Рубрика: Астрономија и астронаутика
Церера да ти била древен воден свет
Објавено на 02.10.2024 - 13:45

Церера е првиот воопшто откриен астероид. Во 1801 година бил забележан од италијанскиот астроном Џузепе Пјаци. Но, Церера е всушност единствената џуџеста планета во внатрешниот Сончев систем и најголем објект во главниот астероиден појас сместен помеѓу орбитите на Марс и Јупитер.

Научниците претходно тврдеа дека видливите кратери на површината на Церера значат дека џуџестата планета нема голема прекривка со мраз – помалку од 30%. Новото истражување објавено во Nature Astronomy покажува дека Церера не само што има многу мраз, приближно 90%, туку и дека некогаш во нејзиното древно минато таа била каллив океански свет.

Мислиме дека во близина на површината на Церера има многу воден мраз и дека [планетата] постепено станува сè помалку смрзната како што одите подлабоко и подлабоко [во нејзината внатрешност]“, вели коавторот на трудот Мајк Сори од Универзитетот Пердју во САД.

Џуџестата планета има радиус од околу 476 километри, што значи дека нејзиниот пречник изнесува околу една четвртина од оној на нашата Месечина.

Истражувачите се послужиле со компјутерски симулации за да покажат како било можно кратерите на Церера да се деформираат во текот на милијарди години поради присуството на вода.

Луѓето порано мислеа дека ако Церера е многу ледена, со текот на времето кратерите брзо ќе се деформирале, слично како глечерите што ‘течат’ на Земјата или налик на густ проток  од мед“, вели Сори. „Сепак, преку нашите симулации покажавме дека мразот може да биде многу поцврст во услови какви што владеат на Церера отколку што се предвидуваше, ако измешате само малку цврста карпа [во водата].”

Нашето толкување на сето ова е дека Церера порано била океански свет, како Европа [една од месечините на Јупитер], но со валкан, каллив океан“, вели Сори.

Дури и цврстите материи протекуваат гледано на долги временски периоди, а мразот тече полесно од карпите“, додава коавторот на трудот Јан Памерлау, докторант на Пердју. „Нашите компјутерски симулации претставуваат нов начин на кој мразот може да тече со само малку нечистотии измешани во мразот, што би овозможило кора којатшто е мошне богата со мраз едвај да тече дури и во текот на милијарди години.

Тимот тестирал различни состави на кора и открил дека високата содржина на мраз во близина на површината е најдобра за рекреирање на „опуштените“ кратери видливи на површината на Церера.

За мене возбудливиот дел од сето ова, ако сме во право, е тоа што имаме замрзнат океански свет прилично блиску до Земјата“, додава Сори. „Церара може да биде драгоцена точка за споредба за ледените месечини од надворешниот Сончев систем што поседуваат океани, какви што се месечината на Јупитер, Европа, и месечината на Сатурн, Енцелад“.

Тој се надева дека откритието поттикне идни вселенски мисии да ја посетат Церера.

Сметаме дека Церера е најпристапниот леден свет во универзумот. Тоа го прави одлична цел за идните мисии на вселенски летала. Некои од светлите карактеристики што ги гледаме на површината на Церера се остатоци од калливиот океан на Церера, сега главно или целосно замрзнат, кои избиле на површината. Значи, имаме место од каде би се собирале примероци од океанот на еден древент океански свет и каде што не е премногу тешко да се испрати едно вселенско летало“.

Клучни зборови: