Рубрика: На граница на науката
Биоцентризмот и квантната теорија велат дека сме бесмртни!?
Објавено на 01.08.2024 - 19:45

Деновиве во видокруг ни влезе едно интересно видео за радикалната идеја на биоцентризмот според која животот го создава времето, просторот и самиот космос, како и последиците што произлегуваат од неа – паралелни универзуми, неуништливост на свеста на набљудувачот, а зошто да не и бесмртност на квантно ниво.

Дали човечката свест ја создава реалноста? Дали постои физичка реалност која е независна од нас? Дали воопшто постои објективна реалност? Или структурата на сè, вклучително и времето и просторот, е создадена од перцепциите на оние што го набљудуваат?

Со биоцентризмот како идеја за првпат ве запознавме во 2010 година во статијата “Биоцентричен универзум”. Првичното претставување на идејата, Роберт Ланца (Robert Lanza) го направи во напис во American Scholar во 2007 година, по што во 2009 идејата доби и свое прво книжевно заокружување во насловот “Биоцентризам: Како животот и свеста се клучни за разбирање на универзумот” (Biocentrism: How Life and Consciousness are the Keys to Understanding the Universe). Теоријата наиде на мешан прием во научната заедница. Добар дел за книгата кажаа дека е “интересно философско четиво” и ништо повеќе и дека дека не менува ништо во досегашните научни откритија и сознанија.

Три книги и 11 години подоцна, група автори на научен труд објавен во Journal of Cosmology and Astroparticle Physics, велат дека биоцентризмот сепак има основа во доменот на квантната физика. Квантните физичари Дмитри Подолски и Андреј Барвински, заедно со Роберт Ланца, во овој труд покажуваат како набљудувачите влијаат на структурата на нашата реалност. Импликациите се дека набљудувачите се одговорни за одредување на физичката реалност, односно дека тие ги генерираат структурите на времето и просторот.

Привидната неусогласеност на овие две објаснувања на нашиот физички свет, со квантната механика што ги гледа молекуларните и субатомските нивоа и општата релативност на интеракциите помеѓу масивните космички структури, како галаксиите и црните дупки, исчезнува откако ќе се земат предвид својствата на набљудувачите.

Трудот би можел да помогне во обединување на двете клучни теории во физиката – квантната механика и општата релативност, давајќи нов увид во таканаречената “Божја равенка”.  Но, она што е интересно е што повлекува и низа прашања: Дали живееме во симулација?, Како набљудувачите ја креираат реалноста? Дали изборот креира нов универзум? и Како свесноста останува вечно присутна?

Видеото со наслов “Квантната теорија докажува дека никогаш не умирате” нуди брз преглед на квантната теорија, повикувајќи се на биоцентризмот, и наизглед ја докажува бесмртноста.

* За тие што не го владеат англискиот јазик, каналот нуди опција за автоматски, машински превод на видеото. Процедурата за вклучување е следна – кликнете врз иконата Settings, запченикот во долниот десен агол, и изберете ја опцијата Subtitles/CC. По ова изберете Auto-translate и од листата со понудени јазици изберете Macedonian.

Клучни зборови: