Рубрика: Информатика
Дали Блу Скај ќе биде новиот Твитер?
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 25.11.2024 - 14:30

По претседателските избори во САД платформата Блу Скај (Blue Sky) доживува бум со прилив на корисници кои разочарани бегаат од твитер, некои за првпат некои по којзнае кој пат. Нејсе. Blue Sky се офајди во ситуацијава со милиони нови корисници, со огромен број преземања на апликацијата на дневно ниво. Но, колку Блу Скај има шанса да стане „новиот Твитер“?

Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ја зацврсти позицијата на Илон Маск, сопственикот на социјалната мрежа X, особено со неговото ангажирање на чело на новоформираното Министерство за владина ефикасност на Трамп (Department of Government Efficiency – DOGE).

Кога Маск го купи Твитер, кој подоцна го ребрендираше во X, голем број нови платформи за социјални медиуми се заложија за позиција како алтернатива на популарната апликација за текстуални пораки. Но, ниту една од нив не успеа да го одземе приматот на некогашниот Твитер, односно X, иако новонастанатата Threads на Мета (Facebook, Instagram, WhatsApp) храбро се обиде и постигна релативен успех за разлика од многу други слични апликации. Сега, кога Маск и официјално станува дел од администрацијата на Трамп во неговиот втор претседателски мандат, многумина избраа да се преселат од X на платформата Блу Скај. Па, да видиме за каква платформа станува збор.

Блу Скај бил замислен како истражувачки проект за „децентрализирање“ на Твитер од страна на  тогашниот извршен директор во компанијата и соосновач Џек Дорси, во 2019 година. Платформата е претставена во 2021 година, а во 2022 конечно Твитер и Блу Скај се разделуваат и тргнуваат секоја по свој различен пат. Платформата на јавноста ѝ беше претставена во бета фаза во 2023 година, а како “финален производ” е лансирана во февруари оваа, 2024 година.

Во моментов Блу Скај функционира како „децентрализирана“ платформа за социјални медиуми, што значи дека корисниците можат да креираат свои сервери каде можат да складираат податоци и да поставуваат свои правила, наместо да користат сервери во сопственост на компанијата. Многу од функциите во апликацијата Блу Скај се пресликани од X, меѓу кои и можноста за создавање текстуални објави со ограничување од 256 знаци. Исто така, корисниците можат да објавуваат слики и видеа, да реобјавуваат, да го уредуваат сопствениот тајмлајн, да следат други корисници, да комуницираат со нив во одговори на нивните или сопствените објави, или по пат на директни пораки, но и меѓусебно да се блокираат, имено речиси сѐ што сте го виделе и искусиле на Твитер го има и на Блу Скај.

За разлика од другите затворени платформи, Blue Sky е отворена социјална мрежа која на корисниците им дава избор, на програмерите слобода да градат и на креаторите независност на платформата“, ќе каже во една прилика портпаролката на оваа компанија, Емили Лиу, во изјава за USA Today. Портпаролката вели и дека платформата бележи рекордна активност според сите показатели, вклучително и по бројот на лајкови и заследувања. Корисниците велат и дека добиваат повеќе реакции (и дека тие се со подобар квалитет) на Блу скај споредено со другите платворми и покрај тоа што во почетокот на други места имале повеќе следбеници”,  вели Емили Лију, која додава дека најбитно е корисниците се забавуваат.

Блу Скај е делумно во сопственост на извршниот директор Џеј Грабер, а во управниот одбор на Блу Скај се и Џереми Милер (автор на услугата Џабр/Jabber), Мајк Масник (основач на технолошкиот блог Текдрт/Techdirt) и Кинџал Шах (генерален партнер на компанијата Блокчејн Капитал /Blockchain Capital).

Но, и покрај наводниот егзодус од платформата, Х забележа исклучително висока активност на денот на изборите во САД.

X имаше рекордни 942 милиони објави ширум светот и 15,5% зголемување на регистрациите на нови корисници на денот на изборите и следниот ден“, се вели во соопштението на XData. Од друга страна NBC News тврди дека биле забележани повеќе од 115 000 деактивации на сметки на X, што според нив е најголема бројка откако Маск ја презеде платформата.

Меѓу познатите корисници кои се префрлија на Blue Sky е, на пример, Гардијан кој објави дека десетици негови сметки на платформата Х, со приближно 27 милиони следбеници, ќе престанат да работат. „Веруваме дека во моментов придобивките од тоа да се биде на X сега се помали од негативните страни“, се вели во нивната колумна, каде се истакнува и дека платформата промовира „екстремно десничарски теории на заговор и расизам“.  Од познатите личности со голем број следбеници, најави за напуштање на X имаше од новинарот Дон Лемон и актерката Џејми Ли Кертис. А на платформата веќе подолго време не се ниту Елтон Џон, Вупи Голдберг, Џиџи Хадид и Шонда Рајмс, кои се откажаа од услугите на Твитер речиси веднаш по преземањето од страна на Илон Маск во 2022 година.

Како и да е, флуктуации во одливот и приливот на нови корисници X видел и порано. Колку Блу Скај е сериозен за преземање на приматот останува да видиме. За потсетување, многумина што кукаа и плачеа, па затвораа сметки по преземањето на Твитер и ребрендирањето во X, подоцна ги голтнаа солзите и молчешкум си се вратија назад.

Клучни зборови: