Рубрика: Астрономија и астронаутика
Спектакуларно успешен тест на новата ракета на СпејсЕкс
Објавено на 14.10.2024 - 17:30

Новиот тест на СпејсЕкс беше целосно успешен – по раздвојувањето, бустер-ракетата се врати во роботските раце на лансирната рампа дoдека Старшип го продолжи својот лет и, точно според планираното, заврши во водите на Индискиот Океан.

Вселенскиот лет на Старшип (Starship) на СпејсЕкс (SpaceX), изведен вчера, на 13 октомври 2024 година, беше еден од најспектакуларните вселенски настани во последниве години. Компанијата на Илон Маск ја лансираше џиновската ракета Super Heavy-Starship на пробен лет, без екипаж, и речиси сигурно постави нова граница во воздухопловното инженерство. Ракетата на враќање беше прифатена со помош на огромните роботски раце инсталирани на лансирната рампа, потфат што  никогаш претходно не бил преземен, а успехот (од прва) може да претставува вистинска пресвртница за повторна употреба на ракетите. Оваа иновативна стратегија, веќе консолидирана со ракетите Фалкон, ќе овозможи драстично намалување на трошоците за идните вселенски мисии.

Ѕвездениот брод, откако се откачи од приот степен, продолжи на свој пат правејќи круг околу планетата за потоа повторно да навлезе во атмосферата над Индискиот океан. Притоа леталото успешно се справи со високите температури (до 3000ºC) предизвикани од триењето при влезот во атмосферата, за потоа контролирано да се спушти во океанот. Во споредба со претходните тестови, овој петти по ред тест покажа дека подобрувањата направени на леталото, особено промените во дело на заштитните плочки и клапи, функционираат одлично, и дека проблемите од претходниот лет се успено решени.

Но, ова не беше врвот на мисијата. За сите што тестирањето го следеа во живо, шлагот на тортата беше ‘фаќањето’ во лет на првиот степен од ракетата, кој беше компјутерски програмиран да се врати на лансирната рампа по одвојувањето од Старшип. Имено, иако СпејсЕкс веќе одамна практикува враќање на ракетите со контролирано слетување, она што овојпат го направи  исклучително спектакуларен е тоа што, во последната фаза од мекото спуштање, ракетата беше „зграпчена“ во лет од огромните механизирани раце на лансирната рампа. Ова иновативно решение дополнително ја зголемува ефикасноста и прецизноста на рекуперацијата на бустер-ракетата и  означува важен чекор кон конечната цел – ракетата да се направи целосно повторно употреблива, како што веќе е случај со бустерите Фалкон 9.

А што се случи со Ѕвездениот брод – Старшип? Тој мирно продолжи кон Индискиот Океан каде што слета. Имено, по разделбата, Старшип успешно ја заврши својата мисија, потврдувајќи ја валидноста на бројните модификации направени по четвртиот пробен лет. Камерите поставени на леталото ги регистрираа интензивните температури при повторното влегување во атмосферата, при што стомакот на леталото беше обвиен со црвеникав сјај. Слетувањето беше проследено со контролирана експлозија, која нема никакво значење за успехот на мисијата, со оглед на тоа што примарната цел на тестот за Старшип беше да се тестираат термичките и аеродинамичките перформанси.

Super Heavy-Starship е најмоќната ракета некогаш била направена, со двојно поголем потисок од легендарната ракета Сатурн 5 на НАСА и речиси двојно поголема од SLS-ракетата на НАСА. Ракетата, која се состои од два степена, е дизајнирана да биде целосно реупотреблива. Првиот степен, Супер Хеви, е долг 70 метри и е опремена со 33 мотори од типот Раптор на погон на метан, додека сегментот на Старшип (горниот степен)  е долг 49 метри и има 6 мотори од типот Раптор. И двата степена се дизајнирани за повторна употреба. Супер Хеви се враќа автономно на лансирната рампа, додека Ѕвездениот брод е дизајниран за мисии со долг дострел, до орбитата на Земјата, Месечината и, во иднина, Марс.

Каде ќе не однесе Starship на SpaceX во иднина? На Месечината? На Марс?

Иднината на Старшип е амбициозна. СпејсЕкс веќе потпиша договор со НАСА за изменета верзија на Старшип, кој ќе ги носи астронаутите на Месечината, со слетување во близина на Јужниот пол, во рамки на програмата Артемида (Artemis). Оваа верзија се очекува да биде готова до крајот на 2026 година.

Сепак, за Старшип да стигне на Месечината, СпејсЕкс најнапред ќе треба да го донесе во орбитата на Земјата, да лансира неколку “танкери” за надополнување на резервоарите од лендерот Старшип на пат кон орбитата на Месечината, и да гарантира на НАСА дека леталото е способно да слета и да се рестартира од Месечината, односно дека ќе може не само да ги однесе астронаутите до Месечината туку и да ги врати безбедно дома, на Земјата. Овие цели ќе бидат во фокусот на претстојните пробни летови на Старшип.

Клучни зборови: