувањето на вестите. Подоцна, оваа служба се модернизирала со набавка на таканаречените Хел-апарати, со кои на ленти се отчукувале вестите добиени по воздушен пат. Мошне забележливо подобрување настанало со набавка на телепринтерските апарати, коишто работеле и по воздух и по телефонска жица како медиуми за пренос, така што сигурноста и точноста биле обезбедени.

Иако со оскудна опрема за терен, во програмата на Радио Скопје до крајот на 1949 година биле реализирани 220 преноси од настани и спортски натпревари. Така, на пример, забележано е дека Коле Чашуле ја имал таа чест на 12 јуни 1946 година да го пренесува скопското дерби помеѓу фудбалските тимови “Македонија” и “Победа”.

Слика 6: Средно-брановиот 20KW предавател во Маџари – пуштен во работа на 29.11.1947 година

Во 1945 година, среднобрановиот предавател (200 W) се преместува во приспособената радиопредавателна зграда во Маџари. Во текот на целата таа година, и покрај големиот ангажман што го имале техничарите околу озвучувањето на многубројните манифестации што се одржувале во Скопје, работеле и на доградба на засилувачки степен за постојниот предавател. Во 1946 година, идејата конечно се реализирала и бил пуштен во редовна работа предавател со моќност од 2,5 KW. Во исто време била донесена одлука за набавка на професионален предавател и бил склучен договор со фирмата “ТОМСОН-ХЈУСТОН” од Париз. Веднаш било пристапено кон изградба на зграда за сместување на предавателот (кој габаритно бил мошне гломазен), трафостаница за негово напојување со електрична енергија и нов антенски систем затоа што работната фреквенција на предавателот била 1511 KHz (198,5 m бранова должина). Конечно на 29.11.1947 година, овој предавател бил пуштен во работа со моќност од 20 KW, со што најголем дел од територијата на републиката бил покриен со квалитетен сигнал (слика 6).

Просторните услови само за кратко ги задоволиле програмските потреби на Радио Скопје. Затоа било пристапено кон изработка на проект за проширување на зградата. Во 1948 година започнала изградбата, а во 1950 година бил пуштен во погон новиот дел. Со тоа, големото студио било проширено на 200 m2 и станало студио за снимање на музичка програма, опремено со 150 седишта, па во него се изведувале и јавни концерти и приредби (слика 7а).

Слика 7а: Големото студио било проширено на 200 m2 и станало студио за снимање на музичка програма, опремено со 150 седишта, па во него се изведувале и јавни концерти и приредби . На сликата е изведба на 'Коштана'

Слика 7б: Во 1950 г. биле изградени уште три студија и режии за забавна и народна музика и за драмски снимања

Биле изградени уште три студија и режии за забавна и народна музика (слика 7б) и за драмска програма. На зградата бил дограден уште еден кат со 18-ина канцеларии за редакциски простор, новинарски деск, библиотека и сала за претплатничката служба. Овие просторни услови главно ги задоволувале тогашните потреби, па Радио Скопје во овој објект на улицата Марксова бр. 17 (просторот каде што денес се наоѓа Соборниот храм) работело сè до земјотресот, на 26 јули 1963 година (слика 3).

Авторот на написот, како член на Детската радиодрама од 1960 година, лично ги памети овие студија во кои се правеа прекрасни радиодрамски и детски емисии. Тоа беа акустички обработени студија со перфорирани акустички елементи коишто овозможуваа навистина добра акустика за програмските потреби. Заради заштита од надворешната бучава, прозорците имаа и дрвени капаци од внатрешната страна, кои по потреба се затвораа.

Првите магнетофони во радиото според сите укажувања почнале да се користат некаде во илјада деветстотини и педесетите години (1954/55). Тоа бил многу значаен момент во развојот на радиото бидејќи оттогаш можело изведбите “во живо” да се заменат со претходно снимени материјали и, уште повеќе снимените материјали да останат како сведоштво за идните генерации. Така, на пример, според изјавата на Михаил Бошковски – Мице, во една емисија за радиото, тој кажува дека првата снимка на еден од најстарите и најпознати македонски евергрини “Кажи зошто ме остави”, во изведба на Никола Автовски – Боби, е снимена на 15 февруари 1955 година во Студиото 1, токму на таков магнетофон со жица. Снимател бил техничарот Димко Зафировски. Овие податоци биле интерпретирани од Слободан Николовски – Боде, директен учесник во реализацијата на овој проект. Исто така, некои од постарите вработени во техниката на радиото често ги спомнуваа тие жичени магнетофони. Долго време мислевме дека нема остатоци од нив како музејски експонат. Со колегата инж. Живко Маневски од љубопитност честопати сме ги барале и во Нерези, а особено по преселбата во Новиот РТВ дом. Ги баравме во помошните простории (кои ние ги нарекувавме “фурди”), каде се чуваа технолошки застарените или дефектни уреди, а кои ги користевме за резервни делови. Но, немавме успех, сѐ до пред моето заминување во пензија. Еден ден во близина на Драмското студио, во една помошна просторија, најдовме два уреда кои, на прв поглед, не можевме да ги дефинираме што се. Колегата Љупчо Дебарлиев ги исчисти и ги светна како нови. На нив пишуваше Webster Chicago . Кога малку се замисливме сфативме дека тоа може да се единствено фамозните жичани магнетофони кои толку долго ги баравме (слика 8). Тон-мајсторот Ѓорѓи Христовски – Жорж, кој е инаку одличен мајстор на фотографија, ги сними за да ги имаме и на слика. Погледавме на интернет и дознавме дека навистина тоа биле најмногу користени жичани магнетофони во САД во периодот 1948/49 година, произведени од компанијата Вебстер (Webster) од Чикаго и чинеле 150 US $. Како стигнале во Радио Скопје е друго прашање.

Слика 8: Првите магнетофони со челична жица произведени од фирмата Вебстер од Чикаго, користени во Радио Скопје од 1954/55 година

Подоцна овие магнетофони биле заменети со такви што користеле магнетна лента како медиум за меморирање. Во Македонското радио постојат бројни магнетофони како музејски експонати од компаниите Филипс,Телефункен, Награ итн.

Еве уште една случка врзана за магнетофоните. Барајќи ленти за дгитализација со колешката од фонотеката, Верче Душковска, најдовме една многу стара лента. Во секоја лента постои картонче со “Податоци за снимката” (слика 9). Ова картонче беше со инвентарен број 621 и имаше набележано четири музички нумери: 1. Јанинка платно белеше – 2,45 мин.; 2. Испаднал Мурат војвода – 4 мин.; 3. Ајде Фанче – 4 мин.; 4. Јазе си го сакам мамо – 4,0 мин. Исполнители Васка Илиева, Никола Бадев и Мирвет Беловска. На задната страна во “Податоци за емитување” стојат четири графи: датум (на емитување), репродуцирано од магнетофон, репродуцирал, забелешка. Запишано е дека првото емитување било на 27.8.1955 година, што значи дека и снимките биле најверојатно направени таа година или порано. Што е уште поинтересно, во втората графа стои дека е репродуцирано од магнетофон тип ТОЛАНА на 13.8.1956 година.

Слика 9: На секоја лента постои картонче со ‘Податоци за снимката’ и ‘Податоци за емитување’. Од ова картонче (мета податоци) може да се заклучат одредени факти што нѐ интересираа

Ваков магнетофон никогаш не бил спомнат дотогаш. Проверката на интернет покажа дека такви навистина постоеле. како француски производ, и се произведувале од 1952 до 1954 година. Потврдата дојде и од Јордан Цаневски – Дане, музички тон-мајстор, тогаш во пензија, кој се сеќаваше точно на овој тип магнетофон во старото радио на Марксова 17. Во обидот да се постави на магнетофон, лентата едноставно се растури. Требаа неколку часови труд за таа да се постави на магнетофон и да се репродуцира. Репродукцијата покажа дека се работи за брзина од 76 cm /s. На општо задоволство, снимките беа сосема добро зачувани, освен првата која имаше дефект на едно место. Сега овие нумери се префрлени во дигитален формат и се сместени во серверот за емитување на Македонското радио. А ние сме побогати со уште едно сознание за тоа дека сме имале и магнетофон од типот ТОЛАНА.

Магнетните ленти се покажаа како многу издржлив медиум ако се чуваат под одредени услови. Во фонотеката на Македонското радио и денеска постојат употребливи ленти снимени во 1956 година. За изненадување е нивниот квалитет после толку години.

Во 1949 година изработен е европски план за распределба на фреквенциите и моќноста на предавателите (Копенхаген 1949). На Радио Скопје му била доделена фреквенција од 810 КHz и дозволена моќност на предавателот од 135 КW. Биле потребни повеќе години да се соберат сили и да се реализира набавка и пуштање во употреба на таков предавател (1956 година), и со тоа да се излезе надвор од границите на Република Македонија (слика 10).

Слика 10: Во 1949 година изработен е европски план за распределба на фреквенциите и моќноста на предавателите (Копенхаген 1949). На Радио Скопје му била доделена фреквенција од 810 КHz и дозволена моќност на предавателот од 135 КW. Биле потребни повеќе години да се соберат сили и да се реализира набавка и пуштање во употреба на таков предавател (1956 година), и со тоа да се излезе надвор од границите на Република Македонија

Програмите на Радио Скопје сè до 1962 година бележеле видлив подем. На 15 април 1962 година бил пуштен во редовна работа и нов среднобранов предавател во Маџари со моќност од 200 W со што започнала и Скопската програма 202. Но, 1962 и 1963 се години кои што се паметат по две големи природни катастрофи што го погодиле главниот град Скопје, а со тоа и радиото. Најпрво, поплава. Зградата на радиото била во делот каде што надојдената вода од поплавата била релативно најдлабока и успеала да навлезе во визбените простории. Таму бил сместен богатиот фонд на плочи и магнетни ленти, потоа магацинот со резервните делови за студиската и предавателната техника и многубројните програмски архивски материјали и податоци. Малубројната екипа што се нашле во зградата во тие часови и оние што некако успеале да пристигнат, со натчовечки напори, подавајќи од рака на рака, го сместиле на сигурно место сето она што успеало да се спаси. Радиото не емитувало програма повеќе од два дена, а од фонотеката било можно да се користат само сувите или просушените ленти и плочи. Сè уште раните од поплавата не биле залечени, а уште поголема трагедија го погодува Скопје – катастрофален земјотрес. За време на силниот земјотрес, на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, тешко е оштетена зградата на радиото и е прекинато емитувањето на програмата.

--- продолжува ---

Клучни зборови:
10.4.1941 – Радио Скопље преземено од Германците

Слика 1: 10.4.1941 – Радио Скопље преземено од Германците

Владо Малески, првиот директор на Радио Скопје, пред микрофонот на директниот пренос на Второто заседание на АСНОМ

Слика 2: Владо Малески, првиот директор на Радио Скопје, пред микрофонот на директниот пренос на Второто заседание на АСНОМ на 28 декември 1944 г.

Зградата на Радио Скопје на улица Марксова 17

Слика 3: Зградата на Радио Скопје на улица Марксова 17 – на просторот каде што денес се наоѓа Соборниот храм, која била во функција сè до земјотресот на 26 јули 1963 година.

Металниот диск за најавниот сигнал 'А бре Македонче'

Слика 4: Металниот диск за најавниот сигнал 'А бре Македонче', изум на техничарите и музичарите на Радио Скопје ,1945 година.

Означувањето на точното време било со гонг на којшто се удирало со чеканче на крајот прекриено со филц

Слика 5: Означувањето на точното време било со гонг на којшто се удирало со чеканче на крајот прекриено со филц

Средно-брановиот 20KW предавател во Маџари – пуштен во работа на 29. 11. 1947 година

Слика 6: Средно-брановиот 20KW предавател во Маџари – пуштен во работа на 29.11.1947 година

Изведба на 'Коштана'

Слика 7а: Големото студио било проширено на 200 m2 и станало студио за снимање на музичка програма, опремено со 150 седишта, па во него се изведувале и јавни концерти и приредби . На сликата е изведба на 'Коштана'

Во 1950 г. биле изградени уште три студија и режии за забавна и народна музика и за драмски снимања

Слика 7б: Во 1950 г. биле изградени уште три студија и режии за забавна и народна музика и за драмски снимања

Првите магнетофони со челична жица произведени од фирмата Вебстер од Чикаго, користени во Радио Скопје од 1954/55 година

Слика 8: Првите магнетофони со челична жица произведени од фирмата Вебстер од Чикаго, користени во Радио Скопје од 1954/55 година

Првите магнетофони со челична жица произведени од фирмата Вебстер од Чикаго, користени во Радио Скопје од 1954/55 година

Слика 8: Првите магнетофони со челична жица произведени од фирмата Вебстер од Чикаго, користени во Радио Скопје од 1954/55 година

На секоја лента постои картонче со ‘Податоци за снимката’ и ‘Податоци за емитување’.

Слика 9: На секоја лента постои картонче со ‘Податоци за снимката’ и ‘Податоци за емитување’. Од ова картонче (мета податоци) може да се заклучат одредени факти што нѐ интересираа

На секоја лента постои картонче со ‘Податоци за снимката’ и ‘Податоци за емитување’.

Слика 9: На секоја лента постои картонче со ‘Податоци за снимката’ и ‘Податоци за емитување’. Од ова картонче (мета податоци) може да се заклучат одредени факти што нѐ интересираа

Среднобрановиот предавател во Маџари со моќност од  200 W

Слика 10: Во 1949 година изработен е европски план за распределба на фреквенциите и моќноста на предавателите (Копенхаген 1949). На Радио Скопје му била доделена фреквенција од 810 КHz и дозволена моќност на предавателот од 135 КW. Биле потребни повеќе години да се соберат сили и да се реализира набавка и пуштање во употреба на таков предавател (1956 година), и со тоа да се излезе надвор од границите на Република Македонија