Јадранското Море е дом на илјадници различни морски видови, вклучително и многу кои ги нема никаде на друго место. Новите палеонтолошки истражувања покажуваат дека до средината на 20 век, Јадранското Море имало жив и здрав екосистем пред работите ненадејно да се променат...
Анализата објавена во Proceedings of the Royal Society B покажува дека во 19 век и раните децении од 20 век трендот бил позитивен за морскиот живот во Јадранското Море. На пример, популациите на месојадни полжави и нивниот плен, школките, биле во пораст. Но, потоа нивната бројност нагло се намалува кон средината на 20 век. Во некои случаи, исчезнале цели популации.
Сепак, тоа ова се должи и на еден посебен вид на школка: обичната кошарска школка (Varicorbula gibba). Овој вид може да го забави својот метаболизам кога опстанокот станува потежок. Се појавува во изобилство во фосилните записи секогаш кога околината станува премногу “напорна” за другите видови да преживеат.
„Овој вид станал пораспространет и расте покрупен за разлика од претходно, бидејќи има помалку предатори и помала конкуренција од другите видови“, вели првиот автор на трудот Мартин Зушин, професор по палеонтологија на Универзитетот во Виена, Австрија.
Откритието е уште еден доказ во низата која јасно покажува дека човечката активност опасно го дестабилизирала морскиот екосистем на Јадранот.
„Од нашето истражување во северното Јадранско Море, можеме да кажеме дека составот на видовите во овие средини е многу поедноставен отколку што бил порано“, вели Зушин. „Денес на многу места недостасуваат предатори, пасатори и организми кои живеат на врвот на седиментот, додека популациите на други видови, како оние што се хранат од талогот и животните кои живеат во седиментот, станаа пообемни“.
Но тимот не ја истражувал само состојбата на популациите и бројот на видовите, тие се занимавале и со истражување на интеракциите помеѓу видовите. Повеќето видови фосили не дозволуваат ваков вид на анализа. Ова се случува затоа што трагите од каснување и други физички оштетувања коишто би укажале на интеракции предатор-плен ретко се зачувани во фосилните записи. Но, морските безрбетници кои поседуваат тврди надворешни обвивки, претставуваат исклучок. Имено, предаторите, како некои полжави, на пример, се гостат со суштествата од морското дно дупчејќиги нивните тврди оклопи за да дојдат до меката утроба. Други полжави, црви и октоподи, пак, еволуирале за дробење и мелење на школките.
Истражувачите ги испитувале историските трендови на екосистемот со зенање на длабински примероци во северозападниот дел на Јадранот долж устието на реката По во Италија и североисточниот залив на Трст. Научниците бараале продупчени школки за да утврдат колкава била интеракцијата предатор-плен со текот на времето.
Примероците покажале дека до средината на 19 век имало изобилство на предатори и плен. Предаторите, пленот и дупчињата во оклопите биле најобилни во тој период. Ова кореспондира со раните денови на индустријализацијата во Италија.
„Умереното зголемување на внесот на хранливи материи е добро за екосистемот“, објаснува Зушин. Но, мошне бргу овој влез ја преплавил животната средина и го поттикнал растот на алгите. Кога алгите умираат, тие тонат на морското дно каде бактериите ги разградуваат, при што се искористува голем дел од морскиот кислород. „Едноставно се внесот станал преголем, и целиот систем паднал“, вели Зушин. Обичните корбулидни школки можеби напредувале во овие услови во кои другите видови живуркале.
„Тие се помалку ранливи на пониски нивоа на кислород од некои од нивните конкуренти и можат брзо да се размножуваат“, вели коавторот Михал Ковалевски од Природонаучниот музеј на Флорида, САД.
Во тек се напори за намалување на загадувањето што доаѓа од италијанските реки. Примероците од реката По покажувааг дури и мало неодамнешно зголемување на продупчени школки во седиментот, што укажува на одредено подобрување. Но, конзервацијата, предупредува Зушин, ќе биде уште потешка со подолго одложување на преземање на мерки за заштита.
„Деградацијата на животната средина е исклучително скапа. Не можете ни да ја квантифицирате, затоа што нешто кое исчезнало, а имало огромно влијание врз квалитетот на животот, не може да се преведе во парична вредност“.