Предисториската населба Тумба Маџари во Скопје е археолошки локалитет кој со своите уметнички и естетски вредности на материјалната и духовната култура е веќе потврден во научните кругови. Новото откритие од актуелните археолошки истражувања на локалитетот Тумба Маџари е фигурина од типот на „Големата мајка“.
Новооткриената фигурина, претстава на “Големата Мајка”, се разликува од досега откриените примероци на другите локалитети во Скопскиот регион, во с. Говрлево, с. Мршевци и с. Орман. Во текот на ископувањата биле откриени остатоци од една или две куќи и во нив археолошки материјал кој бил дел од жителите на оваа населба, стара 8000 години.
Откритието е претставено при посетата на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на неолитскиот локалитет.
“Наша обврска и задоволство е да дадеме засилена поддршка на партнерскиот однос во грижата за локалитетот што речеси две децении заеднички ја негуваат Археолошкиот музеј и Општина Гази Баба, како успешен пример на соработка меѓу националните институции и локалната самоуправа. Овој локалитет ќе се прогласи за културно наследство од особено значење и „Тумба Маџари“, како дел од урбано Скопје, повидливо ќе се стави и во функција на културниот туризам”, пишува Љутков на неговиот фејсбук профил.
Новооткриената фигурина и уште една амфора со својата уникатна ликовна интерпретација претставуваат значајни предмети што ја збогатуваат ризницата на раритетни откритија на тлото на Македонија и им даваат посебна ексклузивност на македонската археологија, историја и култура.
Според најавите, во следниот период истражувањата се очекува да бидат насочени кон добивање археоботанички и археозоолошки податоци, со што би се дополниле сознанијата за исхраната и економијата на нашите претци од оваа населба, и генерално за периодот на неолитот на територијата на Македонија.
Со оглед на тоа што археолошките истражувања на локалитетот годинава продолжуваат по десетгодишен застој, раководителката на проектот, археологот Елена Стојанова-Канзурова, посочи на уникатноста на наодите од Скопскиот и од Пелагонискиот Регион од неолитскиот период во светски рамки и токму поради тоа најави апликација за нивно впишување на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.