Еден од пет луѓе кои се во состојба на кома можеби е случај на „заклучена личност“. Ова значи дека тој/таа е свесен за својата околина, но не може да комуницира. Едно големо истражување покажа дека некои од луѓето кои имаат сериозно оштетување на мозокот можат да извршуваат сложени ментални задачи според зададени барања и покрај тоа што не можат да се движат или да зборуваат.
Феноменот беше полесно да се отфрли „кога се мислеше дека се работи за ретка појава“, вели Николас Шиф од медицинскиот колеџ Вејл Корнел во Њујорк. Но, сега, со оглед на најновата студија, „никој не може да го игнорира“. Луѓето со таканаречени нарушувања на свеста се или во кома или во вегетативна состојба, при што не покажуваат свесност за својата околина, или се во минимално свесна состојба, при што покажуваат повремени знаци на возбуда (како отворање на очите, на пример), но минимална свесност . Во 2019 година, истражувачите открија дека секој десетти од овие лица можеби е заклучена личност.
За да откријат дали лекарите можеби не забележуваат дел од луѓето кои се во оваа состојба, Шиф и неговите колеги ги снимале мозоците додека спроведувале и тестови за однесување на 353 лица со сериозно оштетување на мозокот во тек на осум години, во шест меѓународни центри.
Учесниците биле замолени во времетраење од 15 до 30 секунди да размислуваат за изведување низа активности, како што се играње тенис, пливање, стегање тупаница или шетање низ нивниот дом, пред да застанат и повторно да размислуваат за активноста. Постапката била повторена седум пати во текот на 5 минути.
Кај луѓето без нарушувања на свеста овие мисли произведуваат посебна мозочна активност што може да се идентификува со помош на снимки со магнетна резонанца (MRI) или електроенцефалограм (ЕЕГ). Меѓу 353 лица со оштетување на мозокот, 241 не покажале надворешен одговор на вербалните команди. Но, од нив, 25% покажале мозочна активност што се совпаѓа со онаа на волонтерите без оштетување на мозокот. За оние кои се во кома или во вегетативна состојба конкретно, бројката изнесувал 20%.
„Ова се мошне тешки задачи – обидете се да размислувате за пливање со постојани прекини во интервали од по 5 минути“, вели Шиф. „Не знаеме што точно доживуваат, но фактот дека тие можат да го направат тоа значи дека постојат многу добри шанси дека се свесни“.
Проценките укажуваат дека во светот има некаде помеѓу 300 000 и 400 000 луѓе со продолжено нарушување на свеста, вели Шиф, што значи дека околу 100 000 од нив можеби имаат прикриена свест.
Според Раанан Гилон, почесен професор по медицинска етика на Империал колеџ во Лондон, оваа студија е од огромно значење. За многу луѓе, одржувањето во живот во несвесна состојба претставува во најдобар случај залудна, а во најлош одвратна практика, смета тој. „Меѓутоа, ако постои значителна веројатност дека недостатокот на свест е само привиден, како што укажуваат овие студии, може да се предвиди дека повеќе луѓе би сакале да ги одржат во живот и да бидат консултирани за нивните желби пред да се донесе одлука за прекин на третманот за одржување во живот“. Според него овие студии ја истакнуваат потребата од реевалуација на повеќе етички прашања, вклучително и почитувањето на автономијата на луѓето и нивните човекови права.
Резултатите, исто така, покренуваат прашања и за правичноста во однос на пристапот до магнетна резонанца и ЕЕГ, вели Ерин Пакет од Универзитетот Нортвестерн во Илиноис. „Ако неспецијализираните центри немаат пристап до овие технологии, тогаш пациентите во тие центри можеби нема да ги имаат истите можности како другите за да го променат текот на нивниот живот“.
Интерфејсите мозок-компјутер (BCI) би можеле да обезбедат начин за двонасочна комуникација за луѓето со нарушувања на свеста, но тие вообичаено не се користат кај оваа група, вели Шиф. Една неодамнешна студија покажа дека би биле потребни само 30 минути за да се обучи BCI да ја трансформира мозочната активност поврзана со обидот за говор во текст испишан на екран.
„Зошто да не им ги дадете на оние со нарушување на свеста за да видат дали можат да го искористат за да комуницираат?”, вели Шиф. „Во најлош случај добивате две недели корисни податоци, во најдобар случај ги ослободувате [овие луѓе]“.
Резултатите од истражувањето се објавени во New England Journal of Medicine