Во следните неколку месеци, една ѕвездена експлозија оддалечена 3000 светлосни години од нас се очекува да стане толку сјајна што би требало да биде видлива и со голо око. Експлозијата на нова во ѕвездениот систем T Coronae Borealis т.е. Северна круна, се случува приближно секои 80 години, при што нова експлозијата е видлива што од речиси секоја точка на Земјата.
Последен пат експлозија на нова во овој ѕвезден систем била видена во 1946 година, а следниот настан се очекува да се случи секој момент, почнувајќи од сега до септември. Притоа астрономите очекуваат ѕвездата да биде видлива со голо око, но само во период од неколку дена.
Д-р Ендрју Зик, радио астроном во CSIRO, вели дека нова експлозиите вообичаено се последица од термонуклеарните експлозии на површината на ѕвездите од типот на бели џуџиња.
„Тие се во орбита околу џиновска ѕвезда, вообичаено црвен џин, и цицаат материјал на нивната површина од тој придружник – во основа тие ја јадат другата ѕвезда“, вели Зик. „На крајот, она што се случува е тоа што на површината од ова бело џуџе е собран доволно материјал што тој повеќе не може да се задржи, па затоа експлодира“.
Иако нова експлозиите може да бидат еднократни настани, астрономите познаваат и неколку повторливи нова настани од ѕвездени системи кои редовно собираат и исфрлаат материјал.
„Бевме во можност да проучиме неколку од овие видови системи претходно. Но, оваа [експлозија] е возбудлива, бидејќи е една од најблиските повторливи нова-и што ги знаеме и ќе биде видлива со голо око“, вели Зик.
НАСА предвидува дека ѕвездениот сјај ќе достигне до магнитуда 2. По неколку дневен блесок ѕвездата ќе стане потешко забележлива, но сепак ќе биде лесно видлива при набљудување на небото со телескоп или со двоглед.
Оваа нова експлозија ќе биде добра можност за радиоастрономите да го проучат механизмот на нова одблиску. Освен тоа се очекува експлозијата да генерира куп податоци за бинарниот ѕвезден систем.
Повеќе за оваа повторлива нова може да прочитате во Средновековен ракопис опишува повторлива нова што ќе се види и во 2024 година