Русија објави дата за почеток на изградбата на сопствена вселенска станица што ќе користи нови технологии и ќе биде домаќин на астронаути само доколку тоа е потребно.
Тешко е да се каже дали нова голема вселенска станица има смисла, за една земја или за човештвото во целина, по искуството на Меѓународната вселенска станица која се очекува да биде деорбитирана во 2031 година. Вселенската станица донесе големи научни и технолошки достигнувања, но по цена најмалку двојно поголема од првично проценетата.
Како и да е, Русија стави до знаење дека почнувајќи од 2027 година ќе ја започне грабата на целосно нова вселенска станица именувана како Руска орбитална сервисна станица (РОСС), којашто ќе им се приклучи во орбитата на веќе изградената кинеска и неколку мали приватни вселенски станици што треба да бидат изградени во следниве неколку години. Официјалното соопштение пристигна деновиве од врвот на Руската вселенска агенција – Роскосмос (чија веб-страница во моментов е недостапна за „западниот свет“), а го пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Првиот модул на станицата, во форма на крст, ќе се состои од модул за научно истражување и за погонување на РОСС. Модулот треба да биде лансиран во квазиполарна орбита во 2027 година. Русија планира до 2030 година да ги однесе во орбита четирите главните модули, а потоа уште два модула ќе бидат поврзани до 2033 година. Во соопштенитето повеќе се збори за вториве модули, бидејќи тие се сметаат за „посебни“.
Роскосмос планира да ги испрати првите космонаути на станицата во 2028 година и соопшти дека станицата може да работи и без екипаж. Овој аспект е мошне битен со оглед на тоа што присуството на човекот во вселената е врзано со високи трошоци. Една од хипотезите предвидува космонаути да се испраќаат до станицата само за започнување на експериментите што потоа може да се одвиваат и без присуство на човек. Човек би интервенирал само во случај на потреба или за да ги врати експериментите назад на Земјата, со што во голема мера се намалуваат трошоците за управување со станицата.
РОСС треба да биде поставена на иста височина како и Меѓународната вселенска станица – на околу 400 км над површината на Земјата, во поларна орбита, којашто е особено корисна ако сакате да ја набљудувате целата површина на планетата а дава и одличен поглед на морската површина, на северните предели, кои се од голем интерес за Русија за поморски транспорт и за идни истражувања на морското дно. Трошоците за изградба на РОСС се проценети на приближно 7 милијарди американски долари.
И оваа сума треба да се земе со резерва. Имено, кога започна изградбата на МВС, се зборуваше дека се работи за инвестиција од 50 милијарди американски долари, сума што подоцна беше многупати надмината. Денес може да кажеме зборуваме дека биле потрошени преку 100 милијарди американски долари од различни нации кои учествуваат во мисијата.
Исто така треба да се има предвид и дека конструкцијата на РОСС зависи од успехот на следната генерација големи ракети Ангара А5, која веќе имаше три успешни тестови во орбиталниот лет во 2014 година и делумен неуспешен тест во 2021 година. Изградбата на новата орбитална станица веројатно ќе трае долго, а сосема извесно ќе се потпира и на вештачка интелигенција, поле во кое Русите доста инвестираат и веќе се вбројуваат помеѓу светските лидери.
Но, за новата станица Русија ќе побара помош и од други земји. Според дизајнерот Владимир Соловјов од вселенската ракетна компанија Енергија, РОСС би можел да има и „невообичаени“ перформанси како, на пример, лет во формација и контролирање на “јато” помали сателити, што е целосна новост за вселенските истражувања. „Ова ‘јато’ ќе лета во близина на станицата и тоа ќе донесе целосно нови задачи за контролата на целата мисија, со оглед на тоа што никој никогаш не се обидел да направи такво нешто“, вели Соловјов.
Русија во моментов размислува да покани земји како Бразил, Индија, Кина и Јужна Африка за учество во овој потфат, како и некои други африкански земји. Во секој случај, Русија треба да ја продолжи соработката со земјите кои работат на МВС најмалку до 2028 година, година во која, сепак, сегашната орбитална станица ќе го започне својот бавен крај, планиран за 2031 година, со навлегување во атмосферата и контролиран пат на земјата, при што би требало целосно да согори.