Драматични температурни промени и промени во врнежите доаѓаат за 70% од светската популација во следните 20 години. Промените се должат на високите емисии на стакленички гасови. Вака вели истражувањето чиишто резултати се објавени во Nature Geoscience. Истражувањето вели и дека драматичното намалување на емисиите би ја намалило оваа бројка на 20%.
Со цел да ја испитаат брзината на метео промените што треба да ја очекуваме во наредните две децении, норвешко-британскиот истражувачки тим користел обемна збирки симулации од климатски модели.
„Се фокусираме на регионалните промени, поради нивната зголемена важност за искуството на луѓето и екосистемите во споредба со глобалната средина, и идентификуваме региони за кои предвидуваме дека ќе доживеат значителни промени во стапката на еден или повеќе индекси на екстремни настани во текот на следните децении“, вели водечкиот автор на трудот д-р Карли Ајлс, истражувач во Центарот за меѓународни климатски истражувања ЦИЦЕРО, Норвешка.
Тимот ги моделирал временските промени според 2 различни сценарија истакнати на Меѓувладиниот панел за климатски промени (Intergovernmental Panel on Climate Change – IPCC). Нивното сценарио за „високи емисии“ претпоставува дека емисиите на стакленички гасови ќе продолжат значително да растат, предизвикувајќи затоплување од 3,3°C до 5,7°C до крајот на векот, додека сценариото за „ниски емисии“ претпоставува намалување на емисиите на нето нула од прилика до 2075 година, а светот ќе се загрее за 1,3°C до 2,4°C до 2100 година.
Независниот проект Climate Action Tracker проценува дека сегашните глобални политики ќе предизвикаат емисии и затоплување некаде помеѓу овие два ‘екстрема’.
Во сценариото со високи емисии, истражувачите открија дека големи делови од тропските и суптропските предели ќе забележат многу високи стапки на промена на температурата и на екстремните врнежи. Во овие области живее околу 70% од светското население!
Според сценариото за пониски емисии, 20% од светското население би ги доживеало овие драматични трендови.
Истражувачите истакнуваат дека временските екстреми кои брзо се менуваат, може да имаат „особено силни влијанија“, како што се опасностите од екстремни топлотни бранови и поплави во области каде не се навикнати на нив.
„Единствениот начин да се справиме со ова е да се подготвиме за ситуација со многу поголема веројатност за невидени екстремни настани, веќе во следните 1-2 децении“, вели коавторот на студијата д-р Бјорн Самсет, исто така од ЦИЦЕРО.
„Исто така, откриваме дека брзото чистење на загадениот воздух, главно над Азија, доведува до забрзано локално зголемување на топлинските екстреми и влијае на азиските летни монсуни“, додава коавторката д-р Лора Вилкокс, истражувач на Универзитетот во Рединг, Велика Британија. „Иако чистењето на воздухот е критично од здравствени причини, загадувањето на воздухот маскираше некои од ефектите од глобалното затоплување. Сега, неопходното чистење може да се комбинира со глобалното затоплување и да придонесе за многу силни промени на екстремните метео услови во наредните децении“.