Според соопштението за печат објавено од компанијата Митли, кучињата во Обединетото Кралство ќе бидат првите што ќе имаат можност да се хранат со со култивирано месо. Британската компанија Митли што ќе одгледува клетки од пилешко месо за да ги претвори во храна за кучиња, прва во Европа доби зелено светло за трговија со култивирано месо.
Сè повеќе луѓе се одлучуваат во нивниот живот да вклучат и четириножен пријател. Според проценките, само оваа година се очекува дека пазарот на храна за домашни миленици ќе порасне за 5%, што значи дека вкупниот промет на овој пазар се очекува да надмине 151 милијарда американски долари.
Чувањето куче е далеку од евтино, особено за жителите на ЕУ. Според истражувањето од 2019 година спроведено од италијанската Federconsumatori, грижата за куче со средна до голема величина ги чинело италијанските сопственици во просек од 1630 до 2421 евра годишно во првата година од животот, додека во следните години домаќинството за својот миленик треба да издвои околу 1427 до 2160 евра во годината.
Сликата е генерирана со ВИ
А освен економските трошоци, тука се и еколошките проблеми за ултрасовесните климатски активисти. Имено, според Ендрју Најт, професор на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот Мардок во Австралија, кој спровел и студија на оваа тема, „едно куче со средна големина има еколошки отпечаток еднаков на оној од човек“. Во САД, во 2020 година, кучињата и мачките консумирале во просек 20% од добитокот што се одгледува во оваа земја, додека во 2018 година овој процентот изнесувал 9% на глобално ниво.
Храната за кучиња произведена од култивирано месо би помогнала да се намали влијанието што нашите четириножни пријатели го имаат врз животната средина, а истовремено би го решил и таканаречениот “етички проблем” на љубителите на животни, кои мораат да ги хранат своите миленици со месо. „Наместо да убиваме 50 милијарди кокошки годишно, ќе можеме да произведеме бесконечно количество месо од едно јајце“, објаснува Овен Енсор директор во Митли.
Дебатата за култивираното месо во рамките на ЕУ станува сѐ пожешка, а овој чекор на ОК дополнително ќе ја вжешти. Во ноември минатата година, Италија одобри закон со кој се забранува производство, потрошувачка и маркетинг на „синтетичко“ месо (наречено култивирано) ; Франција е на истата бранова должина како и Италија – минатиот февруари нивниот премиерот кажа дека „синтетичкото месо не го одразува концептот на француска храна” и дека европската легислатива ќе добие јасни директиви за употребата на синтетичко месо. Но, работите стојат нешто поинаку во Шпанија, каде минатата година во Сан Себастијан започна изградбата на најголемата европска фабрика за синтетизирано месо.
Интересно е што одобрување на трговијата со синтетичко месо во Велика Британија беше возможно само по Брегзит, бидејќи британскиот судски систем е мошне поедноставен од европскиот.