Бананите, јогуртот, пченицата и овесот можеби се поврзани со поголем ризик од развој на дијабетес тип 1 кај децата кои се генетски предиспонирани за развој на болеста. Врската сè уште не е потврдена, па почекајте, прочитајте и размислете пред да ги исфрлите овие намирници од исхраната.
Една финска студија укажува дека децата кои се генетски предиспонирани за дијабетес тип 1, а кои консумираат банани, јогурт, пченица и овес, би можеле да бидат изложени на поголем ризик од развој на оваа болест, додека оние кои јадат јагоди, боровинки, брокула, зелка и карфиол би биле подобро заштитени. Наодите се презентирани на годишниот состанок на Европската асоцијација за проучување на дијабетес (European Association for the Study of Diabetes).
Истражувачите од Финскиот институт за здравје и благосостојба ја анализирале исхраната на 5674 деца со генетски предиспозиции за развој на дијабетес тип 1, од раѓање до шестгодишна возраст. Кај 94 од нив болеста се развила во рок од шест години, додека 206 од нив развиле автоимунитет на инсулин (што повлекува поголем ризик од добивање дијабетес тип 1). Анализирајќи 34 различни категории на храна, истражувачите откриле дека бананата, овесот, јогуртот и пченицата можеби се поврзани со поголем ризик од развој на дијабетес тип 1.
Не е јасно зошто е тоа така, но истражувачите претпоставуваат дека пестицидите содржани во некои овошја (како бананите), но не и во други (какви што се боровинките) можат да влијаат врз автоимуните процеси на телото. Понатаму, полифенолите присутни во боровинките можат да помогнат за намалување на воспалението поврзано со развојот на дијабетес тип 1.
Мошне важно е точно да се разберат причините скриени зад оваа поврзаност, бидејќи ако, на пример, откриеме дека боровинките имаат супстанца што штити од дијабетес, би можела да го искористиме овошјето или самата супстанција за да го спречиме почетокот на болеста.
Како и да е, сепак е прерано да се даваат совети за некаков режим на исхрана којшто треба да се следи, особено затоа што бананите, јогуртот и овесот се намирници кои се квалификувани како дел од здравата исхрана за деца, како и за возрасни.