Рубрика: Астрономија и астронаутика
Безживотната Венера може да даде нов увид во потрагата по живот на друго место во универзумот
Објавено на 05.11.2024 - 12:00

И покрај неверојатно високите површински температури, вулканите што исфрлаат лава и облаците  од сулфурна киселина, ненаселената Венера нуди витални лекции за потенцијалот за живот на други планети, се вели во еден нов научен труд.

Честопати претпоставуваме дека Земјата е модел за животоподобност, но ако ја земете предвид оваа планета изолирано, не знаеме каде се границите и ограничувањата. Венера ни го дава токму тоа“, вели Стивен Кејн, астрофизичар од Универзитетот на Калифорнија Риверсајд и прв автор на споменатиот труд.

Трудот објавен во Nature Astronomy ги собира на куп добар дел од веќе познатите информации за Земјата и за Венера. Во него, Венера се опишува како почетна точка од која научниците можат подобро да ги разберат условите што ја исклучуваат можноста за развој и поддршка на живот на планетите околу други ѕвезди.

Наспроти густата атмосфера во која владеат услови како во експрес лонец и притисоци што во момент од човек би направиле палачинка, Земјата и Венера сепак споделуваат некои сличности. Имено, тие имаат приближно иста маса и радиус. Со оглед на близината на таа планета, природно е да се запрашаме зошто тогаш Земјата се развила сосема поинаку од нејзината “сестра”.

'Портрет' на Венера (лево) и на Земјата (десно)  

Многу научници претпоставуваат дека флуксот на инсолација, количината на енергија што Венера ја добива од Сонцето, предизвикала неконтролиран ефект на стаклена градина што ја уништил планетата.

Ако условно земеме дека сончевата енергија што ја добива Земјата изнесува 100%, тогаш Венера собира 191%. Многумина мислат дека токму затоа Венера се развила поинаку“, вели Кејн. „Но, дали? Венера нема месечина, којашто на Земјата ѝ дава нешта како плима и осека и која тука [на Земјата] влијае на количината на вода“.

Освен утврдувањето на прилините за некои од добро познатите разлики, преземањето повеќе мисии за истражување на Венера би помогнале и во расчистување на некои непознати работи. Имено, научниците не ја знаат големината на нејзиното јадро, низ што Венера поминала за да дојде до сегашната, релативно бавна стапка на ротација, како магнетното поле на планетата се менувало со текот на времето, или да се дознае нешто повеќе хемискиот состав на долниот дел од атмосферата на планетата.

Венера нема забележително магнетно поле. Ова можеби е поврзано со големината на нејзиното јадро“, вели Кејн. „Големината на јадрото, исто така, ни дава информации за тоа како планетата се лади. Земјата има обвивка која циркулира топлина од нејзиното јадро. Не знаеме што се случува во внатрешноста на Венера“.

Внатрешноста на карпестите планети влијае врз нивната атмосфера. Ова е случај кај Земјата, каде составот и условите во нашата атмосфера во голема мера се резултат на гасови од вулканско потекло.

Оваа литографија содржи слики на Венера од мисиите Пионер Венера, Магелан, TRACE и Венера Експрес. Слики: НАСА

НАСА веќе има во план двојни мисии за истражување на Венера што треба да се реализираат до крајот на оваа деценија, а Кејн е вклучен во обете. Планирано е мисијата DAVINCI да ја испита “киселата” атмосфера на Венера со цел да ја мери количината на благородни гасови но и на други хемиски елементи. Мерењата ќе се вршат од самиот влез во атмосферата до пристигнувањето на површината, а се очекува резултатите да им помогнат на научниците да создадат нови климатски модели и да можат полесно да го предвидат постоењето на сличен тип на атмосфера на други места во вселената, вклучувајќи ја и Земјата (со оглед на постојаното зголемување на јаглеродниот диоксид во нашата атмосфера)

Мисијата VERITAS, предводена од Лабораторијата за млазен погон на НАСА, нема да слета на површината, но ќе им овозможи на научниците да изработат детални 3Д реконструкции на пејзажот, откривајќи дали планетата има активна тектоника на плочи или вулкани.

Во моментов, нашите мапи на планетата се во добар дел нецелосни. Мошне поразлично е да се разбере колку е активна површината, наспроти тоа како таа можеби се менувала со текот на времето. Ни требаат двата вида информации“, вели Кејн.

Конечно, трудот се залага за преземање на повеќе мисии, од типот на споменатите за проучување на Венера, поради две главни причини. Една од нив е тоа што потоа Венера има потенцијал да се користи за своевидна сигурносна проверка за точноста на заклучоците за присуство на живот на подалечните планети, а за што се потребни подобри податоци. Имено, ако реално се размисли, при потрагата по живот на друго место во универзумот речиси неверојатно е дека кога и да е би имале податоци за некоја егзопланета од самото место. Според Кајн мошне тешко дека некогаш ќе отпатуваме до таму, ќе слетаме и ќе направиме директни мерења.

Ако сметаме дека на површината на некоја друга планета има живот, можеби никогаш нема да знаеме дали грешиме и би сонувале за планета со живот којшто не постои. Ова може да го промениме само со правилно разбирање на планетите со големина на Земјата коишто можеме да ги посетиме, а Венера ни ја дава таа шанса“, вели тој.

Друга причина за истражување на Венера е тоа што таа нуди увид во тоа како би можела да изгледа иднината на Земјата.

Една од главните причини за проучување на Венера е поради нашата света должност како чувари на оваа планета, за да ја зачуваме нејзината иднина. Јас се надевам дека преку проучувањето на процесите кои довеле до формирањето на денешна Венера, особено ако се покаже дека Венера имала поумерено минато што било уништено, носат лекции за нас, Истото може да ни се случи и нам. Прашањето е само како и кога“, заклучува Кејн.

Преземено од Phys.org

Клучни зборови: